Активности

Понеделник, 8 февруари 2021

Средба на Никола Мицевски со директорот на Фондацијата Конрад Аденауер, Даниел Браун

Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, заедно со пратениците Тимчо Муцунски, Жаклина Пешевска и Јован Јаулески, остварија средба со новиот директор на Фондацијата Конрад Аденауер во земјава, Даниел Браун.

На почетокот, координаторот Мицевски, во име на присутните пратеници и на целата Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, му посака добредојде на Даниел Браун, но и успешна работа како нов директор на Фондацијата Конрад Аденауер.

На оваа средба се отворија многу актуелни прашања, проблеми и предизвици со кои се соочуваме како држава во овој момент. Се разговараше за моменталната блокада за отворање на пристапните преговори со ЕУ, за проблемите со коишто се соочуваме во моментов со Република  Бугарија, за сѐ поголемиот број млади лица кои заминуваат или имаат намера да заминат од земјава, за пописот и проблемите околу неговото спроведување, за катастрофалната состојба со загадениот воздух и животната средина во целост, за проблемите, последиците и предизвиците од КОВИД кризата.

Исто така, на средбата се отворија и прашањата околу функционалноста на Собранието, злоупотребата на европското знаменце и носењето на голем број  закони по скратена постапка. Се разговараше и за соработката помеѓу сите пратенички групи, соработката помеѓу пратеничките групи и Владата, и други слични теми поврзани со работата и делокругот на Собранието и пратеничките активности во рамките на Собранието.

Координаторот Мицевски, покрај за актуелните предизвици и проблеми коишто се присутни во нашата држава и во Собранието, упати благодарност и за досегашната сериозна поддршка и плодна долгогодишна соработка со Фондацијата Конрад Аденауер и, како што рече тој, се надева дека така ќе продолжи и во иднина. 

На денешната средба, Жаклина Пешевска, како актуелна пратеничка, но и како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, се осврна на прашањата кои се поврзани со застапеноста на жените во политиката и Собранието, односно со родовата еднаквост на политичката сцена, како и за активностите кои ги преземаат и реализираат поврзани со оваа тема.

Пратеникот Јован Јаулески, како поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а сега актуелен пратеник и директен претставник на младите во Собранието, се осврна на економските, социјалните, егзистенционалните и образовните проблеми со кои се соочуваат младите. Тој на оваа тема посочи неколку важни показатели кои ја отсликуваат реалната состојба за статусот на младите во нашата држава и нивната желба што побргу да ја напуштат нашата држава. Јаулески напомена дека и покрај лошата состојба на младите во државата, Фондацијата Конрад Аденауер е докажана како најголем поддржувач на младите во нашата држава, покажувајќи го тоа и помагајќи на многу начини досега.

Пратеникот Тимчо Муцунски се осврна на предизвиците со кои се соочува Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и недостигот на стручна и политичка соработка помеѓу пратениците од различните партии и пратенички групи.  Тој, исто така, посочи и на проблемот со потценувањето и девалвирањето на Парламентот и пратениците како директни претставници на народот од страна на власта. Но, сепак, како што нагласи тој, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе остане силно мотивирана и ентузијастички расположена и во иднина да продолжи да работи со полна пареа, со цел обезбедување на подобар живот и животен стандард за граѓаните.

На крајот, сите присутни заеднички заклучија дека ваквата соработка на различни полиња е добитна комбинација за нашата држава и за подобрување и поефикасно решавање на проблемите, како и дека единствената цел на земјава е час поскоро да се одблокира процесот на отворање на пристапни преговори за полноправно членство во Европската Унија.

Click