Активности

Среда, 3 март 2021

Средба на Панчо Минов со романската амбасадорка Адела Моника Аксинте

Претседателот на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Романија, Панчо Минов, оствари средба со романската амбасадорка Адела Моника Аксинте.

На почетокот од средбата, Минов ѝ ја честиташе новата функција на амбасадорката и ѝ посака успешна работа и плодна соработка. Исто така, изрази благодарност за досегашната соработка меѓу Пратеничките групи и работните тела, како и за романската поддршка на нашата земја за членството во НАТО и аспирациите кон Европската Унија. 

Романската амбасадорка, од своја страна, ја потенцираше добрата соработка како сојузници во НАТО и целосната поддршка за членство во ЕУ, и во таа насока  апелираше да се продолжи со реформскиот пат, што ќе донесе бенефит за граѓаните. Исто така, таа информираше дека во декември во Романија се одржале парламентарни избори, и затоа сѐ уште не е формирана Пратеничка група за соработка со нашата земја, но очекува тоа да се случи наскоро.

Соговорниците покажаа отвореност за интензивирање на парламентарната соработка, особено во споделување на романските искуства во делот на усогласување на законодавството со ЕУ. Исто така, беа согласни дека со оглед на одличните билатерални односи, има добра основа за унапредување на соработката и на полето на економијата, културата и трговијата. Во овој контекст, Минов потсети на збратименоста на Тиквешкиот регион со романскиот регион Вранча и можноста за зголемен пласман на вината на двата пазара, а постои можност и за инвестирање во фармацевтската индустрија. 

Click