Активности

Четврток, 4 февруари 2021 година

Средба на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Италија со амбасадорот Силвестри

Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Италија, денеска, оствари средба со италијанскиот амбасадор, Н.Е. Андреа Силвестри. 

На средбата, покрај претседателот на Групата, Елми Азири, присуствуваа и членовите: Силвана Ангелевска, Даниела Христвоа, Благица Ласовска, Белќиса Зеќири, Бети Рабаџиевска-Наумовска и Бастри Бајрами.

Претседателот на Групата, Азири му посака добредојде на амбасадорот Силвестри, успешна работа и пријатен престој во нашата земја. Тој со особено задоволство ги истакна билатералните односи помеѓу двете земји, кои се традиционално добри и пријателски, а економската соработка го одржува долгогодишниот тренд - Италија во повеќедецениски континуитет е меѓу десетте економски и трговски партнери на Северна Македонија.

Исто така, многу значајна за нас е и силната поддршка од италијанската страна, во сите клучни фази на евроатланските интеграции, а ние како земја остануваме посветени на спроведување на реформските процеси, одржувањето на политичкиот дијалог, добрососедските односи, како и подготовката за отпочнување на преговорите со Унијата.

Амбасадорот Силвестри изрази задоволство од можноста да биде дел од оваа средба во домот на демократијата, како место за дебата, окарактеризирајќи ги односите меѓу двете земји како доста силни, со многу врски кои ги поврзуваат од економски, социјален, но многу повеќе политички аспект. Тој изрази жалење што отпочнувањето на преговорите со Европската Унија не се случи во декември минатата година, но реформите на полето на правдата, владеење на правото, борбата со корупцијата, се клучни реформи и не само за ЕУ пристапувањето, туку пред сѐ за самите граѓани. Во однос на ЕУ проширувањето, тој смета дека билатералните прашања не треба да бидат дел од преговарачката рамка. 

За македонската миграција кон Италија, која е еден голем феномен, каде македонските граѓани работат и живеат и обратно, амбасадорот посочи дека се мост којшто овозможува поголема соработка.
Членовите на Групата со амбасадорот разменија мислења и искуства околу актуелните состојби во државата, предизвиците со кои се соочуваме во однос на светската пандемија, владеење на правото, борбата со корупцијата, односите со соседите, евроинтегративниот пат, како и развој на инфраструктурата и Коридорот 8.

На крајот од средбата, Азири го реафирмираше ставот дека остануваме отворени за натамошна заемна поддршка и соработка и на мултилатерален план, а по олеснувањето на рестриктивните мерки, ќе се реализираат најавените средби и посети на Италија.

Click