Активности

Петок, 29 јануари 2021

Средба на пратеникот Костадинов со евроамбасадорот Гир

Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Костадин Костадинов, вчера оствари средба со евроамбасадорот Дејвид Гир.

На средбата беа изнесени мислења за актуелните состојби во Собранието и за работата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Беше истакното значењето на Собранието за развојот на демократските процеси во Републиката, бидејќи Собранието е и носител на законодавната власт, но и претставнички орган на граѓаните. Беше укажано на изразената поларизација, состојба присутна и во Собранието и во општеството во целина, а чие надминување ќе се оствари преку отворена влада и конструктива опозиција.   

Амбасадорот Гир го истакна значењето на Комисијата за прашања на изборите и именувањата за остварувањето на надлежностите на Собранието при изборот и именувањето на носителите на јавни функции.

Предлагањето на стручни и компетентни лица, согласно условите кои ги бараат законите и транспарентното работење на Комисијата, претставуваат предизвик за Комисијата и за него, како нејзин претседател, истакна Костадинов. Напомена дека јавните расправи со учеството на невладините организации и на самите кандидати се добра можност за остварување на овој предизвик. Како примери ги наведе изборот на Државната комисија за спречување на корупцијата и на неодамнешниот избор на составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кога на јавната расправа беа поканети и кандидатите и сите невладини организации кои на кој било начин го третираат прашањето на заштитата од  дискриминација. Оттука, според Костадинов, со оглед на тоа што Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги при изборот на составот и на Советот на Агенцијата за  аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Програмскиот совет на МРТ утврдува одржување на јавна расправа со невладини организации, кандидатите и други заинтересирани институции, е добра основа преку транспарентна постапка да се изборат квалитетни и компетентни лица без политички влијанија. Изборот на овие совети се од значење за Републиката, истакна Костадинов, поради што се предлагаат измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во делот на потребното мнозинство за нивниот избор и потсети дека во државите членки на Европската Унија има различни модели на уредување на ова прашање, но никаде не е предвидено посебно мнозинство. 

На крајот од средбата, амбасадорот Гир истакна дека Европската Унија останува отворена за соработка со Собранието и се надева дека наскоро ќе бидат надминати голем дел од отворените проблеми. 

Click