Активности

Четврток, 11 февруари 2021

Средба на пратеникот Крмов со хрватската амбасадорка Тигањ

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, оствари средба со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, на која беше изразено задоволство од пријателските односи меѓу двете земји, кои немаат отворени прашања и имаат одлична соработка.

Во отворена дискусија, хрватската амбасадорка имаше можност да ги слушне ставовите на пратеникот Крмов и воопшто на Левица како партија. Притоа, таа пројави интерес за мислењата околу актуелниот попис, европскиот пат на земјава, политиката кон соседите, работата во законодавниот дом и др.

Пратеникот Крмов ја запозна амбасадорката со клучните ставови на Левица по повеќе прашања, притоа информирајќи дека нивниот рејтинг е многу пораснат, пред сѐ од младите во земјава и разочараното гласачко тело, а што се должи на, како што рече, искрените настапи на собраниската говорница. Нивната улога на политичката сцена ја опиша како разбивање на бипартизмот.

Во продолжение, Крмов го истакна покритичниот став за реформските процеси, проевропската ориентација и против зачленувањето во НАТО. Зборуваше и за Охридскиот и за Преспанскиот договор, и, во тој контекст, пројави скептицизам за евентуален бугарски договор. Тој е за компромиси, но не асиметрични договори, односно мора да постои реципроцитет во добрососедските односи. Како партија се залагаат за потврди ставови на нашата земја, со оглед на тоа што интересите на странскиот фактор, не секогаш се и наши интереси. Иако сме мала земја, треба да имаме достоинство како големите земји, рече Крмов.

Како што објасни, тие се партија која се обраќа класно, од долу, па нагоре, значи почнувајќи од сиромашните. Во таа насока, се залагаат за крај на националшофинистичката внатрешна политика, грижа за обичните граѓани и градење социјален консензус.

За иднината на политичката сцена, влегувањето во влада на Левица би било принципиелно, не по секоја цена, а своите принципиелни барања ќе ги базираат на нивната политичка сила.

Click