Активности

Вторник, 26 јануари 2021

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Дирк Јан Коп  

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери се сретна со амбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. Дирк Јан Коп. 

Претседателот изрази благодарност за холандската поддршка на политиката на проширување на ЕУ како и силната поддршка на Република Северна Македонија во процесот на спроведувањето на реформите. Тој изрази жалење што во текот на германското претседателство со Европската Унија не беа надминати разликите со Бугарија и со тоа не беше отворен патот до првата меѓувладина конференција. 

Нагласувајќи дека каналите за комуникација остануваат отворени и дијалогот меѓу двете држави продолжува, Џафери изрази надеж дека во претстојниот период разликите ќе бидат надминати. Тој потенцираше дека владејачкото мнозинство формирано по изборите во јули, останува целосно посветено на европската агенда и продолжува интензивно да работи на реализација на сите активности за европеизација на земјата и нејзиното приближување кон евроатланските структури.  

Амбасадорот Јан Коп и одаде признание на државата што во услови на техничка влада, вонредна состојба и пандемија, успеа да одржи фер и демократски избори и во кратко време да формира Влада. Фактот што Република Северна Македонија доби зелено светло за отпочнување на преговорите во март 2020 година, според Јан Коп значи дека, прашањето за членство на државата во ЕУ не е дали, туку кога. 

Двајцата соговорници разменија мислења за одвивањето на законодавниот процес  во услови на пандемија, а ја пофалија и добрата соработка меѓу двете држави во рамките на НАТО и меѓународните парламентарни организации како Парламентарното собрание на Советот на Европа, Парламентарното собрание на OБСЕ и Интерпарламентарната унија. 

Click