Активности

Четврток, 3 февруари 2022

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Н.Е. ЈАРОСЛАВ ЛУДВА

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со Н.Е. Јарослав Лудва, новоименуваниот амбасадор на Чешката Република во Република Северна Македонија.

Претседателот упати честитки за изборот за новиот амбасадор на Чешката Република во Република Северна Македонија,  при што му посака успешна работа и изрази надеж дека неговиот личен ангажман ќе придонесе за натамошно зацврстување и унапредување на билатералните односи меѓу двете земји. Го информираше амбасадорот и за работата на Собранието и неговите работните тела, предизвиците со кои се соочува земјата како и најновите случувања на политичката сцена. Во однос на парламентарната соработка, истакна дека очекува соработката меѓу двете земји да продолжи со взаемни посети на највисоко парламентарно ниво.

Во продолжение, Претседателот Џафери укажа дека континуираната и цврста поддршка што ја добиваме од Чешката Република на нашиот евроинтеграциски пат особено се цени и почитува и изрази надеж дека таа поддршка ќе биде засилена за време на чешкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2022 година. При тоа изрази благодарност и до Вишеградската група која е меѓу најгласните поддржувачи на аспирациите на земјите од Западниот Балкан за членство во Европската унија и за јасното укажување дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за забрзување на преговорите со земјите кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан. Чешката Република секогаш го истакнувала фактот дека зајакнувањето на прет-пристапните партнерства ќе доведе до унапредување на инфраструктурните врски помеѓу Европската унија и Западниот Балкан, како и на принципот на добро владеење.   

Амбасадорот Лудва истакна дека е добар познавач на политичките состојби во регионот и искажа задоволство од можноста својата богата дипломатска кариера да ја продолжи во Република Северна Македонија. Тој укажа дека Чешката Република е голем поддржувач на евроинтеграцијата на нашата држава и очекува да го забрза процесот на интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската унија за време на чешкото претседателство со Советот на ЕУ по завршување на француското претседателство.

На крајот на средбата двајцата соговорници истакнаа дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република се на високо ниво и има взаемен интерес и можност за унапредување на економската соработка. 

Click