Активности

Вторник, 29 септември 2020

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Кеико Ханеда

На денешната проштална средба со амбасадорката на Кралството Јапонија во нашата земја, Н.Е. Кеико Ханеда, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, изрази задоволство од досегашната соработка со јапонската Амбасада, односно со првиот резидентен амбасадор, Н.Е. Ханеда и во таа насока, нагласи дека очекува во наредниот период да продолжи оваа соработка и со новиот амбасадор, со што ќе продолжи трендот на јакнење на политичките и економските релации меѓу двете земји. Тоа ќе резултира со зголемување на јапонските инвестиции, и интензивирање на соработката во областа на медицината, туризмот, културата и други области.

„Во овој период, пред нас се три големи приоритети. Очекуваме во месец декември оваа година, отворање на пристапните преговори со ЕУ, борба со епидемијата предизвикана од Ковид 19 како и справување со последиците по економијата предизвикани од оваа пандемија, и јас очекувам дека успешно ќе се справиме со овие предизвици,“ нагласи претседателот Џафери.

Јапонската амбасадорка, Н.Е.Кеико Ханеда, го потенцираше своето задоволство од досегашниот престој во нашата земја во овие три години во својство на амбасадорка на Јапонија и изрази уверување дека соработката со Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи и со нејзиниот наследник на највисоко ниво и во таа насока, упати благодарност за досегашната соработка и комуникација меѓу Амбасадата на Јапонија и Собранието на Република Северна Македонија, како и со Парламентарната група за соработка. Исто така, амбасадорката констатираше дека во овие три години се случија многу добри и позитивни настани во Република Северна Македонија, како што се полноправното членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите со ЕУ и, изрази очекување дека претседателот Џафери и во наредниот период ќе продолжи успешно да го води Собранието и да се справува со предизвиците.     

На крајот, и двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и јапонската Амбасада ќе продолжи  како и досега, на највисоко ниво. 

Click