Активности

Петок, 18 септември 2020

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Лазло Иштван

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денес се сретна со амбасадорот на Република Унгарија во Република Северна Македонија, Н.Е. Лазло Иштван. На средбата, претседателот Џафери изрази благодарност за континуираната поддршка што нашата земја ја добива од Република Унгарија  за нашите евроатлански и европски интеграции.

Во продолжение го запозна амбасадорот со претстојните работни активности на Собранието, како што е разгледувањето на повеќе законски измени наметнати од пандемијата со Ковид-19, потоа активностите сврзани со европската агенда и отворањето на првите поглавја кон крајот на оваа година.Покрај тоа, го извести и за заокружувањето на функционалноста на Собранието со формирање на делегациите за мултилатерална соработка и на групите за билатерална соработка. 

Амбасадорот Иштван му го честиташе реизборот на претседателот Џафери и го поздрави формирањето на Владата и функционалноста на Собранието. Тој потврди дека Унгарија ќе продолжи со финансиска и економска поддршка на земјата имајќи предвид дека има напредок во оваа сфера. Иако Република Северна Македонија и Унгарија не се соседни земји, сепак Унгарија е рангирана како единаесетти трговски партнер на земјата. Тој истакна дека Унгарија ќе продолжи со поддршката што ја дава на планот на  справување со мигрантите на јужната граница каде што унгарски полициски офицери патролираат заедно со нашите полициски сили и успешно се справуваат со безбедносните предизвици. На тој начин, Република Северна Македонија, иако не е земја-членка, ја штити надворешната граница на Европската Унија, а воедно и придонесува кон регионалната и европската безбедност и стабилност.  На крај на средбата, амбасадорот Иштван истакна дека Унгарија целосно се залага за проширувањето на Унијата и дава голема поддршка на отпочнувањето на процесот на преговори на земјата со Европската Унија.  

Click