Активности

Понеделник, 5 октомври 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО РОСАНА ДУЏАК

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Росана Дуџак. На средбата беа разменети информации и идеи како да се продлабочи соработката меѓу Организацијата на Обединетите нации и Собранието на Република Северна Македонија, особено во врска со имплементацијата на Агендата 2030 и целите за одржлив развој.

Претседателот Џафери изрази благодарност до агенциите на Обединетите нации во Република Северна Македонија за активностите што ги спроведуваат во земјава, како и за нивната досегашна соработка со работните тела на Собранието и неформалните пратенички групи за поддршка. Постојаната координаторка на ООН Росана Дуџак се осврна на „Рамката за соработка за одржлив развој на Обединетите нации со Република Северна Македонија за периодот 2021-2025“, како клучен документ и колективна понуда на системот на ООН за поддршка на земјата во справувањето со клучните предизвици за постигнување на целите за одржлив развој и Aгендата 2030. Главниот фокус е насочен кон надградба на започнатите активности во областа на транспарентното и одговорно демократско управување, социјалната инклузија, заштитата на животната средина, промовирањето на родовата еднаквост, рамномерниот регионален развој и сл.

На средбата стана збор за можноста за формирање на неформална работна група за одржлив развој во Собранието на Република Северна Македонија, во која би членувале пратеници од сите пратенички групи и која би била технички поддржана од Канцеларијата на Постојаниот координатор на ООН.

Соговорниците се согласија дека во наредниот период треба да продолжи и да се унапреди плодната соработка на агенциите на ООН со работните тела на Собранието на Република Северна Македонија.                                       

Click