Активности

Вторник, 1 март 2022

Средба Реџепи - Тодороска за 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Претседателот на Комисијата за култура на Собранието, Кастриот Реџепи, денеска оствари средба со проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот за национална историја.

Повод за оваа средба е одбележувањето 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев во текот на 2022 година.

Согласно Програмата на ИНИ за одбележување на овој јубилеј, беше формиран Одбор, а претседател на Одборот е професорката Тодороска. Одборот планира повеќе активности, меѓу кои: научна конференција, конкурс за најдобар литературен и ликовен труд од ученици од основните училишта, пригодни предавања и литературни средби и др. Побара поддршка за реализирање на претстојните активности со цел достојно одбележување на значајната годишнина за македонскиот народ.

На средбата присуствуваше и министерката за култура, Бисера Костадинова-Стојчева. Таа истакна дека Министерството за култура во рамките на својата надлежност презема активности во врска со одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Потврди дека ќе го дадат својот придонес за планираните активности од ИНИ во врска со овој настан, доколку ја добијат Програмата од ИНИ и во Одборот од ИНИ да бидат вклучени по еден претставник од Министерството за култура и Министерството за образование и наука.

Претседателот на Комисијата даде целосна поддршка на организацијата за реализација на активностите за достојно одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Click