Активности

Вторник, 27 април 2021

Телефонска анкета за пандемиското влијание врз жените и девојчињата

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието, заедно со Клубот на пратенички, а во соработка со НДИ, организираше презентација на наодите од телефонската анкета за „Влијанието на Ковид-19 пандемијата врз жените и девојчињата во Република Северна Македонија“.

Воведни забелешки на презентацијата имаа Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за  еднакви можности на жените и мажите; Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички и Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ.

Телефонската анкета е спроведена за потребите на Програмата за парламентарна поддршка и посеопфатно истражување и анализа за Влијанието на Ковид-19 пандемијата врз жените и девојчињата во неколку земји од Европа: Шварцарија, Шведска, Германија, Естонија, Словачка и Република Северна Македонија, НДИ и Тим Институт.

Презентацијата на истражувањето на јавното мислење ја претстави Ели Анастасова Огненовска, извршна директорка на Тим Институт, а финални забелешки даде Александра Цветковска, програмска директорка во НДИ.

Во однос на истражувањето, беше истакнато дека станува збор за квантитативно истражување на национално репрезентативен примерок од  1.100 испитаници, жени кои се граѓани на Република Северна Македонија на возраст 18+ и неформално вработени жени, жени сопственички на бизнис, жени земјоделци, жени од ромска националност ангажирани на пазарот на труд, млади жени со потенцијал за претприемништво, со напомена дека анкетата е спроведена во ноември 2020 година.

Анкетата покажува дека 86%, или најголемиот дел од жените, се многу или донекаде загрижени за КОВИД-19 кризата во земјата, 93% се најмногу загрижени за нивното здравје и за здравјето на нивното семејство и пријателите, додека 47%  се загрижени за финансиската состојба на нивното домаќинство. Сепак  26% од жените се оптимисти дека државата ќе се справи со КОВИД-19 кризата, особено во однос на здравството и образованието.

Исто така, 83%, или повеќето од жените, се многу или донекаде загрижени за економските последици на КОВИД-19 кризата во земјата. 56% од жените генерално поминуваат повеќе време во грижа за децата отколку пред КОВИД-19 кризата (жени кои имаат деца под 18 години), а 46% од жените генерално поминуваат повеќе време во грижа за постарите членови на домаќинството отколку пред КОВИД-19 кризата (жени коишто живеат со постари лица во домаќинство). 

Click