Активности

Четврток, 10 март 2022

Убавината на општеството ја даваат токму различностите кои го креираат мозаикот

Во функција на реализација на Програмата за работа на Комитетот за 2022 г., а во контекст на образованието како суштинска алатка за зголемување на интеркултурното разбирање, Комитетот за односи меѓу заедниците денеска оствари работна посета на детската градинка ЈОУДГ „Фидани” – Чаир, Скопје, избрана како модел на градинка со мултиетнички мозаик. 

Посетата е во рамките на активностите поврзани со меѓународниот проект Говор на омраза како валута на национализмот: институционалeн одговор во Северна Македонија, а со цел зајакнување на успешноста на институциите и нивната професионалност  во однос на решавање на проблемот со говорот на омраза .

На работната посета, заради строго почитување на протоколот за време на пандемија со Ковид-19, присуствуваа само претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, како и Мерита Колчи-Коџаџику, Љатифе Шиковска и Зеќир Рамчиловиќ,  членови на Комитетот, кои дадоа поддршка на оваа посета и на идни непосредни посети на образовните институции, на сите нивоа, особено на мултиетнички  образовни институции. Покрај директорката на детската градинка „Фидани”, Гзиме Бакиу и дел од вработените во градинката, на средбата присуствуваше и  градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу. 
Градоначалникот Ганиу изјави дека општината Чаир е нашата држава во мало со оглед на бројните диверзитети. Имајќи ја предвид територијата на општината , произлегува дека  општина  Чаир има голема густина на населеност, можеби најголема во Европа. Тој нагласи дека општината вложува во предучилишното образование и тоа го чувствуваат сите. Се инвестира во инфраструктурата на градинките, во јакнењето на кадарот, на воспитувачите,  се вложува сериозно во предучилишното воспитание и образование, преку изградба на нови и проширување на постоечките капацитети, но и преку вложување во професионалните компетенции на вработените - стручните кадри кои работат со најмладите. Тој посочи дека општината Чаир е пример за успешно функционирање на концептот еднакво општество за сите, успешна приказна која е за поздрав, затоа што убавината на општеството ја даваат токму различностите кои го креираат мозаикот.

Градоначалникот на Општина Чаир, изразувајќи задоволство од посетата, го покани Комитетот за односи меѓу заедниците во посета на општината и на новоформираната Комисија за односи меѓу заедниците.
Директорката на детската градинка „Фидани”, Гзиме Бакиу, информираше дека оваа установа под името „Братство” е изградена во далечната 1958 година. Во петте мултиетнички четворојазични клона „Фидани”, „Петар Пан”, „Цвет”, „Росица” и „Бамби” се згрижени над 760 деца, а наставата се одвива на четири јазици: македонски, албански, турски и бошњачки. Во градинката престојуваат деца од албанска, турска, македонска, бошњачка и ромска етничка припадност, а раководството на градинката придава големо значење на културната размена и меѓусебното разбирање.
Директорката се осврна на креативниот начин на пренесување на знаењата и едукативната методологија која се аплицира во детските градинки со цел  поголема ефикасност, а негувателките го поттикнуваат истото со нивното примерно однесување. Таа нагласи дека се работи на создавање квалитетни програми за работа со децата и го потенцираше раниот детски развој како многу значаен дел  од воспитувањето и грижа за најмладите, затоа што тоа е основата за нивна изградба во личности понатаму. Притоа, ја истакна и важноста на стручниот и квалитетен кадар кој игра значајна улога во  воспитно- образовен процес.

Заеднички беше речено дека ако за децата од предучилишна возраст не се направат доволно квалитетни програми и не ги зајакнеме нашите деца во најраната возраст, тие помалку резултати ќе постигнат и во основното образование и во средното образование и понатаму на пазарот на труд..
Присутните пратеници изразија задоволство од можноста децата преку дружење да го разберат  јазикот на своето другарче и го поздравија одговорното однесување на вработените во детската градинка, особено информацијата дека сите верски празници заеднички се слават, дека секој работен ден е исполнет со игри, дружења, запознавања едни со други и со јазиците на „другиот“ со себе.   
Со моделот на современо мултикултурно образование и воспитување на децата од предучилишна возраст во етнички мешани и двојазични групи, преку употребата на различни јазици во  групи, се промовира и еднаквост на културите. На овој начин се постигнува заемна и меѓусебна социјализација на децата од различни етнички средини, се развива свест за меѓусебна толеранција кај нив од најрана возраст и се негува чувство за припадност едни кон други. Низ секојдневното дружење младите „фиданчиња“ и сите деца од предучилишна возраст се учат на толеранција и почит кон различните етникуми и култури. 

За децата не е важно на кој јазик се зборува, туку да се разберат и меѓу себе да си играат, без оглед кои се: Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Роми. Ако се разбираат во играта, тие играат без разлика на кој јазик се зборува. 

Пратениците, упатувајќи благодарност за приемот и признание за целокупниот труд, ангажман и посветеност за успешната работна посета, оценија дека оваа работна посета треба да биде поттик ваквите активности на Комитетот да станат модел за работа и во идниот период.  

Click