Активности

Среда, 23 февруари 2022

УЧЕСТВО НА ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ПС НА НАТО НА СОСТАНОЦИ ВО БРИСЕЛ

Парламентарното собрание на НАТО, од 21 до 23 февруари 2022 година, во Брисел, како дел од своите редовни активности, ги одржа заедничките состаноци на неговите комитети. На настанот, на кој присуствуваа делегации од земјите членки на НАТО, Собранието на Република Северна Македонија како полноправна членка, беше претставено од Делегација во полн состав: Арта Билали-Зендели, шефица и членовите Илија Николовски и Антонијо Милошоски.

На настанот доминираше дискусијата за актуелната состојба во Украина и нејзиното непосредно соседство, која беше окарактеризирана како директен напад на нејзината државност и демократија. Парламентарците уште еднаш едногласно ја потврдија силната поддршка за нејзиниот суверенитет, територијален интегритет, правото на самоопределување за членство во меѓународните организации и нејзината евроатлантска иднина. Исто така, беше особено истакнато дека секоја повреда на нејзиниот суверенитет мора да биде проследена со сериозни санкции од страна на земјите членки на Алијансата и од страна на Европската Унија.

Шефицата на Делегацијата, Арта Билали-Зендели, како член на Постојаниот комитет на ПС на НАТО, присуствуваше на состанокот со Североатлантскиот совет на НАТО, на кој беа разменети мислења за актуелните случувања во Украина и нејзиното непосредно соседство, но и во однос на приоритетите за новиот Стратешки концепт кој треба да биде усвоен на Самитот на Алијансата во Мадрид оваа година.

Дебатата околу придонесот на Парламентарното собрание на НАТО кон Стратешкиот концепт продолжи на состанокот на Постојаниот комитет на ПС на НАТО, каде беше констатирана сè поголемата потреба од соодветен одговор на растечките предизвици насочени кон отпорноста на нашите општества. Со консензус беа усвоени Препораките на Собранието како придонес кон овој документ, кои треба да бидат испратени до НАТО и истите да бидат земени предвид пред неговото конечно усвојување. Oсобено беше поздравена значителната поддршка меѓу земјите членки за основање центар за демократска отпорност во НАТО, иницијатива на претседателот Коноли, што треба да се допрецизира со цел истата да може во следниот период да биде целосно прифатена за реализација.

Click