Активности

Среда, 30 септември 2020

Учество на Генералната секретарка Иванова на Интернет-состанок за предизвиците во парламентарното работење за време на пандемија

Генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова, денеска учествуваше на Интернет-состанок за добрите практики и постојните предизвици во Парламентите на Западен Балкан за време на пандемијата Ковид-19.

Имајќи ја предвид важноста од континуираното работење на парламентите, НДИ го организираше овој состанок во рамките на Иницијативата за зајакнување на законодавството на Западен Балкан (WBLSI), а учество зедоа генералните секретари од Парламентите во Скопје, Тирана, Сараево, Подгорица, Загреб, Приштина и Белград.

На состанокот беше разменето богатото парламентарно искуство, што придонесе кон корисна и сепфатна дискусија за различните предизвици со кои се соочуваат парламентите од овој регион во овој пандемиски период.

Генералната секретарка Иванова во своето обраќање имаше можност да сподели свои забелешки, информации во врска со преземањето нови мерки поради ограничувањата на КОВИД-19. Новосоздадените услови донесоа потреба од долгорочно планирање заради задржување на континуитетот на работата во законодавниот дом. Притоа потребно е да се обезбеди подобрување на  административните перформанси на законодавните тела, парламентарниот законодавен интегритет, новите алатки за гласање и надзорните капацитети. Исто така, од голема важност е одржување на транспарентноста, отчетноста, застапеноста и учеството на граѓанското општество во парламентарните процеси, како и соодветното медиумско покривање и присуство, а сето тоа во рамките на препораките од Комисијата за заразни болести.

Споделените искуства и препораки од учесниците на состанокот беа добредојдени во насока на понатамошно подобрување на позитивните парламентарни практики. 

Click