Активности

Петок, 18 февруари 2022

Учество на Моника Зајкова на Парламентарниот веб-дијалог на ПС на ОБСЕ

Пратеничката Моника Зајкова, член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, учествуваше на Парламентарниот веб-дијалог на ПС на ОБСЕ на тема: „Придонесот на младите во зајакнувањето на владеењето на правото, демократијата и човековите права во областа на ОБСЕ“, што се одржа на 18 февруари 2022 година, во виртуелен формат.

Со настанот, кој имаше за цел да обезбеди платформа за размена на мислења меѓу парламентарците и експертите за значењето на придонесот и учеството на младите во процесите на донесување одлуки за човековите права, демократијата и владеењето на правото, претседаваше Фара Карими,  пратеник од Холандија и специјален претставник на ПС на ОБСЕ за младински ангажман.

Парламентарниот веб-дијалог го отвори претседателката на ПС на ОБСЕ Маргарета Седерфелт, која се осврна на активностите на ова Парламентарното собрание за поддршка на младинскиот ангажман на политичко ниво, како и поттикнување на дијалог за улогата на парламентарците во промовирањето на младинското учество на сите нивоа на одлучување. Пред учесниците се обратија: Марија Рачинска, специјален претставник на претседавачот на ОБСЕ за млади и безбедност, Инка Хопсу, член на Делегацијата на ПС на ОБСЕ на Финска, Симон Линдкаер, член на Одборот на Европскиот младински форум и Алона Шкрум, пратеник во Врховната рада на Украина. Тие ги презентираа своите ставови и сознанија за предизвиците во врска со учеството на младите во демократските процеси.

Во дебатата, парламентарците од Парламентарното собрание на ОБСЕ  дискутираа за придонесот и влијанието на младите во владеењето на правото, демократијата и човековите права, главните предизвици со кои младите се соочуваат на овој план и како националните парламенти можат да работат со младите и за младите. Тие разменија мислења за улогата на парламентарците во промовирањето на учеството на младите во процесите на одлучување и зајакнувањето на демократските институции. На состанокот стана збор и за идните активности на новоформираната „Мрежа на млади парламентарци на ПС на ОБСЕ“, која се очекува да го одржи својот прв состанок со физичко присуство во март годинава, во седиштето на ОБСЕ во Виена.

Click