Активности

Четврток, 28 јануари 201

Учество на пратеникот Игор Јанушев на Тркалезна маса на ПС на ОБСЕ

Пратеникот Игор Јанушев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) учествуваше на Тркалезната маса на ПС на ОБСЕ: „Кон Хелсинки + 50: потврдување на заедничката цел“, што се одржа вчера во виртуелен формат.

Ова беше прв состанок на „Работната група Повик за акција“, која ја сочинуваат членовите на Бирото на ПС на ОБСЕ, шефовите на националните делегации и потписниците на иницијативата „Хелсинки + 50“.

Иницијативата на Парламентарното собрание на ОБСЕ „Хелсинки + 50“ има за цел зацврстување на ефикасноста, стимулирање на активностите и зголемување на политичкото влијание на ОБСЕ, а нејзини потписници се поранешни и сегашни шефови на институциите на ОБСЕ.

Модератор на Тркалезната маса беше Ламберто Заниер, експерт на високо ниво на ПС на ОБСЕ, порaнешен генерален секретар и висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ. Tој ја претстави иницијативата „Хелсинки + 50“, нагласувајќи дека Работната група треба да ги идентификува клучните прашања и идеи за подигнување на профилот на ОБСЕ, пред одбележувањето на 50-годишнината од Хелсиншкиот завршен акт во 2025 година.

Претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, лорд Питер Боунес, се осврна на главните предизвици со кои се соочува ОБСЕ, нагласувајќи дека парламентарците имаат клучна политичка улога во промовирањето на Организацијата  и зголемувањето на интересот за ОБСЕ во националните парламенти и влади.

Во дискусијата што следеше беше нагласена потребата за унапредување на дијалогот, појасно идентификување на целите на ОБСЕ и целосна имплементација на обврските, истакнување на концептот на сеопфатна безбедност, зголемена транспаретност, континуиран ангажман на граѓанското општество и сл. Пратениците повикаа на рационализација и рефокусирање на активностите на ОБСЕ за справување со клучните предизвици во областите каде што Организацијата има длабока експертиза и компаративна предност.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

Click