Активности

Петок, 26 февруари 2021

Учество на собраниска делегација на Зимската сесија на ПС на ОБСЕ

Собраниска делегација во состав: Игор Јанушев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), Моника Зајкова и Халил Снопче, членови на Делегацијата и Берат Ајдари, заменик-член на Делегацијата, учествува на редовната Зимска сесија ПС на ОБСЕ, што се одржува од 24 до 26 февруари 2021 година во виртуелен формат. На јубилејната 20. Зимска сесија учествуваат околу 270 парламентарци - членови на ПС на ОБСЕ, како и високи претставници на владите на земјите учеснички и на ОБСЕ.

Сесијата започна со седница на Постојаниот комитет, во кој членуваат шефовите на националните делегации и членовите на Бирото на Парламентарното собрание, што се одржа на 24 февруари 2021 година. На 25 и 26 февруари следеа седниците на комисиите на ПС на ОБСЕ: за политички прашања и безбедност, за економски прашања, наука, технологија и животна средина и за демократија, човекови права и хуманитарни прашања, како и заедничка седница на трите комисии.

На заедничка седница на комисиите на Парламентарното собрание на ОБСЕ се обратија: Волфганг Соботка, претседател на Австрискиот парламент; лорд Петер Боунес, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ; Ан Линде, министерка за надворешни работи на Шведска и претседавач со ОБСЕ и Хелга Шмид, генерална секретарка на ОБСЕ.

Претседателот Соботка ја нагласи силната посветеност на мултилатерализмот и меѓупарламентарната дипломатија, особено во контекст на пандемијата со КОВИД-19. Тој ја подвлече важноста на безбедноста на парламентите во овие тешки времиња, истакнувајќи го значењето на заедничката соработка со цел да се обезбеди поголем успех.

Претседателот Боунес оцени дека ОБСЕ мора да го брани принципот заснован на дијалог, како јадро на сеопфатната безбедност. „Ние ќе продолжиме да им помагаме на сите земји-учеснички во ОБСЕ да ги зајакнат своите демократски институции и да ги исполнат обврските преземени од нивните лидери во Хелсинки и во Париз“, истакна Боунес.

Министерката за надворешни работи Линде ги претстави приоритетите на Шведското претседателство со ОБСЕ и ја нагласи улогата на парламентарците во работата на ОБСЕ. „Парламентарната димензија на ОБСЕ е важна врска помеѓу граѓаните во земјите учеснички и работата на ОБСЕ во Виена и на терен“, рече Линд.

„Парламентарното собрание е суштински дел од семејството на ОБСЕ“, нагласи генералната секретарка Шмид, истакнувајќи дека парламентарците постојано даваат свежи идеи за работата на Организацијата. „Неодамнешниот ‘Повик за акција на Парламентарното собрание’ за ангажман на повисоко ниво и поддршка на ОБСЕ е значајна и навремена иницијатива. Треба да бидеме амбициозни и да работиме кон конкретни резултати што ќе ја зајакнат безбедноста за секого“.

Трите комисии на ПС на ОБСЕ дискутираат за прашања како што се зајакнувањето на мултилатерализмот, долготрајните конфликти, кризата во и околу Украина, градењето економска и еколошка безбедност среде пандемијата со КОВИД-19 и влијанието на пандемијата врз демократијата и изборите, со обраќања на Каират Абдрахманов, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства; Матео Мекачи, директор на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОБСЕ/ОДИХР); Тереза Рибеиро, претставничка на ОБСЕ за слободата на медиумите; Филип Т. Рикер, претседавач со Форумот за безбедносна соработка и други високи претставници на Организацијата.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина. Зимските сесии на Парламентарното собрание на ОБСЕ се одржуваат секоја година во месец февруари, со цел да се овозможи дијалог на парламентарците – членови на Собранието со високите функционери на Организацијата, да се дебатира за развојот на тековните настани во регионот на ОБСЕ и да се зацврстат меѓупарламентарните контакти.

Click