Активности

Вторник, 22 февруари 2022 година

Втор ден работна посета на Делегација на Управувачката група за демократски развој на шведскиот Риксдаг

Во Собранието денеска продолжи дводневната работна средба со Делегација на Управувачката група за демократски развој на шведскиот Риксдаг.

Се водеше дискусија во две групи на тема отвореност и транспарентност, со фокус на надзорните расправи и вклученоста на експерти од една страна и односи со јавноста и плановите за развој на Собранискиот канал - од друга страна, по што следеше резиме на групните дискусии.

На тема надзорни расправи и вклученост на експерти, свое излагање имаше пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, а во дискусијата беа вклучени и пратениците: Фадил Зендели, Мартин Костовски и Александар Велјановски.

Силјановска-Давкова истакна дека Собранието, покрај законодавната, има и надзорна функција. Таа даде ретроспектива на досега одржаните надзорни расправи во Собранието. Информира дека што поскоро имаат намера да го покренат прашањето со кое ќе се организира расправа по извештајот на Државниот завод за ревизија, кој го вклучува начинот на трошење на јавните средства. Во контекст на надзорната улога, беа споменати и интерпелациите и анкетната комисија.

Од шведската страна дадоа информација дека тамошната Уставна комисија има право да испрати служба по доверливи и други материјали директно во министерствата, што беше инспиративно за македонската страна. Исто така, би можел да се прифати шведскиот пример пратеничките прашања наместо еднаш месечно, да се одржуваат еднаш неделно, со што би се зголемиле бројот на прашања, но и да се скуси времетраењето на прашањата и одговорите од 10 на 1-2 минути.

Што се однесува на односите со јавноста и плановите за развој на Собранискиот канал, свои видувања дадоа Јоар Форсел од шведската страна и нашите пратеници Арбана Пашоли, Маја Морачанин и Халил Снопче.

Беше истакнато дека за разлика од тука каде се работи на осовременување на Собранискиот ТВ канал, во Шведска нема собраниски канал, туку пленарните седници одат во живо на веб-страницата, додека комисиските седници се затворени. 

Исто така, беше покренато прашањето на јазикот, симултаното толкување и техничките потешкотии да се пренесат говорите од Парламентот.

Беше заклучено дека принципот на отвореност и улогата на медиумите се многу значајни за транспарентноста на парламентите.

Во попладневните часови, присутните имаа можност да разменат искуства за Кодексот на однесување на пратениците во двата Парламента.

Образложение на Кодексот на Собранието даде пратеникот Мартин Костовски, а потоа се разменија искуства за неговата примена во двата Парламента. Пратениците беа согласни дека постои пишан и непишан кодекс, кој треба да го почитуваат, да ги следат етичките и моралните начела до секоја точка и запирка  и на тој начин да ја градат довербата кај гласачите.

На крајот, двете страни беа согласни дека овие два дена одржале плодотворна, жива, информативна, содржајна и поучна дискусија, со која многу научиле едни од други.

Click