Активности

Среда, 27 јануари 2021 година

Втора онлајн средба на Групата за соработка со парламентот на Обединетото Кралство

Во заедничка организација на Собранието на Република Северна Македонија, Британскиот парламент и Амбасадата на Република Северна Македонија во Лондон, денеска, се одржа онлајн средба на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија со членови на Сепартиската парламентарна група за соработка со Република Северна Македонија. 

На средбата учествуваа: г. Кастриот Реџепи, претседател на Групата, членовите: г-ѓа Марија Ангелова, г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска и г. Арбер Адеми, а од британската страна: г. Мартин Викерс и г. Алекс Собел, ко-претседавачи на Сепартиската група и членовите: Баронес Баркер, Лорд Боунес, Лорд Рандал, Лорд Вејверли, Сер Роџер Гејл и Мајкл Фабрикант, како и амбасадорките во двете држави, г-ѓа Александра Миовска, и г-ѓа Рејчел Галовеј. На средбата присуствуваа и секретарите на пратеничките групи.

Дискусиите се водеа по неколку теми: работа на парламентите во услови на пандемија, економските и трговските односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство по излегувањето на ОК од ЕУ со особен акцент на јакнење на туристичката размена и промоција, “Зелената” агенда, европската и НАТО интеграцијата на земјата и натамошно интензивирање на проектните циклуси на Фондацијата за демократија на Вестминстер. 

Групата на Собранието во поединечни елаборирани дискусии ги запознаа своите колеги за актуелната состојба во земјата поврзана со КОВИД-19 пандемијата, плановите за набавка на вакцини и спроведување на вакцинацијата (г. Реџепи), европската интеграција на земјата, односите со Република Бугарија во процесот на имплементација на Договорот за пријателство и соработка и очекувањата за натамошна конструктивна соработка во НАТО и особено во ПС на НАТО (г. Адеми). Осврт на соработката со Фондацијата за демократија на Вестминстер и идните планирани проекти заеднички дадоа г-ѓа Ангелова, г. Реџепи и амбасадорката Галовеј. За економските потенцијали и можностите на посилна трговска соработка и зацврстувањето на стопанските врски согласно неодамна потпишаниот Договор за трговска соработка, како и засилен туристички пробив на британскиот пазар, дискутираа г. Реџепи и амбасадорката Миовска. Британските соговорници во кратки дискусии ги запознаа пратениците со работата на Британскиот парламент во услови на пандемија, се интересираа за тоа како во Република Северна Македонија се гледа на излегувањето на земјата од ЕУ (г. Фабрикант) и пројавија зголемен интерес за развој на меѓусебните односи во областа на туризмот како сегмент со значаен финансиски инпут во домицилните економии. Во однос на европската интеграција, Виконтот Вејверли истакна дека ОК и понатаму останува силен и гласен поддржувач на нашата земја на патот кон ЕУ, при што и тој сам лично остварува контакти со португалското претседателство за да нашето прашање во тековниот период остане високо на агендата. 

Сите соговорници ја оценија средбата за продуктивна и конструктивна, при што беше пројавен висок интерес за натамошни тематски онлајн средби, во функција на натамошно унапредување на парламентарните релации. 

Click