Активности

Четврток, 25 февруари 2021 година

Заменик-генералниот секретар Милковски на онлајн конференција на тема: „Адаптацијата на парламентите кон пандемијата“

Заменикот на генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија, Мики Милковски, денеска учествуваше на онлајн Конференција организирана од страна на Интерпарламентарната унија (ИПУ) и Здружението на генералните секретари на Парламентите (АСГП) на тема: „Адаптацијата на парламентите кон пандемијата.“

На конференцијата учествуваат генералните секретари на парламентите на земјите членки во ИПУ. 

Соговорниците, во нивните настапи, се осврнаа на мерките и физичките адаптации кои беа преземени во нивните законодавни домови, за приспособување на секојдневната работа кон новите услови кои се појавија со пандемијата.

Милковски, во неговото обраќање, ги наведе мерките кои што Собранието на Република Северна Македонија ги има преземено и имплементирано. Тој појасни дека со појавата на пандемијата, раководството на Собранието и собраниската служба пристапи кон обезбедување на здравствените протоколи. Притоа, Собранието, уште при самото негово конституирање на 4 август, мораше да се адаптира на новонастанатата состојба и да ја врши својата работа во друга сала за одржување на пленарни седници која овозможува физичка дистанца меѓу пратениците, согласно со одобрените протоколи, за да се заштити здравјето на пратениците и службата.

Што се однесува до учеството на меѓународни настани, дополни тој, кои се одвиваат во виртуелен формат, претседателот на Собранието и пратениците, кога се поканети, учествуваат на овие онлајн состаноци, со што го одржуваме континуитетот на меѓународните активности на Собранието. 

Click