Четврток, 3 март 2022
„ПЛАНИНСКИ РАЗГОВОРИ” - РАБОТИЛНИЦА ПОСВЕТЕНА НА СОБРАНИСКОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ И ФИЗИЧКАТА БЕЗБЕДНОСТ
Денеска се одржа Работилница посветена на Собраниското обезбедување и физичката безбедност во рамките на серијата политички дијалози “Планински разговори”, под раководство на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, на која учествуваа Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, г. Оливер Спасовски, министерот за правда на Република Северна Македонија, г. Никола Тупанчевски, амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман, координаторите на сите Пратенички групи во Собранието; претставниците на Бирото за јавна безбедност, Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени, генералната секретарка на Собранието, како и претставници од собраниската служба и службата на споменатите институции.
Целта на оваа работилница е да се започне процесот на меѓуинституционална и меѓусекторска соработка во насока на осамостојувањето на собраниското обезбедување, односно утврдување на командната одговорност на институциите. Со оваа работилница, Собранието прави уште еден голем чекор напред кон осамостојувањето на институцијата, а истиот следи по осамостојувањето на собраниската служба и Буџетот на Собранието.
Заклучокот на присутните беше дека, надлежните претставници ќе продолжат со работа на предметните теми, во рамките на Програмата за парламентарна поддршка, за реализација на Стратешкиот план на Собранието за 2022 - 2026 година и реализирање на зацртаната цел за безбедно Собрание, со цел да се потврдат модалитетите во насока на подобрување на безбедноста на Собранието, вклучително и осамостојувањето на службата за безбедност на Собранието.