Собраниско раководство

Петок, 4 март 2022

Средба на претседателот Џафери со Албин Курти, претседател на Владата на Република Косово

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска во Приштина, во рамките на неговата официјална посета на Република Косово, оствари средба со Албин Курти, претседател на Владата на Република Косово. Во состав на Делегацијата се пратениците Бејџан Илјаз, Бети Стаменкоска-Трајкоска и Изет Меџити, членови на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Косово.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Џафери, оцени дека средбата претставува потврда на заложбите на Република Северна Македонија и Република Косово за продлабочување на билатерална комуникација и унапредување на меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес, со цел за натамошно зацврстување на добрососедските односи, како  и пријателството и блискоста меѓу граѓаните од двете земји. Тој нагласи дека Република Северна Македонија принципиелно ги поддржува евроатлантските аспирации на Република Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на стекнатите знаења и искуства, како на патот кон ЕУ, така и во однос на интегрирањето во НАТО Алијансата. Членството на Северна Македонија и Косово во овие две организации, според Џафери, е гаранција за безбедноста, натамошната стабилизација и просперитетот за Регионот. Северна Македонија, како членка на НАТО, директно придонесува со учество на припадници на Армијата во КФОР мисијата во Република Косово.

Претседателот на Владата на Република Косово, Албин Курти изрази задоволство што соработката меѓу двете земји се остварува преку отворен политички дијалог, заснован на меѓусебно уважување и почитување, како и интензивна економска и трговска соработка, тренд кој се очекува да продолжи со несмален интензитет и во иднина. Тој нагласи дека Република Косово и нејзините граѓани покажаа силна посветеност на демократските вредности и цврсто се определени за целосна евроатлантска интеграција. Изразувајќи загриженост за безбедносната состојба во Регионот, особено по воената агресија на Руската Федерација врз Украина, премиерот Курти оцени дека барањето на Косово за членство во НАТО и ЕУ да биде третирано со најголема сериозност.

Џафери и Курти оценија дека првата заедничка седница меѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Косово несомнено преставуваше позитивен импулс за натамошно интензивирање на  билатералните односи и надградување на заедничките интереси за поинтензивна регионална соработка. Тие изразија уверување дека од потпишаните договори и меморандуми ќе произлезат конкретни проекти, со цел за подобро инфраструктурно поврзување на двете земји, олеснување и унапредување на економската соработка и комуникација, соработка на полето на енергетиката, туризмот, културата, дијаспората и др. Претседателот на Владата на Косово истакна дека шест месеци по потпишувањето на овие договори треба да се направи проценка на нивното спроведување, односно да се разгледа степенот на реализација во рамките на работните групи од двете земји.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Џафери, нагласи дека Република Северна Македонија има афирмативен став за пристапувањето на Република Косово кон сите мултилатерални и регионални иницијативи и форуми  и ќе продолжи со поддршката на овој план.

Во врска со актуелната состојба во Украина, претседателот Џафери информираше дека Собранието на Република Северна Македонија усвои Декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, во која меѓу другото, од надлежните институции се бара да бидат во тесна координација со земјите членки на НАТО и ЕУ во однос на заедничкиот ангажман за поддршка на дипломатските напори за итен и безусловен прекин на воените дејствија на територјата на Украина.

На крaјот од средбата, соговорниците изразија уверување дека политичкиот дијалог и соработка ќе продолжат со несмален интензитет, со посебен акцент на продлабочувањето на економската соработка, инфраструктурното поврзување и евроатлантските интеграции.

 

Видео: https://www.youtube.com/watch?v=-6X6h_bOGII

Click