Вторник, 8 март 2022
СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ДИРЕКТОРКАТА НА СВЕТСКА БАНКА, Г-ЃА ЛИНДА ВАН ГЕЛДЕР
Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со г-ѓа Линда Ван Гелдер, директорката на Светска банка и г. Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.
Тема на средбата беше петгодишната рамка за партнерство (CPF) на Светската Банка со земјата, чија цел е да ја поддржи Република Северна Македонија во постигнувањето на побрз, инклузивен и одржлив раст и да им обезбеди на своите граѓани поголеми можности за подобар живот. Со оваа рамка на Република Северна Македонија и се ставаат на располагање финансии наменети за локалните патишта, за Коридорот 8, за земјоделството, основното образование и другите сфери во периодот 2019 – 2023 година.
Госпоѓа Линда Ван Гелдер се осврна на реализираните проекти и искористените финансии од фондовите од кои придобивки имаат граѓаните на Република Северна Македонија, како и за очекувањата кои што државата ги има во наредниот период. Ван Гелдер искажа интерес за процесот и динамиката на донесувањето на законите во оваа сфера, особено на Законот за буџети.
Претседателот Џафери појасни дека Законот за буџети е заглавен во собраниска процедура веќе скоро 2 години, заради тоа што истиот не е разгледан во второ читање од Комисијата за финансирање и буџет која што во моментов нема претседател. Претседателот истакна дека донесувањето на ваков закон не е само чекор напред во менаџментот со јавни финансии туку е и чекор напред кон нашето членство во Европската унија, но дека опозицијата не покажала многу слух за интересите на државата преку блокирањето на донесувањето на именуваниот закон.
Соговорниците се согласија дека Република Северна Македонија и Регионот не се имуни на состојбата која што се случува во Украина во моментов. Светот живее во неизвесност во моментов и затоа е особено важно да се надминат тесно-партиските и дневните интереси на одредени чинители и да се стави акцент на интересите на граѓаните.