Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Понеделник, 26 јули 2021

Средба на претседателот Џафери со г. Бенедето Дела Ведова

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со г. Бенедето Дела Ведова, заменик-министер за надворешни работи на Италијанската Република, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Претседателот Џафери изрази задоволство што билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Италијанската Република се традиционално добри и пријателски, а економската соработка го одржува оптималниот тренд. Истакна дека особен акцент ставаме на интересот за продлабочување на севкупната соработка меѓу двата парламента, јакнење на односите меѓу Република Северна Македонија и Италијанската Република како рамноправни сојузници во НАТО, како и меѓу нашите две делегации во рамките на ПС на НАТО. Особено се цени конструктивната соработка и во рамките на Јадранско - Јонската Иницијатива и Централно - Европската Иницијатива, каде Италијанската Република има клучна и активна улога и дава силен придонес кон јакнењето на меѓусебните релации на земјите - членки. Претседателот Џафери се заблагодари и на постојната поддршка на Италијанскиот парламент, кој со резолуциите што ги донесува дава искрена и недвосмислена поддршка на нашите евроинтеграции.

Господин Дела Ведова изрази задоволство од традиционално добрата билатерална соработка која нема отворени прашања, добрите релации меѓу двата парламента, а посебно се осврна на интензивните активности на италијанските институции во рамките на ЕУ да обезбедат почеток на преговорите за Република Северна Македонија и Република Албанија. Информираше дека ставот на Италијанската Влада е што поскоро отворање на преговарачката рамка, а отворените билатерални прашања да немаат влијание врз процесот на евроинтеграција и за италијанскиот предлог во идните дискусии во конференциите за “Иднината на Европа” задолжително да се вклучат младинските политики, односно гласот на младите, и тоа не само од земјите - членки на ЕУ, туку и од земјите од Западен Балкан. Се заложи за посилна трговска соработка меѓу двете држави, како и посилен продор на италијанските инвестиции во Република Северна Македонија, особено во сферата на патната инфраструктура и енергетиката.

Соговорниците споделија заеднички видувања околу трендот на намалување на кредибилитетот на ЕУ на овие простори доколку се продолжи со забавеното темпо на евроитеграција на земјите од Западен Балкан, потоа стравот од можни несакани влијанија на трети земји, како и јакнење на евроскептицизмот.

Соговорниците ја реафирмираа важноста од континуиран политички дијалог во насока на јакнење на севкупната билатерална соработка меѓу двете држави. Беа искажани заложби за особено унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.