Собраниско раководство

Петок, 11 септември 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДОРКА ХОЛШТАЈН

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери денеска оствари средба со Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Н.Е. Анке Гизеле Холштајн.

Претседателот Џафери Џафери изрази благодарност до Сојузна Република Германија и Амбасадата во Скопје за целокупната поддршка и помош на здравствените институции во Република Северна Македонија за справувањето со пандемијата и изрази надеж дека и покрај предизвиците, двете земји ќе продолжат да соработуваат на сите полиња од взаемен интерес, вклучително и на парламентарно ниво.

Во однос на евроатлантските интеграции, претседателот Џафери нагласи дека земјата како членка на НАТО продолжува со исполнување на обврските од членството и дека со очекуваното започнување на преговорите за членство до крајот на оваа година во рамките на германското претседавање со Советот на ЕУ, државните институции и Собранието ќе имаат клучна улога во спроведувањето на сите реформски процеси. Исто така, заедничкото претседавање со Бугарија во рамките на Берлинскиот процес оваа година отвора можности за унапредување на соработката и за поддршка на евоинтеграциите на земјите од регионот.

Амбасадорката Холштајн му упати честитки за повторниот избор како претседател на Собранието на Република Северна Македонија како доказ за успешната работа во претходниот мандат, со очекување за продолжување на добрата соработка и во овој парламентарен состав. Таа изрази жалење за одложувањето на ИПС парламентарната стипендија за следната година поради пандемијата, со надеж дека истата непречено ќе продолжи следната година.

Во однос на економската соработка и зголемениот број на квалификувани лица кои заминуваат на работа во Сојузна Република Германија, амбасадорката Холштајн истакна дека Владата на Република Северна Македонија мора да изнајде модалитети за ангажирање на младите лица во земјата и за спречување на одливот на мозоци во странство, особено по отворањето на преговорите за членство. Пристапувањето кон Европската Унија е комплексен процес и од тие причини парламентарните партии треба да ги остават партиските интереси и да се обединат околу приоритетните прашања, заклучи Холштајн. 

Click