Вторник,1 септември 2020 година
СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО КИНЕСКИОТ АМБАСАДОР, ЏАНГ ЅУО
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска оствари средба со амбасадорот на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, Н.Е. Џанг Ѕуо.
Посакувајќи му добредојде во новиот десетти состав на законодавниот дом, претседателот Џафери го информираше амбасадорот Џанг за конституирањето на Собранието и изборот на новата Влада, по што ќе следи изборот на работните тела, делегациите и групите за соработка, вклучително и со Парламентот на Народна Република Кина. Пандемијата има свое влијание на взаемните физички посети и комуникации, но законодавните домови имаат можност по електронски пат да ја негуваат утврдената парламентарната соработка, истакна Џафери. Исто така, тој изрази надеж дека со формирањето на Владата, започнатите и предвидените билатерални проекти ќе продолжат и во иднина.
Амбасадорот Џанг изрази благодарност за остварената средба и ја искористи приликата да му врачи писмо со честитка за реизборот, упатено од г. Ли Џаншу, претседател на Секинескиот Народен Конгрес. Упатувајќи исто така лични честитки за реизборот, амбасадорот нагласи дека претседателот Џафери е докажан пријател на кинескиот народ, со особен придонес во развивањето на односите меѓу двете држави. Тој исто така ја поздрави континуираната поддршка од страна на Република Северна Македонија на државните позиции на Народна Република Кина.
И покрај влијанието на пандемијата на секојдневното живеење, соработката меѓу државите мора да продолжи покрај во здравствениот сектор и во други сектори од взаемен интерес, како во транспортот, инфраструктурата и енергетиката, констатираше Џанг. Големиот кинескиот пазар обезбедува одлични можности за соработка и во други полиња и за таа цел, Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија активно соработува со стопанските комори и други чинители за искористување на овие потенцијали, заклучи Џанг.