Собраниско раководство

Петок, 4 септември 2020 година

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денес оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон. 

Претседателот Џафери изрази уверување дека и во наредниот период двете држави ќе продолжат да ги развиваат и унапредуваат меѓусебните односи и дека парламентарната соработка ќе се интензивира. Тој информираше дека по одржаните парламентарни избори на 15 јули 2020 година, формирањето на парламентарното мнозинство и изгласувањето на новата Влада, Собранието е во фаза на формирање на работните тела, делегациите во меѓународните собранија и пратеничките групи за соработка. Во однос на работата на Собранието, истакна дека фокусот ќе биде ставен на реформските процеси врзани со евроинтеграциите, справувањето со коронавирусот и економскиот развој. 

Со цел обезбедување на непречена работа на законодавниот дом и исполнување на неговата функција на претставнички дом на граѓаните, претседателот Џафери истакна дека се размислува за воведување алтернативен начин на работа, односно работа од далечина, се разбира само доколку состојбата со коронавирусот го наложи тоа. Тој изрази надеж дека при тоа, сите пратеници ќе ја исполнат својата должност на претставници на граѓаните, а не само претставници на партиите. 

Амбасадорката Бенгтсон упати честитки за успешното одржување на парламентарните избори во услови на пандемија а како многу позитивни настани за земјата ги оцени членството во НАТО, зеленото светло за отпочнување на преговорите со ЕУ и имплементацијата на реформите. Таа посака успех во можното организирање на работа на далечина во која ќе учествуваат сите пратеници. Двајцата соговорници изразија жалење што поради околностите на пандемијата, не беше остварена најавената посета на спикерот на Риксдагот, г. Андреас Норлен на Република Северна Македонија на крајот на февруари 2020 година и изразија спремност таа да се случи веднаш штом условите тоа ќе го дозволат. Оваа посета ќе претставува потврда на одличните билатерални односи меѓу двете држави и поттик за интензивирање и проширување на парламентарната соработка.   

 

 

 

 

 

 

 

 

Click