Вторник, 15 септември 2020
СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Н.Е. СИБИЛ ЗУТЕР ТЕХАДА
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Скопје, Н.Е. Сибил Зутер Техада.
На средбата, претседателот Џафери потенцираше дека високо ги цени соработката и политичките односи меѓу двете држави, кои се карактеризираат со пријателство и разбирање, отворен и интензивен дијалог. Покрај тоа, високо се цени и континуираната поддршка што Швајцарската Конфедерација ја дава во процесот на европските интеграции, иако самата не е членка на НАТО и ЕУ. Тој ја поздрави и Швајцарската програма за стипендирање на професионалното усовршување на вработените во Собранието на Република Северна Македонија со отворениот конкурс за упис на втор и трет циклус на студии, се разбира за тие што се заинтересирани за понатамошно професионално усовршување и развој. Претседателот исто така нагласи дека Собранието, и во овој мандат ќе продолжи со засилено темпо да ги реализира стратешките интереси на државата, во однос на добрососедската политика, развојот на соработката во регионот, обврските од членството во НАТО, како и процесот на ЕУ интеграцијата.
Амбасадорката Техада му честиташе на претседателот Џафери за повторниот избор за претседател на Собранието на Република Северна Македонија и нагласи дека, Амбасадата на Швајцарската Конфедерација во Скопје, ќе продолжи да соработува со законодавниот дом во спроведувањето на тековните, но и новите проекти. Претседателот Џафери доби отворена понуда од страна на швајцарската амбасадорка да биде дел од Советодавниот одбор на новиот Проект помеѓу двете земји за „Изборни реформи во Република Северна Република Македонија“. Овој проект, освен што придонесува за стабилноста на изборниот процес во нашата земја, истиот го зајакнува и кредибилитетот на Собранието на Република Северна Македонија.
Претседателот Џафери и амбасадорката Техада разменија мислења за приоритетите на Собранието на Република Северна Македонија во наредниот период, односно потребата од донесување на реформски закони во пресрет на меѓувладината конференција за отпочнување на преговори за членство со ЕУ. На средбата стана збор и за неопходноста од овозможување на алтернативно работење на Собранието на Република Северна Македонија во услови на пандемија или други непредвидливи состојби. Соговорниците ја нагласија плодната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Швајцарската Амбасада, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога и изразија подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката на овој план.