Собраниско раководство

Среда, 9 март 2022 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ВИСОКАТА РЕГИОНАЛНА КООРДИНАТОРКА ЗА ЕВРОПА ОД ПОВ, САНДРА ПЕРНАР

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеск се сретна со високата регионална координаторка за Европа од Партнерство за отворена власт, г-ѓа Сандра Пернар и националната координаторка за Партнерството за отворена власт од Министерството за информатичко општество и администрација, г-ѓа Гордана Гапиќ-Димитровска.

Г-ѓа Пернар се заблагодари на можноста за средба и за вклучувањето на Собранието на Република Северна Македонија во Отвореното владино Партнерство и за досега изработени два Акциски плана со што претставуваме светол пример за соработка. Извести дека минатата година е донесен новиот Меморандум за ОВП и дека очекуваат нови насоки во однос на тоа кои се областите во кои би можеле да се вклучат парламентите и поконкретно, кои се предизвиците и во кои сегменти би можеле да го подржат нашето Собрание. Појдовна точка и понатака останува веќе воспоставената основа за отворање на Собранието, зајакната надзорна улога и донесување на легислатива во консултации и соработка со Владата, надградена со приоритетни конкретни резултати, односно, подобро следење на активностите на Владата и следењето на јавните набавки и нивното законско спроведување и финализирање.

Претседателот Џафери се согласи со горенаведеното од соговорничката Пернар, информирајќи дека е добро запознаен со целиот процес на вклучување во Отвореното владино партнерство, и тоа и од аспект на законодавната и од аспект на извршната власт. Информираше дека следејќи ги насоките и временските рамки од двата Акциски плана, во Собранието се работело во насока на што поголема транспарентност и отвореност и за таа цел се работи во информатичкиот дел, со изработување на нова интернет страна, објавување на сите информации на истата, секако и на јавните набавки и нивниот епилог, надградување на е-парламентот и реконструкција на пленарната сала, со цел да се обезбедат технички услови за непречено работење. Во однос на независноста на Собранието, се направија измени во Законот за Собрание, со кои се обезбеди посебен статус на собраниската служба и финансиска независност. Започна и процесот на независност на внатрешното обезбедување на Собранието, за што се разбира ќе бидат потребни измени во Деловникот за работа. Во секој случај, се работи многу во насока на транспарентноста затоа што, како што рече претседателот Џафери „... јавноста е најдобра контрола на  тоа што работиме...“ и затоа е многу важно вклучувањето на невладините организации и самите граѓани во надзорот, откако претходно ќе бидат добро информирани каде да ги наоѓаат и како да ги разбираат отворените податоци. 

Click