Собраниско раководство

Четврток, 3 февруари 2022

Средба на претседателот Џафери со загрепскиот муфтија Хасановиќ

Денеска, претседателот Џафери имаше средба со делегација од Хрватската исламска верска заедница, во состав: академик Азиз Хасановиќ, претседател на Исламската верска заедница на Хрватска, воедно и загрепски муфтија; д-р Мирза Шабиќ, претседател на Собранието на Исламската верска заедница на Хрватска и Мевлуди еф. Арслани, директор на Исламската гимназија во Загреб.

Во придружба на делегацијата, а во својство на домаќини на гостите од Хрватска, беа и претседателот на Исламската верска заедница на Северна Македонија, Реис Улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи и Х. Ирсал Јакуп, генералниот секретар на ИВЗ во РСМ.

Претседателот Џафери им посака добредојде на гостите од Хрватска, земја со која споделуваме исти вредности и во однос на политики и законското уредување на верските заедници. Ги информираше соговорниците за актуелниот парламентарен состав, неговите специфики и предизвиците со кои се справуваме како земја која го оди евроинтеграцискиот пат кој Хрватска го заокружи во 2013 година. Говореше за значајноста на верските заедници во насока на негувањето на мирот, соживотот и меѓуверската толеранција во општеството, особено во општествата во кои коегзистираат повеќе религии. За таа цел, истакна дека е исклучително важно верското образование да биде подеднакво третирано и интегрирано во школскиот систем, што ќе придонесе за повисока меѓурелигиска толеранција и превенција на какво било застранување од изворното исламско учење. Во таа насока, говореше и за иницирањето на формирање на работна група која ќе изготви законско решение со кое ќе се регулира статусот на тие училишта. 

Академик Хасановиќ срдечно се заблагодари на можноста од средба со Претседателот Џафери, за кого изрази пофални зборови дека придонесува во стабилноста на земјата со неговото мудро менаџирање и потоа се надоврза на прашањето на интегрирањето на верските школски центри во образовниот систем на државата кое во Хрватска е решено со взаемно потпишан Договор помеѓу хрватската Влада и Исламската верска заедница на Хрватска. Говореше и за успешноста на „хрватскиот модел“, како платформа за решавање на верското и националното прашање во една држава, која се имплементира од 2002 година во Хрватска. Тој подвлече дека превенцијата е секогаш подобро решение од санкцијата и изрази подготвеност да ги споделат нивните искуства и законски решенија со нашата земја.

Click