Собраниско раководство

Вторник, 6 јули 2021, Охрид

Обраќање на претседателот Џафери на Балкански фестивал на народни песни и игри 2021

Почитувана министерка за култура, г-ѓа Ирена Стефоска,
Почитуван градоначалник на Охрид, г. Константин Георгиевски,
Почитуван директор на Националната институција, Центар за култура „Григор Прличев“, г. Горан Симоноски,
Почитувани уметници,
Почитувани медиуми,
Дами и господа, почитувачи на народната музика и игра,

Драго ми е што можам да ја искажам мојата искрена радост што вечерва сум повторно во овој преубав град, откако минатата недела бев дел од Преспа Форумот за Дијалог што се одржуваше исто така во Охрид. Во оваа прилика, дозволете да ве поздравам во мое име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, вашиот дом и горд покровител на најстариот меѓународен фестивал од ваков вид на Балканот, Балканскиот фестивал на народни песни и игри кој што вечерва, на голема радост на сите љубители бележи свое јубилејно, 60-то издание откако за прв пат се одржа во далечната 1962 година.

Во тоа име, јас најпрво би сакал да упатам честитки до Националната установа, Центар за култура „Григор Прличев“, директорот и целиот тим за континуитетот, посветеноста, грижата и љубовта што ја вложуваат во одржувањето во живот на оваа прекрасна манифестација, во одржувањето на фолклорните, етнолошките, традиционалните, обичајните, културните и над сè, пријателските врски со сите земји од блиското и подалечното соседство на Балканот, чии што фолклорни претставници ќе продефилираат овие денови по калдрмата на древниот Охрид, чии што ора и песни ќе одекнуваат од оваа величествена и единствена сцена на Долни Сарај, и ќе ја нарушуваат езерската тишина пренесувајќи ги прекрасните звуци на сите страни на светот. Тоа е само уште еден начин на воспоставување на соработка, на споделување на културното богатство на народите, на изразување почит кон своето, меѓутоа и кон туѓото. Тука, низ преплетувањето на различните историски приказни што ги претставува секој ансамбл, секоја песна и оро, се запознаваме, разбираме, изразуваме почит и на благопријатен, ненаметлив и пријатен за душа начин ги отфрламе сите предрасуди и скепси кон се што ни е непознато и страно.

Почитувани гости,

Славењето на уметноста и артистичкото изразување, се најубавиот начин на дипломатија и промоција на секоја држава, на секоја нација, а несомнена вистина е дека секоја земја, секој народ, секој уметник - поединец има што да понуди, покаже и со тоа го привлече нашето внимание и заслужи нашата почит. Затоа, Собранието на Република Северна Македонија, како претставнички дом на сите граѓани на нашата преубава земја кои се од различно етничко потекло, има огромна почит кон оваа манифестација која овозможува афирмирање и промовирање на различните културни богатства на народите на Балканот, а и пошироко. Да се раскажува историјата и да се промовираат културните карактеристики преку музиката, песните и играта е голема умешност и за нас претставува голема чест што сме покровители на ваков традиционален културен настан.

Ве охрабрувам и во иднина да продолжите со зачувување и промовирање на овој фестивал а законодавниот дом ќе биде до вас за заедно да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри на младите генерации, за чувството на гордост и задоволство од посебноста на нашето придонесе во нивната толеранција и изразување на почит и кон различното. Затоа, сакам да изразам почит и благодарност кон сите учесници на овој фестивал поради универзалната порака на прифаќање на различностите која ја пренесуваат преку песни и ора. Секако, им посакувам незаборавен престој во балканскиот бисер - преубавиот Охрид и со овие желби, драги уметници, почитувани гости, го прогласувам 60 - тиот Балкански фестивал на народни песни и ора отворен.

Ви благодарам на вниманието и имајте убава вечер.

Click