Собраниско раководство

Среда, 7 јули 2021 

Обраќање на претседателот Џафери на експертската размена со Косовското собрание, организирано од ДКАФ

Почитувана претседателка на Собранието на Република Косово, г. Глаук Коњуфцa
Почитувани пратеници на косовското Собрание,
Почитуванa г-ѓа Антје Фриц, заменик раководител на Дивизијата за Европа и Централна Азија,
Почитуван г. Марк Ремилар, програмски менаџер за Северна Македонија,
Почитувани експерти,
Почитувани претставници на ДКАФ,
Дами и господа,

Драго ми е што денес можам во мое лично име и од име на Собранието на Република Северна Македонија да ве поздравам и да придонесам со моето видување за оваа експертска размена на тема „Парламентарно постапување со класифицирани информации и поставување на безбедна просторија во парламентот“. Ние во Собранието на Република Северна Македонија сме веќе во можам да кажам понапредна фаза од Вас почитувани колеги благодарение на динамичната и плодна соработка што ја имаме со нашите пријатели ДКАФ, со кои иако со соработка сме почнале уште во 2017 година, во 2018 година потпишавме Меморандум за спроведување на проектот „Развој на парламентарен и независен надзор“. А за тоа зошто беше потребна оваа соработка, нема да кажам верувам ништо ново покрај тоа што и вие почитувани колеги од косовското Собрание не го детектиравте како потреба и неопходност во вашите напори за исполнување на потребните услови за членството во НАТО сојузот. Ние, веќе сме 30-та полноправна членка на овој моќен воено - политички сојуз меѓутоа, за да дојдеме до овој стадиум, претходно беше потребно да се направат покрај политичкиот дел, и низа конкретни реформи поткрепени со законски измени во безбедносниот и разузнавачкиот сектор и реформи на институциите кои имаат мандат да вршат надзор и контрола врз нив, и кои се исклучително значајни во насока на обезбедувањето на демократската транзиција и враќањето на довербата на јавноста во институциите на државата, при што Собранието, како законодавен дом а пред се како храм на демократијата и глас на граѓаните и заштитник на нивните права и слободи, е местото каде што сите потребни реформи, неопходни процеси и заштитни механизми се ставаат  во законска рамка која ќе биде структурата околу која ќе се градат сите идни односи. Со задоволство можам да кажам дека и покрај сиот интензитет и развој на настаните во нашата земја, Проектот ја следи доследно предвидената динамика според Акцискиот план и досега во Собранието на Република Северна Македонија беа донесени четири закони од оваа област, односно Законот за следење на комуникациите, Законот за Оперативно техничка агенција, Законот за Агенција за национална безбедност и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија.

Драги колеги,

Во подготовките за НАТО членството, а особено по приемот се наметнуваат одредени стандарди за земјите членки и нивните институции , затоа што по приемот во НАТО, нашето Собрание станува Собрание на НАТО членка, што значи дека мора да се почитуваат и градат највисоките стандарди за безбедност на осетливите и класифицираните документи и информации со кои располага конкретно, Собранието. Со тоа се штитат не само националните интереси туку и интересите на нашите сојузници. Токму тогаш се појави и потребата од изградба на Заштитена или Сигурна соба и простор – што беше предложено од ДКАФ како заеднички потфат и партнерство за изградба и инсталирање на таква соба и простор, идеја која беше заеднички препознаена, особено бидејќи во тој временски интервал забрзано одеа подготовките за членството во НАТО. Ова стана дел од Акцискиот план кој е составен дел од Меморандумот за разбирање што го потпиша нашето Собрание со ДКАФ и е план одобрен и прифатен од претседателството на Собранието и од сите релевантни политички субјекти. Секако за ова има и законска основа, односно во 2020 година, беше донесен и новиот Закон за класифицирани информации, кој што е усогласен со Европските и НАТО стандарди и со кој всушност се наметнуваат одредени законски норми и стандарди на Собранието, како и впрочем на сите институции што располагаат со класифицирани информации, односно, да преземат мерки и активности за административна, физичка и индустриска безбедност, безбедност на комуникациско - информациските системи, како и за безбедност на лицата - корисници на класифицирани информации. Сега ќе ги потенцирам само главните карактеристики што треба да ги поседува една таква соба бидејќи за техничките поединости ќе зборуваат други лица вклучени во проектот. Значи, тоа треба да е просторија од највисок, таканаречен прв степен на заштита за документи со највисока класификација. Воедно, мора да ги исполнува сите стандарди на аудио и анти-радијациска заштита и да е опремена со соодветна заштитена опрема за да се гарантира тајноста на сензитивните и класифицираните информации и да се спречи нивно евентуално протекување, што може да има голем негативен ефект на националните така и супранационалните интереси на државата. Да не зборувам за негативниот одраз на имиџот на државата и сериозноста во пристапувањето кон заштитата на тие интереси. Затоа, во овој контекст, имајќи на ум дека ДКАФ е посветен на тоа да државите и луѓето бидат побезбедни во рамки на демократското владеење, владеење на законот и почитувањето на човековите права, можам со задоволство да кажам дека партнерството со ДКАФ во овој потфат, како од финансиски така и од стручен аспект е позитивен пример на соработка, почнувајќи од идејата до реализацијата кои беа со континуирана комуникација и консултација помеѓу двете страни. Моментално, во Собранието на Република Северна Македонија, проектот е во фаза на избор на најсоодветен понудувач согласно законските норми за изведувач на градежни работи за заштитена соба, по што ќе следи негова реализација од градежен аспект и опремување со соодветна опрема. Во меѓувреме ДКАФ набави дел од опремата која ќе биде инсталирана во просторијата и која ги задоволува највисоките ТЕМПЕСТ стандарди на радијациска заштита.

Почитувани колеги,

Сакам да ве информирам дека просторијата се предвидува првенствено да биде за користење на Собранието и Комисиите кои работат со класифицирани информации, но во исто време таа ќе може да се отстапи за користење на останатите државни органи доколку имаат потреба за тоа и се разбира, со одобрување на Собранието. Собранието како највисок дом на демократијата со ова дава пример за достигнување на највисоките стандарди за ова прашање, со што дава јасен сигнал и на институциите од извршната власт дека и тие мора да ги почитуваат преземените обврски и стандарди од членството во НАТО. Затоа, планираме да се насочиме и во насока на подигање на свеста кај институциите за потребата од заштита на класифицирани информации и ризиците од нивна неавторизирана употреба или злоупотреба.

Почитувани,

Во овој контекст, би сакал да ги истакнам и позитивните искуства од соработката со европските земји во текот на целиот процес, особено со Парламентот на Република Словенија, кој несебично не подржа во идејата и помогна во конципирањето на овој проект од особено значење. Со нашиот НАТО партнер, Република Словенија, односно со Парламентот имавме одлична размена на искуства околу конципирањето на Заштитената соба во повеќе наврати, а особено беа корисни двете реализирани работни посети на кои стручни лица од Собранието кои се вклучени во проектот и од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, имаа размена на знаења и искуства со нивните колеги, кои подоцна беа имплементирани во процесот на реализација на Заштитената соба во Собранието, процес кој се разбира, како што спомнав претходно, е се уште во тек. 

Дами и господа,

Знам, промените не се лесни, ниту се омилени, меѓутоа, ниту ние, ниту Вие, и впрочем земјите од регионот на Западен Балкан не смееме да застанеме, мораме да се движиме во чекор со времето и промените кои ги носи секој нов ден и секоја одмината етапа во нашето членство или аспирација за членство во НАТО и ЕУ, затоа што да се биде дел од моќниот сојуз на НАТО, дел од европското семејство, е стратешка цел и определба на нашите две земји, меѓутоа и на земјите од регионот. Тоа ќе придонесе во безбедноста и чувството на сигурност на нашите граѓани, и ќе влијае позитивно на економската благосостојба и желбата на нашите млади генерации да останат и ја градат својата иднина тука, дома.

Почитувани колеги и пријатели, Ви благодарам на вниманието!

Click