Четврток, 9 декември 2021
Обраќање на претседателот Џафери на Меѓународниот ден за борба против корупцијата
Почитуван Претседател на Република Северна Македонија, г. Стево Пендаровски,
Почитуван заменик-претседател на Влада задолжен за борба против корупцијата и криминалот, г. Љупчо Николовски,
Почитувани претставници на меѓународните организации,
Почитувани претставници на локалните власти,
Почитувани претставници на меѓународните и домашните антикорупциски институции,
Дами и господа,
Дозволете во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да го поздравам овој денешен настан со кој се одбележува 9 Декември - Меѓународниот ден за борба против корупцијата. Тоа што сме собрани денес сите заедно тука, е јасен показател дека сите имаме и стоиме на исто гледиште а тоа е дека, борбата против корупцијата е целта која не обединува и околу која мораме да ги вложиме нашите напори за да ги препознаеме, спречиме и решиме коруптивните појави во секоја пора од нашето општество, во секој најмал сегмент од државниот апарат, преку правење на неопходните системски, сеопфатни и бескомпромисни реформи. И овој ден е само уште еден потсетник за правата, меѓутоа пред сѐ, за одговорностите на сите, односно, на државите, државните службеници, службениците за спроведување на законот, претставниците на медиумите, приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница, јавноста и младите во борбата против корупцијата. И не треба само државниот апарат да се обедини и да се соочи со овој, ќе речам слободно, глобален проблем, туку секоја личност, секој поединец, млад или стар, секој има улога да ја спречи и да се спротивстави на корупцијата, со промовирање на издржливост и интегритет на сите нивоа на општеството, затоа што тоа е наша заедничка одговорност за подобро утре за идните поколенија.
За да го постигнеме ова, мораме да воспоставиме политики, систем и мерки за секој да може да се чувствува безбеден да зборува јавно и гласно кога ќе и каже не на корупцијата која што на зачудувачки начин успева да најде плодно тло во секоја сфера на општеството, нанесувајќи при тоа ненадоместлива штета на очекуваниот одржлив развој и напредок на земјата, злоупотребувајќи ги вредните ресурси кои се неопходни за обезбедување на стандардни услови за живот за сите наши граѓани и за обезбедување на поширок пристап до елементарните услуги како што се здравствената заштита и образованието, без при тоа да се запостават напорите за обезбедување на здрава и чиста животна средина, постигнувањето на родова еднаквост и отворањето на нови работни места. Недоличното и неправилното постапување со јавните ресурси особено е штетно во ова време кога се тие најпотребни за одговор и закрепнување од пандемиската криза со КОВИД-19.
Собранието на Република Северна Македонија, како највисока законодавна институција во која се донесуваат законите кои се основа за непречено и ефикасно делување на државниот апарат на централно и локално ниво, во минатиот период, како што ви е верувам познато и на сите присутни тука, мораше да се прилагоди и да функционира во услови на глобална пандемиска криза, со сите нејзини рестриктивни елементи, деловнички ограничувања а секако предвремените парламентарни избори, па оваа година, поточно во октомври локалните избори, предизвикаа неконзистентен политички дискурс кој не овозможуваше законодавниот дом да резултира позитивно и во полн капацитет. Сепак, на почетокот на годината, поточно на 18 април 2021 година, на пленарна седница, по опсежна дебата во матичната Комисија за политички систем на Собранието на Република Северна Македонија, поднесената Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 година од Државната комисијата за спречување на корупцијата, беше усвоена со заклучок со кој се сугерира на Државната комисија за спречување на корупцијата, при спроведување на мерките утврдени со Националната стратегија, да ги има предвид забелешките содржани во Мислењето на Владата на Република Северна Македонија и забелешките дадени од пратениците на Собранието на Република Северна Македонија. Имајќи го предвид начинот на изготвување на стратегијата, широкиот спектар на вклучени професионалци од струката, меѓутоа и засегнати страни вклучени во нејзиното изготвување и транспарентноста при целиот процес, убеден сум дека и Акцискиот план произлезен од стратегијата ќе биде одличен водич за сите институции. Покрај тоа, Антикорупциската проверка на легислативата, како клучен превентивен антикорупциски механизам и нова надлежност на Државната комисија за спречување на корупцијата, утврдена со Законот за спречување на корупција и судир на интереси ќе придонесе кон навремено пресретнување на сите евентуални точки на ранливост и ризик од корупција и судир на интереси во правните норми. Секако, ќе настојуваме да законите кои според Планот за борба против корупцијата треба да се усвојат во Собранието на Република Северна Македониа со цел остварување на предвидените мерки и политики во него, да ги донесеме во најкус можен рок. Конкретно, се работи за закони во делот на дигиталната реформа, односно усогласување на законодавството во областа на дигитализација, закони во областа на административните службеници и вработените во јавниот сектор, во областа на управните и надзорните одбори, па Предлогот за изменување на законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси кој што е предлог од невладините организации кои укажуваат на недоволно прецизно дефинирање на поимите, со што се отежнува постапувањето при примена на законот. Кога сум кај донесувањето на законите, знам, како што знаете и вие, дека донесувањето на голем број на закони во скратена постапка без соодветно образложение за оправданост е проблем за кој што е неопходно деловничко утврдување на дефиницијата за сложеност и обемност на некој предлог закон, меѓутоа, надминувањето е врзано со неопходни измени на Деловникот за работа на Собранието, што е процес кој што се води во рамките на Дијалогот Жан Моне на кој минатиот период, и покрај изразената волја и на власта и на опозицијата, се чини дека се уште не можеме да се посветиме во полн капацитет.
Дами и господа,
Собранието, како и досега, ќе продолжи со транспарентно и конструктивно работење, со негување на култура на меѓупартиски дијалог затоа што само така, заедно, ќе можеме да ја водиме битката против корупцијата и да имаме ефективни, одговорни и транспарентни институции, правични и со интегритет. Изразуваме безрезервна поддршка за Владата, поконкретно заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси и неговиот тим, за Државната комисија за спречување на корупцијата и за сите домашни антикорупциски институции, со конкретно ставање на Собранието на Република Северна Македонија, со сиот свој капацитет и надлежности во редовите на заедничкиот фронт за борба против корупцијата и криминалот.
Ви благодарам за вниманието!