Понеделник, 2 август 2021 година
Обраќање на претседателот Џафери на одбележувањето на 2 Август - Денот на Републиката
Почитувани министри во Владата на Република Северна Македонија,
Почитувани претставници од Кабинетот на Претседателот на Републиката,
Почитувани колеги од сегашниот и од претходните состави на Собранието,
Почитувани претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија,
Почитувани претставници на Сојузот на борците од НОАВМ, Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија,
Почитувани државни правобранители на подрачјето на Скопје,
Почитувани претставници на Народна банка на Република Северна Македонија,
Почитуван претставник од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ),
Почитувани претставници на локалната самоуправа,
Почитувани претставници на верските заедници,
Почитувани претставници на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија,
Екселенции, претставници на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија,
Претставници на медиумите,
Почитувани гости,
Дами и господа,
Добродојдовте пред законодавниот дом и воедно претставнички дом на граѓаните. Задоволство ми е оваа година да ве поздравам и бидам Ваш домаќин пред оваа зграда како Претседател на Собранието на Република Северна Македонија, и воедно да Ви посакам добредојде од мое лично име и од име на моите колеги пратеници во овој парламентарен состав, на денешното свечено одбележување на 2 Август, Денот на Републиката, кога се означуваат 118 години од Крушевската Република во 1903-та година, и 77 години од Првото заседание на АСНОМ во 1944-та година, што ги претставуваат двата столба врз кои се темели државотворноста на земјата. Тоа што денес сме тука, а не сме во Крушево, или пак во Пелинце, или пак малку полево пред споменикот на Методија Андонов Ченто, не прави воопшто разлика во однос на важноста на овој празник, во однос на неговата долговечност или пак во однос на тоа каде сѐ се наоѓа духот на заедништвото, храброста, визионерството односно, тоа што претставува концепт кој што ги опишува заедничките вредности кои ги славиме и ги празнуваме. Празникот не е врзан со одредено место во Република Северна Македонија, тој живее, се раѓа повторно и повторно, со секој нов ден, со секоја нова генерација на млади кои секојдневно се справуваат со нови предизвици, секој ден ги бијат своите лични и колективни битки за подобро утре, за поквалитетен живот, професионален развој и надградба и сигурна и безбедна иднина. Нашата држава е спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои што живееле и биле дел од ова поднебје. Ако го погледнеме Крушевски Манифест, ако ги погледнеме и документите на АСНОМ од 1944 година, ќе согледаме дека се јасно дефинирани општите и посебни човекови права и слободи, во кои јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава, и ќе се увериме дека историјата, настаните низ неа, сами го детерминирале патот по кој треба да се чекори ако се следи разумот кој ја наметнал потребата од сплотување кон единствената, природна и остварлива крајна цел, а тоа е заеднички дом за сите со јасна визија, мудрост и разум, за сите кои ја надминале тесната и себична рамка, го отвориле умот и силно ги прегрнале благодатите кои ги нуди взаемната почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право кое е нова додадена вредност на нашата земја, меѓутоа, имајќи ја предвид и структурата во соседството и регионот, додадена вредност и во регионот и пошироко,
Почитувани,
Секако дека низ годините на растот и развојот на земјата не беше лесно да се опстане, да се сочува мирот и зајакне безбедноста и сигурноста на границите и нашите граѓани, не беше лесно да се одржи ниту економската стабилност. Република Северна Македонија, колку и да е мала по територија, има значајна гео-стратешка важност и не била надвор од глобалните случувања и консеквентно тие случувања се прелевале и имале влијание врз развојниот пат на државата. Меѓутоа, желбата за заедничка, слободна, независна држава, држава во која почитувањето на човековите права и слободи ќе биде подеднакво за сите граѓани без разлика на етничката, верската или која било друга припадност доминираше и нашата земја ја посочуваат како светол пример и успешна приказна во регионот. Се разбира, тоа што станавме 30-та земја членка на моќниот воено-политички сојуз на НАТО оди во прилог на констатацијата дека се движиме по правиот пат. Донесовме тешки, државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон Евроатланската интеграција и на тој пат политички созреавме и ние како политичари и нашите граѓани меѓутоа, претходно се посветивме на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи, иако, се чини дека работите повторно се усложнија, за жал. Спорот со Република Бугарија, го отежнува нашето чекорење кон европското семејство, иако бевме и се уште сме отворени за искрен дијалог, поучени од нашето долгогодишно искуство со друга соседна земја дека, единствено отворениот дијалог е вистинскиот начин за постигнување на взаемно прифатливи решенија. И, дозволете да се надоврзам на неодамна донесената Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадата на европските интеграции, која се донесе во Собранието на Република Северна Македонија на 29 јули 2021 година со едногласно позитивно гласање на пратениците од различните провениенции.
Па зарем не е тоа најдобра потврда за тоа дека имаме взаемна почит, водиме заедничка битка за одржувањето во живот на сонот на сите знајни и незнајни јунаци кои низ годините го положија најскапоценото? Заедно, да! Затоа што има една константа, а тоа е дека, ниту доброто, ниту лошото не бира по име, не бира по нација, не бира по вера, по пол, по социјален или економски статус, ниту пак бира по политичка припадност, едноставно, се случува и во еден миг, сите подеднакво сме исправени пред новиот момент. А такви моменти постоеле, за тоа сведочи пишаната историја, живите сведоштва, испеаните песни и раскажаните усни преданија. Такви моменти на предизвици постојат и сега и верувам дека ви се познати и Вам во ова необично време на глобална пандемија која го зафати целиот свет и ги фрли на колена и најсилните економии и најподготвените здравствени системи. Уште еднаш се потврди големата вистина дека само заедно, само сплотено и здружено можеме да победиме, можеме да го поразиме конкретно во случајов, КОВИД - 19. На тој пат, претрпевме многу неповратни загуби, човечки пред се, меѓутоа и материјални загуби но се надевам дека извлековме и поука која е повеќе од позната во народот, но се чини дека само со лично искуство можеме да се увериме, а тоа е скапоценоста на нашето здравје, здравјето на нашите граѓани.
Почитувани гости,
Драги пријатели,
Денес, кога го одбележуваме Денот на Републиката, не може а да не се спомне јубилејот што следува на 8 Септември, односно, полни 30 години од прогласувањето на независноста на државата. Полни 30 години самостојна, суверена, слободна држава. Години во кои доживеавме многу, имавме победи и порази, имавме исправни одлуки, а понекогаш и погрешни, меѓутоа извлековме и поуки кои ни помогнаа да се преобразиме во подобро и понапредно општество. Оваа година прославуваме уште еден јубилеј, односно 20 годишнина од Охридскиот рамковен договор со кој што се постави новата структура за нашата меѓуетничка кохезија, со воспоставување на новите правила на општествена кохезија која ќе биде најцврстиот и најсолиден темел врз кој што ќе ја градиме сите заедно нашата евроатланска иднина. Со тој Договор на мирот, патот продолжи, затоа што има уште многу да се направи, има уште многу мостови да се изградат, мостови на пријателство, на добрососедство и мостови на поврзување, внатре и надвор од државата, во регионот и пошироко, меѓутоа, се е полесно кога сме сите заедно, сплотени, со заедничка визија и цел.
Почитувани граѓани,
Дозволете да изразам почит кон вас затоа што, без оглед на сите подеми и порази, без оглед на премрежјата и кризите низ кои сме проаѓале, вие, граѓаните, без разлика на етничката, верската, политичката или која било друга припадност, не дозволивте да се наруши духот на заедништво, соживотот и толеранцијата. Тоа се вредностите кои сте ги потврдиле низ целата наша заедничка историја, вредности кои ги потврдувате и во секојдневието, бидејќи секогаш сте знаеле и знаете заедно да ги споделувате и убавите, и не толку убавите моменти кои ги носи животот. Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани.
Ви благодарам на вниманието, Ви посакувам убав празничен ден!