Четврток, 8 јули 2021
Обраќање на претседателот Џафери на промотивниот настан на ИПА твининг проектот за „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“
Почитуван Шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија, Амбасадоре Дејвид Гир,
Почитуван главен ревизор на Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија г. Максим Ацевски,
Почитуван главен ревизор на Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, г. Иван Клешиќ,
Почитуван претседател на Националната канцеларија за ревизија на Република Бугарија, г. Цветан Цветков,
Почитувани проектни лидери,
Дами и господа,
Драго ми е што денес можам во мое лично име и од име на Собранието на Република Северна Македонија да ве поздравам сите присутни тука во европскиот дом и тие што следат онлајн и да го изразам моето видување за ИПА Твининг проектот за „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“. Собранието, како претставнички орган на граѓаните, има неприкосновено право и обврска да се грижи за интересот на граѓаните и начинот како се трошат јавните пари а еден од начините за зајакнување на механизмите за вршење на парламентарен надзор е секако зајакнувањето на соработката со најсоодветната институција за тоа во земјава, односно, Државниот завод за ревизија кој како независна институција, навремено и објективно го информира Собранието за сите ревизорски наоди кои ги констатира во спроведените ревизии. Во изминатиот период, помеѓу законодавниот дом и Државниот завод за ревизија е воспоставена пракса до крајот на тековната година да се доставува Годишната програма за работа на Заводот во наредната година, која служи за информирање на Собранието за тоа кои субјекти ќе бидат предмет на ревизија наредната година. Потоа, секој конечен ревизорски извештај се доставува до Собранието за информирање а до 30-ти јуни во тековната година се доставува и Годишниот извештај за работата за претходната година. Тој извештај се разгледува од Собранието и по истиот се усвојуваат заклучоци.
Почитувани,
Во рамките на првиот твининг проект за зајакнување на соработката на Собранието со Државниот завод за ревизија, како дел од поддршката на Европската унија, беа спроведени две студиски посети на пратениците и собраниската служба на Парламентот на Република Хрватска и на Парламентот на Република Бугарија, со цел членовите на Комисијата за финансирање и буџет да се запознаат со начинот и модалитетите на разгледување на конечните ревизорски извештаи во овие две земји. Студиските посети се значајни со оглед на тоа дека пратениците се запознаваат со институционалната рамка на соработка, процесирањето на ревизорските извештаи, нивното разгледување и дискутирање и одлучување по истите од страна на Парламентите на земји членки на ЕУ. Тие овозможуваат преку размена на искуства да се утврди кои реформски чекори треба да ги преземе Собранието, особено правни и институционални со цел да се воспостави одржлив систем на соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и законодавната власт во делот на надзорот над трошењето на јавните средства и поголема отчетност на органите и институциите во јавниот сектор кои се финансираат од буџетот на државата. Благодарение на тоа искуство, во Собранието веќе се започнати консултации за формалното третирање на ревизорските извештаи во насока на воспоставување на ефективен механизам на разгледување на ревизорските извештаи и донесување заклучоци по истите. Најсоодветно тело за разгледување на ревизорските извештаи е секако Комисијата за финансирање и буџет, но се размислува и за формирање на поткомисија во рамки на Комисијата за финансирање и буџет. Треба да се направат измени и дополнувања и на Законот за државната ревизија со кои би се вовела законска обврска за разгледување на конечните ревизорски извештаи, бидејќи во моментов согласно постојното законско решение истите се доставуваат до Собранието, како што нагласив неколку пати погоре, само за информирање. За таа цел, во Стратешкиот план на Собранието за периодот 2021-2023 година e планирано да се вгради механизам и изградена пракса на доставување на конечните ревизорски извештаи, нивно групирање по теми, запознавање на пратениците со истите и разгледување на конечните ревизорски извештаи во Собранието.
Во рамките на овој твининг проект, првиот чекор е подготовка на Меморандум за соработка помеѓу Собранието и Државниот завод за ревизија, за кој што се надевам дека кон крајот на Август веќе ќе можеме да го потпишеме, бидејќи нацрт - Меморандумот е веќе подготвен и ќе биде презентиран пред Собранието. Тоа што е важно при разгледувањето на ревизорските извештаи да премине во навика е, да постои високо ниво на единственост помеѓу различните политички опции, да биде објективно при што ќе биде ирелевантно кој е носител на извршната власт или на која политичка опција припаѓа определен избран функционер, односно, независно од тоа кои партии се на власт а кои се во опозиција, пристапот во третирањето на ревизорските извештаи треба да биде униформен, објективен, транспарентен, со високо ниво на стручност во читањето, разбирањето и одлучувањето по ревизорските извештаи од страна на пратениците.
Дозволете да се заблагодарам на вниманието и да посакам успех во имплементацијата на Проектот!