Собраниско раководство

Понеделник, 28 јуни 2021 година, Брисел

Обраќање на претседателот Џафери на Самитот на Спикери на Парламенти од Западен Балкан на тема „Фундаменталната улога на парламентите во процесот на проширување на ЕУ во пост-КОВИД ерата“

Почитуван претседателе Сасоли,
Почитувани колеги,
Почитувани присутни,
Најпрво, дозволете ми да изразам задоволство за повторното одржување на денешниот Самит, чиј континуитет и покрај актуелните вонредни услови јасно ја потврдува поддршката на Европскиот парламент за европската перспектива на нашиот регион. Истовремено, би сакал да упатам благодарност до претседателот Сасоли за неговиот досегашен влог и несебичен ангажман за унапредување на европските интеграции на сите земји од Западен Балкан и за промовирање на улогата на националните парламенти во тој процес. 


Самитот се одржува во време кога како држави и национални парламенти се справуваме со многу прашања како во однос на актуелната пандемија, така и во однос на нашиот интегративен пат за членство во Европската унија. Пандемијата ги покажа сите свои лоши и добри страни, а ние како политичари досега имавме доволно време да ги согледаме слабостите и предностите и соодветно да ги планираме нашите активности во иднина. 

Од една страна, делумната или целосната парализација на нашите општества во екот на пандемијата,  покрена низа прашања за тенката линија на поделба на надлежностите на извршната и законодавната власт. Главните одлики на парламентите во сите европски демократски општества, поточно нивната законодавна, контролна и информативна функција, како уште еднаш да беа доведени во прашање во процесот на донесување на одлуки, компаративно гледано во контекст на пандемијата и историскиот развој на денешната Европска унија. 

И Собранието на Република Северна Македонија беше исправено пред многу дилеми во изминатата година, заради различните толкувања во постојната правна рамка, политичкото несогласување на опозицијата за работа на далечина, што подразбираше активности сведени на минимум согласно медицинските протоколи и рестриктивните мерки за физички пристап на јавноста во зградата на Собранието. Како резултат на овие преземени чекори, граѓаните почнаа помасовно да ги користат дигиталните платформи за добивање на информации, кои на одредени центри на моќ им овозможија доминација на тој простор за нивни цели. Преку злоупотреба на корона наративот, често имавме наплив на дезинформации во однос на пандемијата, владините активности за справување со нејзините последици, но и за евроинтеграциските процеси, што не принудуваше како политичари промптно да реагираме и да се осигуриме дека точните информации на крајот сепак ќе стигнат до граѓаните. 

Од друга страна, пандемијата покажа дека виртуелните настани овозможија одреден континуитет во делот на водењето на парламентарната дипломатија, овозможувајќи реализирање на меѓународни средби, кои во стандардни услови налагаат поголема организација и подготовка. Голем дел од меѓународните активности на Собранието на Република Северна Македонија, но и активности со  невладините организации досега непречено се одвиваат онлајн. Оттаму, општ заклучок може да биде дека традиционалното работење на парламентите, физичкото присуство и нашите лични контакти се несомнено најдобриот и незаменлив modus operandi, а повременото користење на хибридниот или виртуелниот формат за работа може сосема солидно да послужи во услови кога е оневозможено физичкото присуство и за обезбедување на поголема вклученост на граѓанското општество, особено во текот на преговорите. 

ЕУ интеграциите, како резултат на одржувањето на предвремени парламентарни избори и пандемијата, не бележеа ист интензитет како претходните години. Нашите најголеми достигнувања, согласно европските критериуми, донесувањето на пакетот комплексни реформи и надминувањето на долгогодишните отворени прашања со соседите, сепак нѐ не внесоа во следната фаза на процесот на интеграција, поради унилатерални барања за одредени историски прашања. Со оглед на турбулентното  минато на регионот, доколку тие станат дел од пакетот обврзувачки критериуми, истите можат сериозно да го нарушат кредибилитетот на Унијата и концептот на процесот на проширување. За нив не треба да има место во европското интегративно портфолио и од тие причини, потребна е итна реакција и понуда на конкретни патокази за земјите од Западен Балкан за следните чекори до нивното членство во Европската унија, а за Република Северна Македонија одржување на првата Меѓувладина конференција.  

Во текот на преговорите, Собранието ќе продолжи да има активна, видлива и конструктивна улога и со свои предлози и сугестии ќе придонесува во донесувањето на потребното законодавство и во градењето општествен консензус за придобивките и предизвиците од пристапувањето во Европската унија. Имајќи ја предвид комплексноста и обемноста на европскиот законодавен пакет, очекуваме понатамошна континуирана и плодна соработка на сите нивоа со Европскиот парламент како наш долгогодишен поддржувач и партнер, но и со сите земји од регионот со кои ја негуваме определбата за споделување заеднички европски вредности. Иднината на сите нас е во ЕУ, а регионот нема друга иднина. Тоа треба да биде една од главните пораки кои треба да бидат испратени по завршувањето на овој Самит. 

Ви благодарам на вниманието. 

Click