Понеделник, 28 јуни 2021 година, Брисел
Обраќање на претседателот Џафери пред членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент
Почитуван претседавач на Комитетот, г. Дејвид Мекалистер,
Почитувани европратеници,
Почитувани присутни,
Дозволете ми на почетокот да изразам задоволство за одржувањето на овој состанок, на кој ќе можеме да размениме мислења околу напредокот на Република Северна Македонија на полето на евроинтеграциите. Нашата досегашна соработка со Европскиот парламент, која се одржува во континуитет со несмален интензитет на повеќе основи, само ја потврдува подготвеноста на пратениците од двата парламента за дијалог, размена на мислења и поддршка на нашите реформски процеси. Од почетокот на оваа година, и покрај пандемијата, дел од новоизбраните колеги пратеници остварија виртуелни средби со европратеници кои работат директно на досието на Република Северна Македонија, а колешките пратенички кои работат на родова еднаквост остварија средби со колегите кои се задолжени за Симоне Веил програмата. Исто така, виртуелно се одржа 18-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет, а во посета на земјата беа и европратениците Илхан Ќучук и Андреас Шидер. На 12 мај се одржа виртуелен состанок на Дијалогот Жан Моне, на кој уште еднаш беше искажана заедничката определба за градење на доверба меѓу актуелните парламентарни политички чинители, зајакнување на демократската култура и подобрување на капацитетите на Собранието, сѐ со цел консензуално донесување на консолидирана верзија на Деловникот. Истиот треба да овозможи непречено и подобрено функционирање на парламентарното работење, што е особено значајно во контекст на преговорите за членство со Европската унија.
За нас, вашата поддршка за постигнатите резултати и укажувања на областите во кои е потребен дополнителен напредок наведени во Резолуцијата која како Парламент ја донесувате секоја година, заедно со Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија на Европската комисија и Заклучоците на Европскиот совет, претставуваат основа за продолжување со нашите реформски напори за исполнување на потребните критериуми за членство во ЕУ.
Почитувани европратеници,
Република Северна Македонија во изминатата декада се најде во еден исклучително сензитивен период, на внатрешен и на надворешен план. Во однос на европските интеграции, земјата постигна импресивен напредок во приоритетните области, кој од темел промени одредени сектори во нашето општество и значително ги унапреди односите со соседите за надминување на отворените прашања. Нивното решавање бараше дипломатичност, смиреност и отстапки кои беа поздравени од сите наши стратешки пријатели во Европската унија и Соединетите Американски Држави. Таа посветеност придонесе за добивање зелено светло од страна на Советот на Европската унија за отпочнување на преговори за членство. За жал, наместо преговори сега се соочуваме со застој заради одредени билатерални барања. Наш став е дека договорната рамка со Република Бугарија дава соодветна основа за понатамошна соработка и ние сме подготвени за надминување на ситуацијата согласно меѓународните стандарди.
Истовремено, сакам да нагласам дека овие случувања не треба да имаат влијание на отворање на преговорите за членство. Доколку сме перцепирани како регион кој произведува повеќе историја отколку што може да ја консумира, не смееме да дозволиме таа историја да ја проголта иднината на новите генерации за кои главните животни постулати се базираат на развиена економија, повеќе работни места, дигитална технологија, здрава животна средина, образование и иновации, слободен проток на лица, капитал и услуги. Вложивме премногу жртва, време, енергија и политички поени за да го испорачаме ветеното, не само поради барањата на европските институции, туку и заради фактот што процесот на проширување се покажа дека е двигател на реформите во сите пори на нашето општество.
Секое одложување сериозно ќе се одрази на политичко-економската ситуација во нашата земја, но и ќе има свое влијание и на останатите земји во регионот кои споделуваат исти или слични отворени прашања со своите соседи. Затоа сметам дека без одложување треба да се одреди датум за одржување на првата Меѓувладина конференција, со која ќе го означиме формалниот старт на преговорите за Република Северна Македонија.
Ви благодарам на вниманието.