Активности на Парламентарен институт

„ИМАМ СТАВ!“ - НОВА ЕДУКАТИВНА АКТИВНОСТ НА ПАРЛАМЕНТАРНИОТ ИНСТИТУТ 

Во февруари 2019 година, Парламентарниот институт започна со реализација на новата едукативната активност за ученици од средно образование, симулацијата „Имам став!“.

Едукативната активност „Имам став!“ претставува симулација на процесот на разгледување предлог-закон во рамките на Собранието на Република Северна Македонија. Активноста ги стимулира учесниците да развиваат сопствени ставови во врска со актуелни политички теми и истите да ги бранат со аргументи пред останатите учесници, со цел изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатено и поддржано од мнозинството на учесници. Истата е подготвена по примерот на едукативната активност „My Point of View“, организирана од страна на Сојузниот парламент на Швајцарската Конфедерација.

Активностите поврзани со „Имам став!“ започнуваат во училиштата, каде под водство на наставниците-ментори се одржуваат состаноци, на кои учениците, поделени на три комисии, дискутираат за одреден политички проблем и за истиот треба да понудат решение, кое ќе треба да го одбранат пред останатите ученици. Едукативната активност завршува во Собранието, каде се одржува симулација на пленарна седница, при што учениците расправаат и одлучуваат во однос на понудените решенија за секоја од избраните теми.

Успешната реализација на симулацијата „Имам став!“ бара сериозна подготовка и посветеност од страна на нејзините учесници. За таа цел, во рамките на подготовките за реализација на активноста, Парламентарниот институт организира и работилница на која наставниците се стекнуваат со потребните вештини и знаења за спроведување на симулацијата и успешно менторирање на учениците.

Целта на одржување на едукативната активност „Имам став!“ е приближување на работата на Собранието и процесот на донесување на закони до младата популација, што ќе придонесе за развивање на нивната свест за демократијата и ќе ги поттикне и подготви за општествена и политичка критичност и вклученост.

Click