ЕУ вести

Четврток, 9 јануари 2014 година

Летонија го воведе еврото

Од 1 јануари, Летонија стана 18. членка на Еврозоната, откако ја прифати европската валута - евро. Досегашната валута на Летонија – лат, ќе биде во оптек првите две седмици од стартот на новата година, а по овој период на транзиција, еврото ќе стане законско платежно средство во оваа балтичка земја.

Покрај Летонија, еврото е официјална валута на уште 17 земји-членки на Европската унија: Австрија, Белгија, Германија, Грција, Естонија, Ирска, Италија, Кипар, Луксембург, Малта, Португалија, Словачка, Словенија, Финска, Франција, Холандија и Шпанија. Исто така, еврото е валута и во Андора, Косово и Црна Гора, кои извршиле еднострана евризација. Еврото се користи како официјална валута и во Монако, Сан Марино и Ватикан, и покрај тоа што овие држави не се членки на ЕУ.

Еврото постои на финансискиот пазар од 1999 година, а како валута од 2002 и со него управува Европскиот систем на централни банки.

Еврото има еднаква форма во сите држави и не се одликува со различни национални симболи. На предната страна на банкнотите има слика на врата или прозорец, кои го симболизираат духот на заедништвото и отвореноста на Европа кон светот. На обратната страна е насликан мост - симбол на врските помеѓу народот во Унијата, како и останатиот свет. Заедно со тоа се испишани името на еврото и на Европската банка на сите јазици на државите од Еврозоната.

Специјалниот знак за европската валута - €, е дело на Белгиецот Алаин Билиет.

Click