Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Закон за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија

 

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Член 2

(1) Во Собранието на Република Македонија се избираат 120 пратеници, според пропорционалниот модел, при што територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици утврдени со закон, од кои се избираат по 20 пратеници.


(2) Во изборните единици бројот на избирачите може да отстапува најмногу од минус 3% до плус 3 % во однос на просечниот број на избирачи во изборната единица.

Член 3

(1) Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори, со тајно гласање.


(2) Никој не смее да го повика избирачот на одговорност поради гласањето, ниту пак од него да бара да каже за кого гласал или зошто не гласал.

Член 4

Право да избира има секој државјанин на Република Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност.

Член 5

Право да биде избран за пратеник има секој државјанин на Република Македонија, ако:

- наполнил 18 години живот;

- има деловна способност и

- не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.

Член 6

(1) Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија на Уставниот суд на Република Македонија, судија, јавен обвинител, Народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија.


(2) Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата градоначалник и со член на совет во општината и Градот Скопје.


(3) Функцијата пратеник е неспојлива со извршување на стручни и управни работи во органите на државната управа.


(4) Функцијата пратеник е неспојлива со извршување на стопанска или друга профитна дејност.


(5) Функцијата пратеник е неспојлива со членување во управни одбори на јавни претпријатија , јавни установи, фондови , агенции, заводи и во други правни лица, како и со изборот на претставник на државниот и општествен капитал во трговските друштва.


(6) Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник, на носителите на функциите од ставовите (1) и (2) на овој член, функцијата им престанува.


(7) Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник на лицата од ставот (3) на овој член, работниот однос им мирува.


(8) Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник на лицата од ставовите (4 ) и (5) на овој член, стопанската или друга профитна дејност им мирува.

Член 7

(1) На припадниците на вооружените сили на Република Македонија, припадниците на униформираниот дел на полицијата, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и во Агенцијата за разузнавање од денот кога ќе бидат утврдени како кандидати за пратеници, работниот однос им мирува.


(2) Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник на лицата од ставот (1) на овој член, работниот однос им мирува.

Член 8

(1) Пратениците не можат да бидат отповикани.


(2) Функцијата пратеник се врши професионално.

Член 9

(1) Изборите за пратеници се одржуваат секоја четврта година во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собрание).


(2) Вонредни избори за избор на пратеници се спроведуваат во согласност со одредбите на овој закон.


(3) Мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување, до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници.


(4) Актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието, и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите.


(5) Актот за распишување на изборите се доставува до Државната изборна комисија и Министерството за правда.


(6) Од денот на распишување на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 ниту помалку од 70 дена.


(7) Актот за распишување на изборите се објавува во "Службен весник на Република Македонија".

Член 10

(1) За дејствијата, актите, поднесоците и другите списи во врска со спроведувањето на изборите за пратеници, не се плаќа такса и сите дејствија во изборната постапка се ослободуваат од плаќање на сите видови данок.


(2) За печатење на гласачките ливчиња и набавка на изборниот материјал не се плаќа данок за додадена вредност.



 

II. ОРГАНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ


Член 11


Органи за спроведување на изборите се:

- Државната изборна комисија ;

- Изборна комисија на изборната единица ( во натамошниот текст: регионална изборна комисија) ;

- општински изборни комисии и

- избирачките одбори.

Член 12

(1) Државната изборна комисија е составена од претседател, осум членови и нивни заменици.


(2) Државната изборна комисија има секретар и негов заменик.


(3) Претседателот на Државната изборна комисија и неговиот заменик ги именува председателот на Република Македонија.


(4)Членовите на Државната изборна комисија, секретарот и нивните заменици ги именува Собранието.


Член 13


(1) Двајца членови на Државната изборна комисија се именуваат од редот на судиите на Врховниот суд на Република Македонија, а нивните заменици од редот на афирмирани адвокати и правници, во согласност со политичките партии во опозиција кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(2) Двајца членови на Државната изборна комисија се именуваат од редот на судиите на Врховниот суд на Република Македонија, а нивните заменици од редот на афирмирани адвокати и правници, во согласност со политичките партии на власт кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(3) Претседателот на Државната изборна комисија, неговиот заменик и членовите и нивните заменици од ставовите (1) и (2) на овој член се именуваат за време од пет години.


(4) Двајца членови на Државната изборна комисија и нивни заменици ги предлагаат политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови .


(5) Двајца членови на Државната изборна комисија и нивни заменици ги предлагаат политичките партии кои се на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(6) Членовите и нивните заменици од ставовите (4) и (5) на овој член, се именуваат во рок од 30 дена од денот на одржувањето на конститутивната седница на Собранието за време од четири години.


Член 14


(1) За секретар на Државната изборна комисија и негов заменик се именуваат дипломирани правници за време од пет години.


(2) Секретарот не влегува во составот на Државната изборна комисија и нема право на глас.


(3) Секретарот својата работа ја врши професионално.


(4) За вршење на стручно-административните работи на Државната изборна комисија, се формира секретаријат како стручна служба на Државната изборна комисија.


(5) Со секретаријатот раководи секретарот на Државната изборна комисија.


(6) Секретарот и вработените во секретаријатот на Државната изборна комисија имаат статус на државни службеници.

Член 15

(1) Политичките партии од членот 13 на овој закон, членовите и нивните заменици од ставовите (1), (2), (4) и (5) на овој член ги утврдуваат во рок од пет дена по добивањето на известувањето од претседателот на Собранието.


(2) Ако политичките партии не ги утврдат и не ги достават имињата на членовите и нивните заменици во рокот определен во ставот (1) од овој член, членовите и нивните заменици ги предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието.


(3) Членовите на Државната изборна комисија и нивните заменици од членот 13 ставови (4 )и (5) на овој закон, се дипломирани правници.


Член 16


(1) За секоја изборна единица се формира регионална изборна комисија, со седиште во општините: Кисела Вода, Тетово, Битола, Куманово, Штип и Струмица.


(2) Регионалната изборна комисија е составена од претседател, четворица членови и нивни заменици.


(3) Регионалната изборна комисија има секретар и негов заменик.


(4) Претседателите на Регионалните изборни комисии и нивните заменици ги именува Државната изборна комисија со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на членовите на Државната изборна комисија. Доколку претседателот и неговиот заменик не можат да се именуваат со двотретинско мнозинство на гласови во првиот круг на гласањето тогаш именувањето се врши со мнозинство на гласови од вкупниот број на членовите на Државната изборна комисија.



(5) Членовите на регионалната изборна комисија и нивните заменици ги именува Државната изборна комисија во рок од 20 дена од денот на формирањето на Државната изборна комисија.


(6) Секретарот и неговиот заменик од ставот (3) на овој член го именува Регионалната изборна комисија на предлог на председателот на Регионалната изборна комисија.



Член 17


(1) Претседателот на регионалната изборна комисија и неговиот заменик се именуваат од редот на судиите на апелационите судови.


(2) Еден член на регионалната изборна комисија и негов заменик се именуваат од редот на судиите на основните судови, на предлог на политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(3) Еден член на регионалната изборна комисија и негов заменик се именуваат од редот на судиите на основните судови, на предлог на политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(4) Претседателот на регионалната изборна комисија, неговиот заменик и членовите и замениците од ставовите (2) и (3) на овој член се именуваат за време од пет години.


(5) Еден член на регионалната изборна комисија и негов заменик ги предлагаат политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови .


(6) Еден член на регионалната изборна комисија и негов заменик ги предлагаат политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(7) Членовите и замениците на регионалната изборна комисија од ставовите (5) и (6) на овој член се именуваат, за време од четири години.


Член 18


(1) За секретар на регионалната изборна комисија и негов заменик се именуваат дипломирани правници , за време од пет години.


(2) Секретарот не влегува во составот на регионалната изборна комисија и нема право на глас.


(3) За вршење на стручно-административните работи, регионалната изборна комисија формира секретаријат од редот на државните службеници вработените во подрачните единици на органите на државната управа.


(4) Со секретаријатот раководи секретарот на регионалната изборна комисија.


Член 19


(1) Политичките партии од членот 17 на овој закон, членовите и нивните заменици од ставовите (2), (3), (5) и (6) ги утврдуваат и ги доставуваат во рок од пет дена по добивањето на известувањето од Државната изборна комисија.


(2) Ако политичките партии од членот 17 на овој закон не ги утврдат и не ги достават имињата на членовите и нивните заменици во рокот определен во ставот (1) од овој член, членовите и нивните заменици ги именува Државната изборна комисија.


(3) Политичките партии, предлозите за членови на регионалните изборни комисии и нивни заменици од членот 17 ставови (2), (3), (5) и (6) на овој закон, доставуваат и во случај кога член или негов заменик ќе поднесе оставка.


(4) Политичките партии предлозите од ставот 3 на овој член, ги доставуваат во рок од 48 часа по добивањето на известувањето од Државната изборна комисија.


(5) Ако политичките партии не достават предлог во рокот утврден во ставовите (1) и (4) на овој член, членовите на регионалната изборна комисија и нивните заменици ги именува Државната изборна комисија во рок од 24 часа по истекот на времето за предлагање на кандидати.


(6) Членовите и замениците на регионалната изборна комисија од членот 17 ставови (5) и (6) на овој закон, се дипломирани правници.


Член 20

(1) Општински изборни комисии се формираат во;
-општина Берово и е надлежна за општините Берово и Пехчево;
-општина Битола и е надлежна за општините Битола, Бистрица и Цапари;
-општина Македонски Брод и е надлежна за општините Македонски Брод и Самоков;
-општина Валандово и е надлежна за општина Валандово;
-општина Виница и е надлежна за општините Виница и Блатец;
-општина Гевгелија и е надлежна за општините Гевгелија, Стар Дојран,Богданци и Миравци;
-општина Гостивар и е надлежна за општините Гостивар, Неготино Полошко, Врапчиште, Чегране, Вруток, Маврови Анови, Долна Бањица, Србиново, Осломеј, Зајас и Ростуше;
-општина Дебар и е надлежна за општините Дебар и Центар Жупа;
-општина Делчево и е надлежна за општините Делчево и Македонска Каменица;
-општина Демир Хисар и е надлежна за општините Демир Хисар и Сопотница;
-општина Кавадарци и е надлежна за општините Кавадарци, Росоман и Конопиште;
-општина Кичево и е надлежна за општините Кичево, Вранешница, Другово и Пласница;
-општина Кочани и е надлежна за општините Кочани, Оризари,Зрновци, Облешево и Чешиново;
-општина Кратово и е надлежна за општините Кратово, Клечовце и Орашац;
-општина Крива Паланка и е надлежна за општините Крива Паланка и Ранковце;
-општина Крушево и е надлежна за општините Крушево, Житоше и Долнени;
-општина Куманово и е надлежна за општините Куманово,Старо Нагоричани и Липково;
-општина Неготино и е надлежна за општините Неготино и Демир Капија;
-општина Охрид и е надлежна за општините Охрид, Косел, Мешеишта и Белчишта;
-општина Прилеп и е надлежна за општините Прилеп, Витолиште, Кривогаштани, Тополчани, Могила, Кукуречани, Новаци, Добрушево, Бач и Старавина;
-општина Пробиштип и е надлежна за општините Пробиштип и Злетово;
-општина Радовиш и е надлежна за општините Радовиш, Подареш и Конче;
-општина Ресен и е надлежна за општина Ресен;
-општина Свети Николе и е надлежна за општините Свети Николе и Лозово;
-општина Струга и е надлежна за општините Струга, Вевчани, Велешта, Лабуништа, Делогожде и Луково;
-општина Струмица и е надлежна за општините Струмица, Василево, Босилово, Ново Село, Муртино и Куклиш;
-општина Тетово и е надлежна за општините Тетово, Желино, Јегуновце, Теарце, Вратница, Џепчиште, Шипковица, Камењане, Боговине и Брвеница;
-општина Велес и е надлежна за општините Велес, Градско, Извор, Богомила ,Чашка Зелениково, Петровец и Илинден;
-општина Штип и е надлежна за општините Штип и Карбинци;
-општина Карпош и е надлежна за општините Карпош, Кондово и Сарај;
-општина Центар и е надлежна за општина Центар;
-општина Гази Баба и е надлежна за општините Гази Баба и Арачиново;
-општина Чаир и е надлежна за општините Чаир, Чучер Сандево, Шуто Оризари и Горче Петров и
-општина Кисела Вода и е надлежна за општините Кисела Вода,Студеничани и Сопиште.


(2) Општинските изборни комисии се со седиште во општините утврдени во ставот (1) на овој член и се надлежни за спроведување на изборните дејствија во избирачките места определени со закон за тие општини.


(3) Изборните комисии од ставот (1) на овој член се составени од претседател, четворица членови и нивни заменици.


(4) Општинската изборна комисија има секретар и негов заменик.


(5) Претседателите на општинските изборни комисии и нивните заменици ги именува Државната изборна комисија со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на членови на Државната изборна комисија. Доколку претседателот и неговиот заменик не можат да се именуваат со двотретинско нозинство на гласови во првиот круг на гласањето тогаш именувањето се врши со мнозинство на гласови од вкупниот број на членовите на Државната изборна комисија.


(6) Членовите на општинските изборни комисии и нивните заменици ги именува регионалната изборна комисија утврдена во членот 16 став (1) од овој закон , за општините во состав на изборната единица во рок од 30 дена, по нејзиното формирање.


Член 21


(1) Претседателот на општинската изборна комисија и неговиот заменик се именуваат од редот на судиите на основните судови, каде што е седиштето на општинската изборна комисија.


(2) Еден член на општинската изборна комисија и негов заменик се именуваат од редот на судиите на основните судови каде што е седиштето на општинската изборна комисија, на предлог на политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(3) Еден член на општинската изборна комисија и негов заменик се именуваат од редот на судиите на основните судови каде што е седиштето на општинската изборна комисија, на предлог на политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(4) Претседателот на општинската изборна комисија, неговиот заменик и членовите и замениците од ставовите (2) и (3) на овој член, се именуваат за време од пет години.


(5) Еден член на општинската изборна комисија и негов заменик ги предлагаат политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови .


(6) Еден член на општинската изборна комисија и негов заменик ги предлагаат политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(7) Членовите и замениците на општинската изборна комисија од ставовите (5) и (6) на овој член, се именуваат за време од четири години.




Член 22


(1) За секретар на општинската изборна комисија и негов заменик се именуваат дипломирани правници, за време од пет години.


(2) Секретарот и неговиот заменик од ставот (1) на овој член го именува општинската изборна комсија на предлог на председателот на општинската изборна комисија.


(3) Секретарот не влегува во составот на општинската изборна комисија и нема право на глас.


Член 23

(1) Политичките партии од членот 21 на овој закон, предлозите за членови на општинските изборни комисии и нивните заменици од ставовите (2), (3), (5) и (6) ги утврдуваат и ги доставуваат до регионалната изборна комисија во рок од десет дена од денот на добивањето на известувањето од регионалната изборна комисија.


(2) Ако политичките партии од членот 21 на овој закон не ги утврдат и не ги достават имињата на членовите и нивните заменици во рокот определен во ставот (1) од овој член, членовите и нивните заменици ги именува регионалната изборна комисија.


(3) Политичките партии од членот 21 на овој закон, предлозите за членови на општинските изборни комисии и нивни заменици од ставовите (2) ,(3), (5) и (6), ги доставуваат и во случај кога член или негов заменик ќе поднесе оставка.


(4)Политичките партии предлозите од ставот 3 на овој член, ги доставуваат во рок од 48 часа по добивањето на известувањето од регионалната изборна комисија.


(5) Ако политичките партии не достават предлог во рокот утврден во ставовите (1) и (4) на овој член, членовите на општинската изборна комисија и нивните заменици ги именува регионалната изборна комисија во рок од 24 часа по истекот на времето за предлагање на кандидати.

Член 24

Претседателот и членовите на општинската изборна комисија и нивните заменици, имаат живеалиште на подрачјето на општината за која е формирана општинската изборна комисија.

Член 25

(1) Избирачки одбор се формира за секое избирачко место.


(2) Избирачките одбори се составени од претседател, четворица членови и нивни заменици.


(3) Претседателот на избирачкиот одбор и неговиот заменик по правило се дипломирани правници.


(4) Двајца членови на избирачкиот одбор и нивните заменици се именуваат по предлог на политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(5) Двајца членови на избирачкиот одбор и нивните заменици се именуваат по предлог на политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.


(6) Претседателите , членовите на избирачките одбори и нивните заменици ги именува општинската изборна комисија, најдоцна 20 дена пред денот определен за одржување на изборите.

Член 26

(1) Политичките партии од членот 25 на овој закон, предлозите за членови на избирачките одбори и нивните заменици од ставовите (4) и (5) ги предлагаат најдоцна 25 дена пред денот определен за одржување на изборите.


(2) Ако политичките партии не го достават предлогот во рокот утврден во ставот (1) од овој член, членовите на избирачките одбори и нивните заменици ги именува општинската изборна комисија.


(3) Претседателот на општинската изборна комисија именува нови членови на избирачкиот одбор и нивни заменици во случај на неоправдано напуштање на гласачкото место на членовите на избирачкиот одбор и нивни заменици за време на изборите со решение кое го доставува до членовите на комисијата.



Член 27


Одлуките за именување на регионалните изборни комисиии и општинските изборни комисии се објавуваат во "Службен весник на Република Македонија".

Член 28

(1) Органите за спроведување на изборите можат да работат и одлучуваат ако присуствува мнозинството од членовите.


(2) Органите за спроведување на изборите, одлуките ги донесуваат со мнозинство на гласови од вкупниот број членови, доколку со овој закон поинаку не е утврдено.


(3) Во случај на отсуство на член на Државната, регионалната или општинската изборна комисија, како и на член на избирачкиот одбор, во нивната работа на седниците учествуваат нивните заменици.

Член 29

(1) Претседателот, членовите на органите за спроведување на изборите, секретарите, како и нивните заменици не можат да бидат кандидати за пратеници.


(2) Ако претседателот, член на органот за спроведување на изборите, секретарот, како и нивни заменик, прифати кандидатура за пратеник, функцијата на председател, член, секретар односно заменик му престанува.

Член 30

(1) Претседателот и членовите на органите за спроведување на изборите својата функција ја извршуваат непристрасно, совесно и одговорно во согласност со надлежностите утврдени со овој закон.


Член 31

(1) Секој подносител на листа на кандидатите за избор на пратеници има право да определи претставник и негов заменик кои ќе ја следат работата на регионалната изборна комисија, општинската изборна комисија и на избирачкиот одбор од започнувањето на изборите с# до утврдувањето и објавувањето на резултатите.


(2) Подносителот на листата му издава овластување на претставникот и за тоа ги известува регионалната и општинската изборна комисија.


(3) Претставникот на подносителот на листата на седницата на регионалната изборна комисија, на општинската изборна комисија и на седницата на избирачкиот одбор, може да предупреди за неправилности во нивната работа и доколку не биде прифатено предупредувањето, може да побара тоа да биде внесено во записникот.

Член 32

Државната изборна комисија:

1. Се грижи за законитост во подготовките и спроведувањето на изборите и дава упатства;

2. Ги именува претседателите на општинските изборни комисии и нивните заменици;

3. Го именува составот на регионалните изборни комисии, дава упатства за нивното работење, појаснувања за примената на одредбите на овој закон и други закони кои се однесуваат на прашањата поврзани со изборите:

4. Определува единствени стандарди за изборниот материјал, обезбедува материјални услови и се грижи за нивно спроведување;

5. Пропишува обрасци за спроведување на изборите и ги објавува во "Службен весник на Република Македонија";

6. Го определува начинот на ракувањето и чувањето на изборниот материјал;

7. Ја утврдува формата, големината, бојата и сериските броеви на гласачките ливчиња;

8. Го организира печатењето на гласачките ливчиња и листите на кандидати

9. Го предава и прима изборниот материјал од и на регионалните изборни комисии;

10. Врши едукација на членовите на регионалните изборни комисии;

11. Ја информира јавноста за начинот на гласањето и за остварувањето на избирачкото право;

12. Донесува кодекс за правилата за набљудување на изборите на домашни и странски набљудувачи во согласност со меѓународните стандарди и им обезбедува исправи за идентификација;

13. Одлучува по приговори;

14. Ги утврдува резултатите од изборите;

15. Ги објавува вкупните резултати од спроведените избори за пратеници во Собранието во рок од три дена од денот на нивното одржување;

16. Поднесува извештај за спроведените избори до Собранието;

17. Издава уверенија на избраните пратеници;

18. Донесува правилник и упатство за надоместокот на членовите на изборните органи;

19.Поднесува финансиски извештај за спроведените избори до Собранието;

20. Ги врши работите утврдени со Законот за Избирачкиот список;

21.Го пропишува видот на средството со кој се обележуваат и проверуваат лицата кои гласале (УВ ламби, спреј и графитно перниче);

22.Го донесува актот за организација и систематизација на Секретаријатот на Државната изборна комисија;

23. Формира помошни тела за извршување на организационо-технички работи;

24. Ги објавува во дневниот печат описите на избирачките места и изборните единици и

25. Врши и други работи утврдени со закон.


Член 33


Регионалната изборна комисија:

1. Се грижи за законито спроведување на изборите во изборната единица;

2. Ги именува членовите на општинските изборни комисии и нивните заменици;

3. Ги потврдува и објавува листите на кандидати за избор на пратеници и со ждребка го утврдува нивниот редослед во гласачкото ливче;

4. Врши едукација на членовите на општинските изборни комисии:

5. Презема технички подготовки за спроведување на изборите според упатствата и инструкциите на Државната изборна комисија;

6. Ги информира граѓаните за начинот и техниката на гласање;

7. Ги евидентира овластените претставници за следење на работата на регионалните изборни комисии;

8. Ги предава и собира изборните материјали на и од општинските изборни комисии на начин утврден со овој закон;

9. Ги сумира резултатите од гласањето за листите на кандидати на ниво на изборна единица и целокупниот изборен материјал го доставува до Државната изборна комисија ;

10. Одлучува по приговори поради неправилности во работата на општинските изборни комисии;

11. Пополнува и доставува статистички податоци за потребите на Државниот завод за статистика на Република Македонија и

12. Врши и други работи.


Член 34

Општинската изборна комисија:

1. Се грижи за законито спроведување на изборите;

2. Го именува составот на избирачките одбори и дава упатство за нивното работење;

3. Ги огласува утврдените листи за кандидати;

4. Врши едукација на членовите на избирачките одбори ;

5. Презема технички подготовки за спроведување на изборите според упатствата и инструкциите на регионалните и Државната изборна комисија;

6. Ги информира граѓаните за начинот и техниката на гласањето;

7. Ги евидентира овластените претставници за следење на работата на општинската изборна комисија и на избирачките одбори;

8. Ги предава и собира изборните материјали на и од избирачките одбори на начин утврден со овој закон;

9. Го предава изборниот материјал на регионалната изборна комисија во рок од три часа по приемот на изборниот материјал од избирачките одбори; и

10. Врши и други работи.



Член 35


(1) Избирачкиот одбор непосредно раководи со гласањето на гласачкото место, обезбедува правилност и тајност на гласањето, обезбедува слободно и мирно одржување на гласањето , го сумира резултатот од гласањето на гласачкото место и го објавува на самото место каде што се спроведувало гласањето.


(2) Избирачкиот одбор за својата работа составува записник и заедно со изборниот материјал го доставува до општинската изборна комисија.

Член 36

(1) Собранието, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Државниот завод за статистика и Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија и нивните подрачни единици, се должни на органите за спроведување на изборите да им обезбедат технички и други услови за работа, како и кадровско екипирање за вршење на работите во секретаријатите од членот 14 став (4) и членот 18 став (3) на овој закон.

(2) За вршење на работите од ставот (1) на овој член, на органите им се обезбедуваат средства од Буџетот на Република Македонија.





III. ПРЕДЛАГАЊЕ НА КАНДИДАТИ


Член 37


(1) Предлагањето на кандидати за избор на пратеници се врши со поднесување на листа на кандидати.


(2) Кандидат за пратеник може да биде предложен само во една листа на кандидати.


(3) Во предложената листа на кандидати секој пол ќе биде застапен со најмалку 30%.

Член 38

Право да поднесат листа на кандидати имаат регистрираните политички партии самостојно, две или повеќе партии заедно, како и група избирачи (во натамошниот текст: подносител на листа).

Член 39

Кога подносител на листа на кандидати е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 500 потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица.

Член 40

(1) Потписите на избирачите во постапката на кандидирање се собираат пред органот надлежен за водење евиденција на избирачкото право на образец пропишан од Државната изборна комисија, кој содржи име и презиме, постојано живеалиште, професија, работно место и единствен матичен број на предложените кандидати, како и име и презиме и единствен матичен број на избирачот што го потпишува предлогот.


(2) Собирањето потписи пред органот надлежен за водење на евиденција на избирачкото право започнува петнаесеттиот ден од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена.


(3) Секој избирач својот потпис може да го даде само за една листа на кандидати.


(4) Избирачите што ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на изборната единица .

Член 41

Подносителот на листа може да поднесе само една листа на кандидати.

Член 42

(1) Листата на кандидати ја потпишува лично овластен претставник на подносителот на листата.


(2) Називот на листата се означува според името на подносителот на листата.


(3) Ако подносител на листата на кандидати е група избирачи, називот на листата се означува со "група избирачи".

Член 43

(1) Листата на кандидати се доставува до регионалната изборна комисија, најдоцна 40 дена пред денот на одржувањето на изборите.


(2) Листата на кандидати се поднесува на посебен образец кон кој се приложуваат потврда за регистрација од надлежниот суд и доказ за отворена жиро - сметка за изборна кампања.


(3) Кога подносител на листа на кандидат е група избирачи, мора да поднесе и потребен број на потписи согласно со членот 39 на овој закон.


(4) За секоја кандидатура е потребна писмена согласност (изјава) на кандидатот, која е неотповиклива.


(5) Листата на кандидати содржи толку кандидати колку што се избираат пратеници од изборната единица.


(6) Редоследот на кандидатите во листата на кандидати го утврдува подносителот на листата.

Член 44

(1) Регионалната изборна комисија веднаш по приемот на листите на кандидати утврдува дали тие се поднесени во определениот рок и дали се составени во согласност со одредбите на овој закон.


(2) Ако комисијата од ставот (1) на овој член утврди дека се направени одделни пропусти, односно неправилности, ќе ги повика подносителите на листите веднаш, но најдоцна во рок од 48 часа, да ги отстранат констатираните пропусти или неправилности.


(3) Ако комисијата од ставот (1) на овој член утврди дека листите се поднесени во определениот рок и се составени во согласност со одредбите на овој закон, односно констатираните пропусти и неправилности подносителите на листите ги отстраниле во рокот од ставот (2) на овој член, поднесените листи ќе ги потврди со решение во рок од 48 часа од приемот на листите.

Член 45

(1) Ако регионалната изборна комисија утврди дека листите се поднесени ненавремено, односно констатираните пропусти и неправилности подносителите на листите не ги отстраниле во рокот предвиден во членот 44 став (2) на овој закон, поднесената листа ќе ја отфрли со решение.


(2) Против решението на регионалната изборна комисија од ставот (1) на овој член, може да се поднесе приговор до Државната изборна комисија преку регионалната изборна комисија во рок од 24 часа од приемот на решението.


(3) Државната изборна комисија е должна да донесе одлука по приговорот во рок од 24 часа од приемот на приговорот.


(4) Против решението на Државната изборна комисија од ставот (3) на овој член, може да се поднесе жалба до Врховниот суд на Република Македонија, преку Државната изборна комисија во рок од 24 часа од приемот на решението.


(5)Врховниот суд на Република Македонија е должен да донесе одлука по жалбата во рок од 48 часа од приемот на жалбата.


(6) Доставувањето на приговори и жалби по пошта не е дозволено.


Член 46

(1) Регионалната изборна комисија со ждрепка ќе го утврди редоследот на листите на кандидати во гласачкото ливче.


(2) Регионалната изборна комисија, за активностите што ќе ги преземе во согласност со ставот (1) од овој член, задолжително претходно ги известува овластените претставници на подносителите на листите.


(3) Регионалната изборна комисија, утврдените листи веднаш ги доставува до Државната изборна комисија.


(4) Државната изборна комисија утврдените листи ќе ги објави во дневниот печат најдоцна 30 дена, пред денот определен за одржување на изборите.


(5) Општинските изборни комисии од членот 20 став (1) на овој закон, утврдените листи ќе ги огласат во избирачките места каде што се спроведуваат изборите.



IV. ИЗБОРНА КАМПАЊА

Член 47

(1) Политичка партија, две или повеќе политички партии заедно, или група избирачи чии листи на кандидати за избор на пратеници во Собранието, се потврдени од регионалната изборна комисија, имаат право да организираат изборна кампања (во натамошниот текст: организатори на изборната кампања).


(2) Организаторите на изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето за кандидатите за пратеници.


(3) Странски правни и физички лица не можат да организираат изборна кампања.

Член 48

(1) Изборната кампања започнува 30 дена пред денот определен за одржување на изборите и не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.


(2) Советот за радиодифузија е должен да ги следи програмите на електронските медиуми во Република Македонија, за времетраењето на изборниот молк и на денот на одржувањето на изборите.



(3) Советот за радиудифузија е должен веднаш по утврдувањето на неправилностите (агитирање, информации поврзани со изборната кампања, рекламни пораки со кои се врши претставување на партиски програми и партиски симболи) да го извести Министерството за транспорт и врски, односно Управата за телекомуникации.


(4) Управата за телекомуникации е должна веднаш по приемот на известувањето да донесе решение за одземање на радиостаницата на имателот кој ја направил неправилноста во траење од 48 часа.

Член 49

(1) За законитоста на спроведувањето на изборната кампања е одговорен организаторот на изборната кампања.


(2) Организаторот на изборната кампања е одговорен и за оние дејствија на изборната кампања за кои ќе овласти други лица.

Член 50

(1) Кандидатите имаат право, ако во времето на изборната кампања, односно во настапите или пропагандните известувања на одделни организатори на изборната кампања им се повредуваат правата (со попречување и оневозможување на кампањата на противкандидатите), веднаш да покренат постапка за заштита на своите права пред надлежниот основен суд.

(2) По барањето за заштита на правата, основниот суд ќе одлучи во рок од 72 часа од денот на поднесувањето на барањето.


(3) Против одлуката на основниот суд може да се изјави жалба во рок од 72 часа од денот на приемот на одлуката до надлежниот апелационен суд.


(4) Надлежниот апелационен суд одлучува во рок од 72 часа од денот на поднесувањето на жалбата.


(5) Правосилната одлука веднаш се објавува во јавните гласила.

Член 51

(1) Јавните гласила во Република Македонија, се должни под еднакви услови на нивните програми да обезбедат рамноправен пристап во претставувањето на изборните програми на кандидатите за пратеници, политичките партии и групите избирачи.


(2) Должината на траењето на изборното претставување, методите на рекламирање и условите за користење на програмското време , односно просторот во јавните гласила за претставување на кандидатите , политичките партии и групата избирачи и нивните програми се определуваат со одлука за правилата за рамноправен пристап во медиумско претставување.


(3) Одлуката за правилата за рамноправен пристап во медиумското претставување ја донесува Собранието по предлог на Советот за радиодифузија.


(4) Советот за радиодифузија е должен предлогот на одлуката од ставот (2) на овој член да ја достави до Собранието најдоцна 60 дена пред денот на одржувањето на изборите.


(5) Одлуката за правилата за рамноправен пристап во медиумското претставување се објавува најдоцна 40 дена пред денот определен за одржување на изборите.


Член 52


(1) Испитувањето на јавното мислење се објавува најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите.


(2) Кога се објавува испитување на јавното мислење за кандидатите, политичките партии и групата избирачи во изборната кампања, се наведува името на институцијата или раководителот на институцијата што го извршила истражувањето, датумот, методологијата, големината и структурата на примерокот и името на нарачателот кој го побарал испитувањето.




(3) Испитувањето на јавното мислење може да се врши на самиот ден на изборите, а резултатите да бидат објавени најрано непосредно по затворањето на избирачките места.

Член 53

Јавните гласила се должни кога објавуваат изборни пропагандни, известувања во информативниот дел на својата програма , да наведат дека се работи за платен оглас.

Член 54

Јавните гласила, чиј основач е Собранието, имаат обврска без надоместок во соработка со Државната изборна комисија да ги информираат граѓаните за начинот и техниката на гласањето.

Член 55

(1) Изборни плакати е дозволено да се истакнуваат без надоместок на места што ги утврдува општината, односно Градот Скопје.


(2) Општината и Градот Скопје имаат обврска да ги обележат местата од ставот (1) на овој член, за секој подносител на листи поодделно.


(3) Општината и Градот Скопје може да утврдат и дополнителни места за истакнување на изборни плакати со надоместок.


(4) Дел од средствата од ставот (3) на овој член општината и Градот Скопје, непосредно по завршувањето на изборите, се должни да ги искористат за отстранување на сметот направен за време на изборната кампања.


(5) Општината и Градот Скопје, се должни да ги објават условите за добивање право за користење на местата за истакнување изборни плакати, најдоцна 50 дена пред одржувањето на изборите.


(6) Општината и Градот Скопје, се должни да обезбедат еднакви услови за сите организатори на изборната кампања при истакнувањето на плакати на утврдените места.


(7) Изборни плакати можат да се истакнуваат и на станбени или други приватни објекти, со претходна согласност од сопственикот на објектот.


(8) Не е дозволено истакнување на плакати од кампањата на објектите каде се наоѓа гласачкото место или просторијата каде што се спроведува гласањето.

Член 56

(1) Уништување на изборни плакати или лепење плаката врз плаката на други организатори на изборната кампања е забрането.


(2) Организаторот на изборната кампања е должен во рок од 30 дена по завршувањето на изборите да го отстрани сметот од плакатите.

Член 57

(1) Предизборните собири се јавни.


(2) За одржување на редот на собирите одговара организаторот.

Член 58

Организаторот на изборната кампања за организирање на предизборен собир на јавни места и на места каде што се одвива јавен превоз, писмено го известува Министерството за внатрешни работи, преку неговата подрачна единица, најдоцна 48 часа пред денот на одржувањето на собирот.

Член 59

(1) Предизборните собири не смеат да се одржуваат во воени објекти, верски објекти, болници, домови за стари лица, училишта, детски градинки и други јавни институции.


(2) По исклучок, на организаторите може да им биде дозволено да одржуваат предизборни собири во просториите на училишта, или културни центри, доколку во општината нема друг објект за да се одржи собирот.


(3) Дозволата за одржување предизборни собири ја дава одговорното лице на установата под еднакви услови за сите организатори на изборната кампања.


(4) За потребите на изборната кампања не е дозволено да се користат просториите, опремата или другиот имот што е наменет за работа на државните органи и органите на општината и Градот Скопје.


(5) По исклучок, можат да се користат просториите на органите од ставот (4) на овој член, доколку во местото не постојат никакви други соодветни простории за потребите на изборната кампања.


(6) Дозволата ја дава одговорното лице на органот под еднакви услови за сите организатори на изборната кампања.



V. ФИНАНСИРАЊЕ НА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА

Член 60

(1) Организаторот на изборната кампања задолжително отвора жиро-сметка со назнака "за изборна кампања", најмалку 35 дена пред денот определен за изборите, врз основа на издадена потврда од Државната изборна комисија за поднесена листа на кандидати.


(2) Кога организатор на изборната кампања е група избирачи, потписник на жиро -сметката е овластениот претставник на подносителот на листата.


(3) Организаторот на изборната кампања на жиро-сметката од ставот (1) на овој член , ќе ги депонира сите средства добиени од правни или физички лица за финансирање на изборната кампања.


(4) Сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на жиро сметката за изборна кампања.


Член 61


(1) Организаторот на изборната кампања е должен да поднесе финансиски извештај за изборната кампања.


(2) Финансискиот извештај за изборната кампања содржи податоци за вкупниот износ на средствата и направените трошоци.


(3) Финансискиот извештај се доставува до Собранието најдоцна три месеци од денот на завршувањето на изборите.


(4) Организаторот на изборната кампања на група избирачи, вишокот од собраните средства ќе го подари во добротворни цели.

Член 62

Изборната кампања не смее да се финансира од:

- средства од Буџетот на Република Македонија, освен средствата определени во членот 64 на овој закон;

- средства од буџетите на општините и Градот Скопје;

- средства од јавни претпријатија и установи;

- средства од здружение на граѓани, верски заедници, религиозни групи и фондации;

- средства од странски влади, меѓународни институции, органи и организации на странски држави и други странски лица и

- средства од претпријатија со мешовит капитал, каде доминантен сопственик е странски вложувач .

Член 63

При финансирањето на изборната кампања, организаторот на изборната кампања може да потроши најмногу 15 денари по запишан избирач во изборната единица за која има поднесено листа на кандидати.

Член 64

(1) Право на надоместок на трошоци за избори имаат организаторите на изборната кампања од чии листи на кандидати се избрани пратеници во висина од 15 денари по добиен глас.


(2) Надоместокот на трошоците за избори ќе се исплати од Буџетот на Република Македонија, најдоцна во рок од три месеци по поднесувањето на финансискиот извештај за изборната кампања.


(3) Кога подносител на листата на избраниот пратеник се две или повеќе политички партии, средствата меѓу нив се делат на еднакви делови, освен ако поинаку не се договориле.


(4) Надоместокот на трошоците за избори се определува со одлука на Собранието .

Член 65

Државната изборна комисија ќе донесе решение за поништување на изборот на кандидати за пратеници на политичка партија, две и повеќе партии заедно, односно група избирачи ако со правосилна пресуда се утврди дека во текот на изборната кампања користеле средства стекнати од извршени казниви дела.







VI. СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ

Член 66

(1) Граѓаните за одржувањето на изборите се известуваат преку јавен повик и истакнување плакати на видни места .


(2) Известувањето од ставот (1) на овој член, го вршат регионалните и општинските изборни комисии.



1. Изборен материјал


Член 67


Изборниот материјал за спроведување на изборите за пратеници се состои од:

- кутии за гласање и паравани;

- обрасци на записници;

-блок со гласачки ливчиња според изводот од Избирачкиот список;

- листи на кандидати;

- потврден извод од Избирачкиот список ;

- средства за обележување и проверка на лицата кои гласале (УВ ламба, спреј и графитно перниче) и

- друг материјал потребен за гласање.

Член 68

(1) Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на регионалните изборни комисии најдоцна во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите.


(2) За предавањето на изборниот материјал се составува записник во кој треба посебно да се наведе вкупниот број на гласачки ливчиња со сериските броеви и потребниот број листи на кандидати што се истакнуваат во просториите за гласање.

Член 69

(1) Регионалните изборни комисии, изборниот материјал го предаваат на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 62 часа пред денот определен за одржување на изборите.


(2) За предавањето на изборниот материјал се составува записник во кој треба посебно да се наведе вкупниот број на гласачки ливчиња со сериските броеви и потребниот број листи на кандидати што се истакнуваат во просториите за гласање.

Член 70

(1) Општинската изборна комисија е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите да го предаде изборниот материјал на избирачките одбори.


(2) За предавањето на изборниот материјал од општинската изборна комисија на избирачките одбори се составува записник во кој треба да се наведе вкупниот број на гласачки ливчиња со сериските броеви и друг материјал потребен за гласање.


(3) Во записникот за преземање на изборниот материјал, избирачкиот одбор констатира дали просторијата во која ќе се гласа ги исполнува условите предвидени за гласање.


(4) Записникот го потпишуваат претседателот и членовите на избирачкиот одбор и членот на општинската изборна комисија, кој го предава материјалот.


(5) Ако присутните претставници на подносителите на листи имаат забелешки за предавањето на изборниот материјал, тие имаат право да бараат забелешките да бидат евидентирани во записникот, и само така евидентираните забелешки можат да се истакнуваат во приговорите и да бидат предмет на оценка во жалбената постапка.


(6) Ако на присутните претставници на подносителите на листи не им бидат евидентирани забелешките од ставот (5) на овој член во записникот, имаат право забелешките да ги достават до општинската изборна комисија во рок од пет часа по потпишувањето на записникот.


2. Гласачко ливче

Член 71

(1) Гласачкото ливче содржи:

1) назив на гласачкото ливче и број на изборната единица;

2) реден број, име и симбол (ако го има) на подносителот на листата;

3) име и презиме на носителот на листата и

4) сериски број на гласачкото ливче во делот кој останува на кочанот на блокот.


(2) Ако има носители на листа со исто име и презиме, тогаш се наведува и почетната буква на нивното средно име.


(3) Називот на гласачкото ливче го содржи бројот на изборната единица и знамето на Република Македонија.


(4) Името на подносителот на листата и името и презимето на носителот на листата се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо.


(5) За припадниците на другите заедници, името на подносителот и името и презимето на носителот на листата се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на заедницата на која тие припаѓаат.


(6) Упаството за гласање не е дел од гласачкото ливче, Упатството се истакнува на видно место на гласачкиот параван и на други видни места на гласачките места во согласност со Упатството издадени од Државната изборна комисија. Упатството е печатено на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазиците и писмата на другите заедници наведени во Преамбулата на Уставот на Република Македонија.



3. Спроведување на гласањето

Член 72

За секое избирачко место се определува местото на кое се врши гласањето (во натамошниот текст: гласачко место).

Член 73

(1) Гласањето започнува во 7,00 часот и трае непрекинато до 19,00 часот.


(2) Во 19,00 часот гласачкото место се затвора, а на избирачите кои се затекнале во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат.


(3) Избирачкиот одбор може да го затвори гласачкото место и пред истекот на рокот од ставот (1) на овој член, ако гласале сите избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список.

Член 74


(1) По затварањето на гласачкото место, полицијата го обезбедува објектот во кој е сместено гласачкото место и избирачкиот одбор и ги отстранува сите неовластени лица од објектот.


(2) Полицијата го обезбедува избирачкиот одбор до предавање на записникот и изборниот материјал на општинската изборна комисија , ако е тоа побарано од страна на избирачкиот одбор.

Член 75

(1) Претседателот и членовите на избирачкиот одбор најдоцна еден час пред почетокот на гласањето се собираат во просторијата за гласање и утврдуваат:

- дали просторијата е во истата состојба како што ја оставиле на денот пред изборите;

- дали изборниот материјал е во иста состојба, како што бил на денот пред изборите и

- дали гласачката кутија е празна.


(2) Избирачкиот одбор составува записник за утврдената состојба, кој го потпишуваат претседателот и членовите на одборот.


(3) Забелешките на претседателот и членовите на избирачкиот одбор се констатираат во записникот.


(4) Ако присутните претставници на подносителите на листите имаат забелешки, тие имаат право да бараат забелешките да бидат евидентирани во записникот, и само така евидентираните забелешки можат да се истакнуваат во приговорите и да бидат предмет на оценка во жалбената постапка.


(5) Ако забелешките на присутните претставници на подносителите на листите од ставот (4) на овој член не им бидат евидентирани во записникот, имаат право забелешките да ги достават до општинската изборна комисија во рок од пет часа по потпишувањето на записникот.

Член 76

(1) Избирачкиот одбор се грижи за одржување на редот и мирот на гласачкото место.


(2) Избирачкиот одбор може да го отстрани секое лице кое го нарушува редот и мирот на гласачкото место .


(3) Објектот во кој е сместено гласачкото место за време на спроведување на гласањето го обезбедува полиција.


(4) Избирачкиот одбор може да побара помош од полицијата за воспоставување ред на гласачкото место.


(5) Никој не смее да дојде на гласачкото место вооружен, освен полицијата во случајот предвиден во ставовите (3) и (4) на овој член.

Член 77

(1) Избирачкиот одбор може да го прекине гласањето, ако на гласачкото место се наруши редот с# додека тој не се воспостави.


(2) Гласањето може да се прекине и во случај на временски непогоди или други вонредни околности.


(3) Избирачкиот одбор ќе го прекине гласањето ако објектот во кој е сместено гласачкото место не го обезбедува полиција, а за тоа имало потреба или ако таа е повикана и не се одѕвала на повикот.


(4) Избирачкиот одбор ќе го преќине гласањето и во случаите кога полицијата не може да го одржува редот на гласачкото место и не се придржува кон одредбите на овој закон.


(5) Ако гласањето е прекинато подолго од еден час, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.


(6) Ако прекинот траел подолго од три часа, гласањето ќе се повтори.


(7) Причините за прекинот на гласањето и времето за кое гласањето морало да се прекине се внесуваат во записникот.


Член 78


(1) Претставниците на подносителите на листите, доколку имаат забелешки на работата на избирачкиот одбор за време на гласањето, можат да укажат на неправилностите, со цел тие да бидат отстранети.


(2) Дадените забелешки писмено се евидентираат во записникот, и само така евидентираните забелешки можат да се истакнуваат во приговорите и да бидат предмет на оцена во жалбената постапка.


(3) Ако забелешките од ставот (2) на овој член на претставниците на подносителите на листи не се евидентирани во записникот, тие имаат право да ги достават до општинската изборна комисија во рок од пет часа по потпишувањето на записникот.

Член 79

(1) Претседателот, членовите на регионалните изборни комисии, општинските изборни комисии и избирачките одбори и нивните заменици, како и претставниците на подносителите на листи и набљудувачите за време на гласањето и на местото на гласањето не смеат да носат ознаки или симболи на политичка партија или кандидат.


(2) На денот на изборите не е дозволена изборна кампања.


(3) Во објектот и просторијата каде што се изведува гласањето и во нејзина близина во радиус од 100 метри, избирачкиот одбор во соработка со надлежните органи е должен да ги отстрани пропагандните материјали.






4. Начин на гласање


Член 80


(1) Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Македонија.


(2) Гласање за друго лице е забрането, освен во случаите предвидени во членот 85 од овој закон.

Член 81

(1) Избирачите пристапуваат да гласаат еден по еден. Еден од членовите на избирачкиот одбор проверува дали избирачот е на соодветното место.


(2) Кога избирачот пристапува да гласа избирачкиот одбор утврдува со употреба на ултравиолетовата ламба за проверка, дали гласачот има небришлив белег на палецот на десната рака, при тоа проверувајќи го и ноктот на палецот на избирачот .


(3) Кога избирачот пристапува да гласа избирачкиот одбор го проверува неговиот личен идентитет.


(4) Личниот идентитет избирачот го докажува со лична карта или патна исправа.


(5) Избирачкиот одбор, по утврдувањето на идентитетот на избирачот го заокружува неговиот реден број во изводот од Избирачкиот список и избирачот го става својот потпис , а ако е неписмен става отпечаток од десниот показалец. Ако избирачот нема десен показалец, тој ќе стави отпечаток од неговиот лев показалец, а доколку нема ни лев показалец, не се става отпечаток.


(6) По идентификацијата, избирачот добива гласачко ливче и му се обележува со невидливо мастило за обележување на палецот на десната рака, односно палецот на левата рака, доколку нема палец на десната, при тоа внимавајќи мастилото да го опфати и ноктот на палецот. Ако избирачот нема палец на двете раце нема да се врши обележување.

Член 82

(1) Гласањето се врши со едно гласачко ливче.


(2) Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед и му се дава на гласачот, на начин што серискиот број останува на кочанот.


(3) На избирачот му се објаснува начинот на гласање и му се дозволува да гласа.

Член 83

Избирачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број на подносителот на листата за којашто се определил да гласа и гласачкото ливче преклопено го става во кутијата за гласање .

Член 84

(1) Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа, за тоа ќе ја извести општинската изборна комисија најдоцна три дена пред денот определен за гласање.


(2) Известувањето од ставот (1) на овој член може да се даде и преку полномошник.


(3) Избирачкиот одбор на лицето од ставот (1) на овој член, ќе му овозможи да гласа во неговиот дом или во болницата каде што се наоѓа еден ден пред одржувањето на изборите на начин со кој се обезбедува тајноста на гласањето.


(4) Избирачкиот одбор за гласањето од ставот (3) на овој член, обезбедува посебна кутија за гласање која се носи празна во домот, односно болницата каде што се наоѓа избирачот.


(5) Гласањето од ставот (3) на овој член избирачкиот одбор го внесува во записникот.


(6) За денот и часот на гласањето од ставот (3) на овој член, претседателот на општинската изборна комисија писмено ги известува претставниците на подносителите на листите.

Член 85

(1) Избирачот кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со овој закон, има право со себе да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето.


(2) Ако избирачот од ставот (1) на овој член не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на избирачите.


(3) Лицето кое ќе му помага на друго лице при гласањето не смее да биде од редот на членовите на избирачкиот одбор, претставниците на подносителите на листите или набљудувачите.


(4) Едно исто лице може да помогне при гласањето најмногу на двајца избирачи од ставот (1 ) на овој член.


(5) Избирачкиот одбор на лицето од ставот (3) на овој член ќе му укаже дека со неговата помош не треба да влијае врз одлуката на избирачот.


(6) Гласањето од ставот (1) на овој член избирачкиот одбор го внесува во записникот.

Член 86

(1) Избирачите кои на денот на гласањето не се во местото на своето живеалиште поради отслужување на воениот рок или се на воена вежба, гласаат во воената единица, организацијата, установата или единицата.


(2) Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, гласаат во казнено-поправните домови.


(3) Општинската изборна комисија е должна веднаш по добивањето на списоците на избирачите од ставовите (1) и (2) на овој член да ги достави на воените единици, организациите, установите, единицата, како и до казнено-поправните домови каде што избирачите се на отслужување на воениот рок или се на воена вежба, односно на издржување казна затвор или се во притвор.


(4) За избирачите од ставовите (1) и (2) на овој член, изборите ги спроведува избирачкиот одбор од најблиското избирачко место, еден ден пред денот определен за гласање, а за гласањето се известуваат и претставниците на подносителите на листите заради нивно присуство на гласањето.


(5) За гласањето од ставот (4) на овој член, избирачкиот одбор составува посебни записници.


(6) Записниците и изборниот материјал по завршувањето на гласањето се доставуваат до соодветните општински изборни комисии.



5. Сумирање на резултатите од гласањето на

гласачките места

Член 87

Резултатите од гласањето на гласачкото место се утврдуваат на тој начин што:

- се пребројуваат неупотребените гласачки ливчиња, и се ставаат во посебен плик кој се затвора, запечатува и врз него се запишува бројот на избирачкото место и вкупниот број на неупотребените ливчиња;

- се утврдува вкупниот број на избирачи што гласале и ставиле потпис, или само отпечаток од запишаните во изводот од Избирачкиот список;


- се отвора гласачката кутија и се пристапува кон пребројување на гласовите;


- со ждрепка се определува еден член кој ќе ги вади и отвора гласачките ливчиња едно по едно од гласачката кутија и ќе му ги предава на претседателот на избирачкиот одбор;


- гласачкото ливче се покажува на сите членови на избирачкиот одбор, на присутните претставници на подносителите на листите и на набљудувачите;


- избирачкиот одбор утврдува дали гласачкото ливче е важечко или не и за која листа е гласано и


- се регистрира дадениот глас , а гласачкото ливче се става на соодветно место и се пристапува кон вадење ново ливче од гласачката кутија.

Член 88

(1) Гласачкото ливче е важечко доколку е заокружено на начин предвиден во членот 83 од овој закон.

(2) За важечко гласачко ливче се смета и она гласачко ливче од кое на сигурен и недвосмислен начин може да се утврди за која листа на кандидати избирачот гласал.


(3) Гласачкото ливче е неважечко доколку не е пополнето или има заокружено повеќе листи на кандидати.

Член 89

(1) Избирачкиот одбор составува записник за својата работа.


(2) Во записникот за гласањето се внесуваат податоци за резултатите од гласањето и тоа: редниот број на избирачкото место, времето на започнувањето и на заклучувањето на гласањето; вкупниот број на избирачи во избирачкото место според изводот од Избирачкиот список; вкупниот број на избирачи кои гласале; вкупниот број на гласачки ливчиња ставени во гласачката кутија; вкупниот број на ливчиња што не се ставени во гласачката кутија и вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња и вкупниот број гласови кои ги добила секоја листа на кандидати одделно.


(3) Во записникот се внесуваат и евентуалните забелешки дадени од членовите на избирачкиот одбор.

Член 90


(1) Записникот го потпишуваат претседателот и членовите на избирачкиот одбор.


(2) Записникот е важечки ако е потпишан од мнозинството членови на избирачкиот одбор.


(3) Претседателот на избирачкиот одбор треба да ги наведе причините за непотпишување на записникот од член на одборот.


(4) Ако записникот не е потпишан од мнозинството членови на избирачкиот одбор, записникот го составува и потпишува општинската изборна комисија, врз основа на целокупниот изборен материјал.


(5) Доколку присутните претставници на подносителите на листите имаат забелешки, тие имаат право забелешките да бидат евидентирани во записникот, и само така евидентираните забелешки можат да се истакнуваат во приговорите и да бидат предмет на оцена во жалбената постапка.


(6) Ако забелешките на претставниците на подосителите на листите од ставот (5) на овој член не се евидентирани во записникот, тие имаат право да ги достават до оптинската изборна комисија во рок од пет часа од составувањето (потпишувањето) на записникот.


Член 91

(1) Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до општинската изборна комисија, во рок од пет часа по завршувањето на гласањето.


(2) Примерок од записниците добива секој претставник на подносителот на листата.


(3) Избирачкиот одбор веднаш по завршувањето на дејствијата од ставовите (1) и (2) на овој член, ги објавува и истакнува сумираните резултати од извршеното гласање на гласачкото место.


(4) Изборниот материјал до општинската изборна комисија го доставува претседателот на избирачкиот одбор во придружба на заинтересирани членови на избирачкиот одбор, или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.


(5) Изборниот материјал до регионалната изборна комисија го доставува претседателот на општинската изборна комисија во придружба на заинтересирани членови на општинската изборна комисија или претставници на подносителите на листите, три часа по добивањето на изборниот материјал од избирачкиот одбор, во придружба на припадници на полицијата.


(6) За предавањето на материјалот од ставовите (1) и (5) на овој член се составува посебен записник.



6. Сумирање на резултатите од гласањето во изборната единица

Член 92

Регионалната изборна комисија во рок од пет часа од приемот на целокупниот изборен материјал од општинските изборни комисии ги сумира резултатите од гласањето за листите на кандидати од избирачките места на изборната единица за која е надлежна .

Член 93

(1) За својата работа регионалната изборна комисија составува записник.


(2) Во записникот за гласањето се внесуваат податоци за сумираните гласови од гласањето, и тоа редниот број на избирачките места во изборната единица, вкупниот број на избирачи за тие избирачки места запишани во изводите од Избирачкиот список, вкупниот број на избирачи што гласале, вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња и вкупниот број на гласови што ги добила секоја листа на кандидати на ниво на изборна единица.


(3) Во записникот се внесуваат и евентуалните забелешки дадени од членовите на регионалната изборна комисија.


Член 94


(1) Записникот го потпишуваат претседателот и членовите на регионалната изборна комисија.


(2) Записникот е важечки ако е потпишан од мнозинството членови на регионалната изборна комисија.


(3) Претседателот на регионалната изборна комисија треба да ги наведе причините за непотпишување на записникот од член на комисијата.


(4) Ако записникот не е потпишан од мнозинството членови на регионалната изборна комисија, записникот го составува и го потпишува Државната изборна комисија, врз основа на целокупниот изборен материјал.


(5) Ако присутните претставници на подносителите на листите имаат забелешки, тие имаат право нивните забелешки да бидат евидентирани во записникот, и само така евидентираните забелешки можат да се истакнуваат во приговорите и да бидат предмет на оценка во жалбената постапка.


(6) Ако забелешките на претставниците на подносителите на листите од ставот (5) на овој член не се евидентирани во записникот, тие имаат право да ги достават до Државната изборна комисија во рок од пет часа од составувањето (потпишувањето) на записникот.




(7) Примерок од записникот добива и секој претставник на подносителот на листата.

Член 95

Регионалната изборна комисија записниците за својата работа и целокупниот изборен материјал ги доставува до Државната изборна комисија во рок од осум часа од приемот на изборниот материјал.



7. Утврдување на резултатите од гласањето во изборните единици


Член 96


(1) Државната изборна комисија ги утврдува вкупните резултати од гласањето во изборните единици.


(2) Државната изборна комисија резултатите од гласањето ги утврдува врз основа на записниците со сумираните резултати од регионалните изборни комисии и целокупниот изборен материјал.


(3) Државната изборна комисија резултатите ги утврдува поодделно за секоја изборна единица, според бројот на вкупните гласови што ги добиле листите на кандидати одделно врз основа на сумираните резултати од регионалните изборни комисии за изборната единица.


(4) Утврдувањето на резултатите од изборите се врши со примена на Де Хондт-овата формула.


(5) По утврдувањето на вкупниот број дадени гласови за тој број на кандидати во изборната единица (таканаречена избирачка маса), секоја листа поодделно се дели со низот делители 1,2, 3, 4 итн. се додека не с# распределат според определениот принцип сите пратенички места во изборната единица.


(6) Количниците од делењето од ставот (5) на овој член, се редат по големина при што се релевантни онолку најголеми количници колку што се избираат пратеници во изборната единица.


(7) Листата на кандидати добива толкав број на пратенички места колку што има најголеми количници од бројот на количниците од ставот (6) на овој член.


(8) Ако во доделувањето на последното пратеничко место се јават два идентични количника, мандатот се доделува со ждрепка.


(9) При распределбата на пратеничките места за избрани се сметаат онолку кандидати колку што места добила листата.


(10) Од листата на кандидати се избрани кандидатите наведени во листата според утврдениот редослед.

Член 97

(1) Државната изборна комисија за утврдувањето на резултатите од гласањето во изборната единица составува записник поодделно за секоја изборна единица.


(2) Во записникот се внесуваат податоци за резултатите од гласањето, и тоа:

- вкупниот број на избирачки места;

- вкупниот број на избирачи запишани во изводите од избирачкиот список за изборната единица;

- вкупниот број на избирачи што гласале;

- вкупниот број на неважечки ливчиња;

- вкупниот број гласови што ги добила секоја листа на кандидати поодделно;

- бројот на добиени пратенички места од листата на кандидати и

- името и презимето на избраните кандидати.


Член 98


(1) Државната изборна комисија првичните резултати од изборите за пратеници ги објавува во рок од 24 часа по завршувањето на изборите.

(2) Државната изборна комисија ги објавува вкупните резултати од изборите за пратеници во Собранието во рок од три дена од денот на нивното одржување.

Член 99

(1) Изборите се сметаат за завршени по конечноста на резултатите за избор на сите 120 пратеници.


(2) Државната изборна комисија на избраниот пратеник му издава уверение за изборот.


VII. ПОНИШТУВАЊЕ И ПОВТОРУВАЊЕ

НА ГЛАСАЊЕТО

Член 100

(1) Државната изборна комисија со решение го поништува гласањето на гласачкото место во следниве случаи:

-ако е нарушена тајноста на гласањето;

- ако гласањето било прекинато подолго од три часа и

-ако полицијата не одговорила на барањето за интервенција од страна на избирачкиот одбор според членовите 74,76, и 77 од овој закон, а за тоа имало потреба и влијаело врз спроведувањето на гласањето на избирачкото место.


(2) Државната изборна комисија со решение ќе го поништи гласањето на гласачкото место и во случаите;

- ако бројот на гласачките ливчиња во гласачката кутија е поголем од бројот на избирачите што гласале, а тој број влијае на резултатите од гласањето на ниво на изборна единица и

- ако некое лица или лица гласале за други лица(лице), а бројот на тие гласови влијае на резултатите од гласањето на ниво на изборна единица.


(3) Против решението од ставовите (1) и (2) на овој член, може во рок од 24 часа да се поднесе жалба до Врховниот суд на Република Македонија преку Државната изборна комисија.


(4) Врховниот суд на Република Македонија е должен да постапи по жалбата во рок од 48 часа по нејзиниот прием.


(5) Гласањето на гласачкото место кое е поништено ќе се повтори по 14 дена од денот на гласањето.




VIII. ПРЕСТАНУВАЊЕ НА МАНДАТОТ

И ДОПОЛНИТЕЛНИ ИЗБОРИ

Член 101

(1) На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако:

- поднесе оставка;

- е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години;

- настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник;

- по негово барање му престане членството во партијата;

- изјави дека преминува во друга политичка партија;

- во случај на смрт и

- со правосилно решение е лишен од деловна способност.


(2) Ако пратеникот поднесе оставка, Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот од денот на одржувањето на таа седница.


(3) Мандатот на пратеникот му престанува со денот на настанувањето на условите од ставот (1) алинеи 2, 3, 4, 5, 6 и 7 на овој член, а Собранието тоа го констатира на првата наредна седница.

Член 102

(1) Ако на пратеник кој е избран од листата на кандидати му престане мандатот според еден од основите утврдени во членот 101 на овој закон, тогаш за остатокот од мандатот, пратеник на Собранието станува наредниот кандидат од листата.


(2) Државната изборна комисија го известува наредниот кандидат од листата во случаите од ставот (1) на овој член, во рок од три дена од престанокот на мандатот на пратеникот.


(3) Ако наредниот кандидат од листата од ставот (2) на овој член не ја извести Државната изборна комисија во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат од листата.


(4) Во случај кога е исцрпена листата на кандидати согласно со одредбите од ставовите (1), (2) и (3) на овој член, остварувањето на ова право започнува повторно од почетокот на листата на кандидати, доколку на листата има кандидати.


Член 103


Ако на листата на кандидати нема кандидати и ако се исцрпени основите за стекнување мандат на пратеник утврдени во членот 102 на овој закон , се распишуваат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која е избран пратеникот.



IX. СРЕДСТВА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ


Член 104


(1) Собранието по предлог на Државната изборна комисија пред распишувањето на изборите донесува финансиски план со кој се утврдуваат трошоците за спроведување на изборите и надоместоците на членовите на органите за спроведување на изборите.


(2) Средствата за спроведување на изборите се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и со нив располага Државната изборна комисија.


(3) Од средствата наменети за изборите две третини служат за покривање на трошоците поврзани со изборните дејствија на органите за спроведување на изборите.


(4) Една третина од средствата за спроведување на изборите служи за покривање на дел од трошоците што ги направиле организаторите на изборната кампањата чии кандидати се избрани за пратеници.



X. ЗАШТИТА НА ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО

Член 105

(1) Постапката за заштита на избирачкото право е итна.


(2) Поднесоците (приговорите и жалбите) за заштита на избирачкото право се доставуваат до надлежните органи преку органите кои претходно одлучувале.


(3) Второстепените одлуки на надлежните органи се конечни.

Член 106

(1) Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдувањето на резултатите од гласањето има право да поднесе приговор до Државната изборна комисија.


(2) Приговорот од ставот (1) на овој член се поднесува во рок од 48 часа по констатирањето на неправилностите.


(3) Државната изборна комисија е должна во рок од 48 часа по приемот на приговорот да донесе решение.


(4) Против решението на Државната изборна комисија може да се поднесе жалба до Врховниот суд на Република Македонија, во рок од 48 часа од приемот на решението.


(5) Жалбата се поднесува преку Државната изборна комисија.

Член 107

(1) Секој избирач или секој подносител на листа на кандидати, ако констатира неправилности во постапката за избор, може да поднесе приговор до регионалната изборната комисија во рок од 48 часа.


(2) Регионалната изборна комисија е должна во рок од 48 часа од приемот на приговорот да донесе решение.


(3) Против решението на регионалната изборна комисија може да се поднесе жалба до надлежниот апелационен суд во рок од 48 часа по приемот на решението, преку Регионалната изборна комисија.


Член 108


(1) Врховниот суд на Република Македонија и апелационите судови по жалбите решаваат во совет од петмина судии избрани по пат на ждрепка.


(2) Врховниот суд на Република Македонија и апелационите судови се должни да донесат одлука во рок од 48 часа по приемот на жалбата.


(3) Врховниот суд на Република Македонија и апелационите судови можат да ја потврдат или преиначат одлуката.



XI. НАБЉУДУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ

Член 109

(1) Изборите и изборната постапка можат да ги набљудуваат:

- регистрираните домашни и странски здруженија на граѓани во Република Македонија и регистрираните здруженија на странски земји во чии статути се вклучуваат начелата на демократија и заштита на човековите права;

- меѓународни организации и

- претставници на странски земји .


(2) Државната изборна комисија ја утврдува процедурата за вршење на набљудувачката мисија.


Член 110


(1) Организациите и лицата од членот 109 на овој закон, можат да вршат набљудување по добивањето овластување од Државната изборна комисија.


(2) Барањата за набљудување со потребните исправи за идентификација се доставуваат до Државната изборна комисија од денот на распишувањето на изборите, а најдоцна десет дена пред денот на гласањето.


(3) Државната изборна комисија им издава овластувања на набљудувачите најдоцна седум дена по приемот на барањето.


(4)Државната изборна комисија има право да им го одземе овластувањето за набљудување на субјектите од членот 109 на овој закон, ако започнат да изразуваат поддршка за некој кандидат или партија.



XII. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ

Член 111

За спречување на изборите и гласањето; за повреда и злоупотреба на избирачкото право; за повреда на слободата на определувањето на избирачите; за поткуп при изборите и гласањето; за уништување на изборните исправи и за извршена изборна измама, сторителот ќе се казни според одредбите на Кривичниот законик.

Член 112

Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок лицето кое учествува во изборната кампања со својата униформа (член 7 од овој закон).

Член 113

(1) Со парична казна од 200.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок политичка партија, која не се придржува до рокот од членот 48 став (1) на овој закон.


(2) Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок од ставот (1) на овој член и кандидат или друго физичко лице за дејствијата од ставот (1) на овој член.

Член 114

Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок физичко лице кое ја попречува и оневозможува кампањата (член 50 од овој закон).

Член 115

(1) Со парична казна од 200.000 до 300.000 денари ќе се казни јавно гласило:

- кое нема да обезбеди рамноправно претставување на кандидатите за пратеници, политичките партии, групата избирачи и на нивните програми од членот 51 став (1) на овој закон;

- кое нема да ги прифати и објави навреме правилата од членот 51 став (2) на овој закон;

- кое ќе го објави истражувањето на јавното мислење во период од пет дена пред денот на гласањето од членот 52 став (1) на овој закон и

- ако го објави изборното пропагандно известување без наведување дека се работи за платен оглас од членот 53 на овој закон.


(2) Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок и одговорниот уредник за дејствијата од ставот (1) на овој член.

Член 116

Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок:

- одговорниот уредник на јавното гласило кој ќе го објави истражувањето на јавното мислење за кандидатите без да ги наведе податоците од членот 52 став (2) и

- одговорниот уредник на јавното гласило ако го објави изборното пропагандно известување, без објавување на нарачателот (член 52 став (2) од овој закон).


Член 117


Со парична казна од 40.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок одговорното лице на општината, односно Градот Скопје ако не утврди места за лепење на плакати без надоместок и не изврши нивно обележување за секој подносител на листи поодделно (член 55 од овој закон).

Член 118

Со парична казна од 40.000 до 50.000 денари ќе се казни организаторот на изборната кампања, ако во рокот утврден во членот 56 став (2) не го отстрани сметот од плакатите .

Член 119

Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок физичко лице кое врши уништување на изборни плакати или лепење плаката преку друга плаката на организатор на изборна кампања на места определени за нивно истакнување (член 56 став (1) од овој закон).

Член 120

Со парична казна од 200.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок политичка партија, која:

- нема да го пријави изборниот собир најдоцна 48 часа пред неговото одржување и

-го организира собирот спротивно на членовите 58 и 59 од овој закон.

Член 121

Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок одговорното лице на надлежниот државен орган, верска заедница или јавна институција која на организаторот на изборната кампања ќе му дозволи организирање на предизборни собири спротивно на членот 59 од овој закон.

Член 122

(1) Со парична казна од 200.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок политичка партија која нема да поднесе извештај за финансирање на изборната кампања од членот 61 на овој закон, односно кога за финансирање на изборната кампања се користени средства согласно со членот 62 од овој закон.


(2) Со парична казна од 200.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок политичка партија, доколку во изборната кампања потроши повеќе финансиски средства отколку што е утврдено во членот 63 од овој закон.


(3) Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни и одговорното лице на политичката партија за дејствијата од ставовите (1) и (2) на овој член.

Член 123

Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок лицето од членот 79 став (1) на овој закон, ако во времето и местото на гласањето носи ознака или симбол на политичка партија или кандидат.



Член 124


(1) Со парична казна од 40.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок физичко лице кое гласа за повеќе лица или гласа во име на друго лице, како и за спречување на присуство на полицијата, ако за тоа имало потреба (членови 74, 76, 77и 80 од овој закон).


(2) Со парична казна од 40.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок службено лице (полицаец), кој ќе ја злоупотреби својата положба и ќе предизвика неред на гласачкото место (членови 74 и 77 од овој закон ).



XIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 125

(1) На првите наредни избори кандидатите за членови на Државната изборна комисија, регионалните изборни комисии, општинските изборни комисии и избирачките одбори и нивните заменици од членот 13 ставови (1) и (4) , членот 17 ставови (2) и (5), членот 21 ставови (2) и (5) и член 25 став (4) на овој закон ги предлагаат политичките партии во опозиција.

(2) За политички партии во опозиција се сметаат двете политички партии, кои до изборот на Владата на Република Македонија на 13 мај 2001 година немале членови во Владата, а кои влегоа во Владата на Република Македонија која се избра на 13 мај 2001 година , а на последните избори за пратеници добиле најмногу гласови на пропорционалната листа според извештајот на Државната изборна комисија за утврдување на резултатите, усвоен од Собранието.

(3) На првите наредни избори кандидатите за членови на Државната изборна комисија, регионалните изборни комисии, општинските изборни комисии и избирачките одбори и нивните заменици од членот 13 ставови (2) и (5) , членот 17 ставови (3) и (6), членот 21 ставови (3) и (6) и членот 25 став (5) на овој закон ги предлагаат политичките партии на власт.

(4) За политички партии на власт се сметаат двете политички партии, кои имале членови во Владата на Република Македонија пред изборот на Владата на Република Македонија на 13 мај 2001 година , а влегоа во Владата на Република Македонија која е избрана на 13 мај 2001 година и кои на последните избори за пратеници добиле најмногу гласови на пропорционалната листа според извештајот на Државната изборна комисија за утврдување на резултатите, усвоен од Собранието.

Член 126

(1) На наредните избори за пратеници во Собранието, внатрешно раселените лица во земјата ќе гласаат според правилата утврдени во членот 86 од овој закон.

(2) Именувањето на претседателот, членовите на Државната изборна комисија и нивните заменици, ќе се изврши најдоцна во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(3) Именувањето на претседателот, членовите на регионалните изборни комисии, и нивните заменици, ќе се изврши најдоцна во рок од 50 дена пред денот определен за одржување на изборите.

(4) Именувањето на претседателот, членовите на општинските изборни комисии и нивните заменици, ќе се изврши најдоцна во рок од 40 дена пред денот определен за одржување на изборите.

(5) Политичките партии од членот 21 на овој закон, предлозите за членови на општинските изборни комисии и нивните заменици од ставовите (2), (3), (5) и (6), ги утврдуваат и ги доставуваат до регионалната изборна комисија во рок од пет дена од денот на добивањето на известување од регионалната изборна комисија.


Член 127

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија ("Службен весник на Република Македонија" број 24/98 и 50/99) .

Член 128

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија".