Совети

Среда, 2 септември 2015 година

ЈАВНА РАСПРАВА ПО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА 

Националниот совет за евроинтеграции заедно со Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија денеска одржаа јавна расправа по Предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е дел од Анексот 2 кој е составен дел на Мислењето на Националниот совет за евроинтеграции за усвојување на правото на Европската унија во текот на 2015 година, кое Советот со консензус го усвои на седницата одржана на 12 март годинава.

Предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата го образложи државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, г-ѓа Анастасија Илиевска. Во излагањето, г-ѓа Илиевска истакна дека јасно утврдената и декларирана цел на Република Македонија за интегрирање во Европската унија како и создавањето услови за примена на европските стандарди во националното законодавство, го отвори прашањето за усогласување на одредени прашања од областа на сообраќајот на патиштата. Целта на донесување на новиот закон е надминување на одредени недоследности од досегашната примена на законот како и заради усогласување со правото на ЕУ од соодветната област. Со Предлог-законот се врши усогласување со  Директивата на Советот од 16 декември 1991 година за приближување на законодавството на земјите-членки за задолжителна употреба на сигурносни појаси во возила со тежина помалку од 3,5 тони (91/671/ЕЕЗ), со Директивата на Европскиот парламент и Советот 2003/20/ЕЗ  од 8 април 2003 година за изменување на Директивата на Советот 91/671/ЕЕЗ за приближување на законите на земјите-членки во однос на задолжителна употреба на сигурносните појаси во возила со тежина помалку од 3, 5 тони, како и со Директивата 2006/126/ЕЗ на Европскиот парламент и Советот од 20 декември 2006 година за возачки дозволи. Новиот предлог-закон е резултат на мултисекторски пристап и сеопфатна анализа во која биле консултирани низа засегнати страни. Централната улога при подготовката на законот ја имала комисија формирана од министерот за внатрешни работи, во чиј состав учествувале претставници од стручни организациски единици од министерството. Подготовката на законот траела една година, а како заинтересирани страни биле консултирани: Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, овластени испитни центри и автошколи, градот Скопје, Министерството за локална самоуправа, единиците на локалната самоуправа, Јавното претпријатие за државни патишта, Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда, Секретаријатот за законодавство, Министерството за финании и др.

На јавната расправа со свои мислења, предлози, забелешки и коментари учествуваа: Стојче Стаменковски претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Благоја Мартиновски и Ленин Јовановски од Мотоциклистичка федерација на Македонија, Ранко Станојковски од Автомобилистичка федерација на Македонија, Влатко Ѓуроски од Автомото сојуз на Македонија, Јонче Апостоловски од Национално здружение на автошколи и возачи-инструктори, и пратениците Нола Исмајлоска Старова, Роза Топузова Каревска, Павле Трајанов и Андон Чибишев. Во дискусиите беше поздравено донесувањето на нов закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, истиот е особено значаен бидејќи секој граѓанин е засегнат од законот. Беше укажано на потребата за допрецизирање и подобрување на одредени решенија од Предлог-законот со цел да се обезбеди квалитетен закон како и негова ефикасна примена во праксата.


 
 извештај                стенографски белешки 

Click