Совети

Четврток, 24 декември 2015 година

ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ''ИТНИТЕ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ ЗА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА''

Националниот совет за евроинтеграции денеска организираше јавна расправа по "Итните реформски приоритети за Република Македонија'' документ на Европската комисија од јуни 2015 година. Итните реформски приоритети кои треба да се исполнат од страна на Република Македонија се однесуваат на следните области: владеење на правото и фундаменталните права, деполитизацијата на јавната администрација, слободата на изразување и изборната реформа.

На јавната расправа беа поканети претседателите и членовите на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика и Мешовитиот парламентарен комитет РМ и ЕУ, Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, Комисијата за надзор над работата над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа, Министерството за одбрана, претставници од институции како и организации на граѓанското општество кои работат во областа на европските интеграции. Воедно присуствуваа и претставници од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и од амбасади на земји-членки на ЕУ во Република Македонија.

Свое обраќање имаше г.Фатмир Бесими, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски интеграции, при што истакна дека Итните реформски приоритети се тесно поврзани со двата документи кои Европската комисија ги усвои неодамна - Стратегијата за проширување на ЕУ и Извештајот за Република Македонија за 2015 година. Владата на Република Македонија со засилено темпо работи на зголемување на степенот на реализација на препораките од Итните реформски приоритети кои се и предуслов за непречено организирање на парламентарани избори во 2016 година. Секретаријатот за европски прашања со цел непосредно да се запознае со статусот на реализација на активностите поврзани со Итните реформски приоритети, започнат е процес на остварување на институционални посети при што остварена е посета на Министерството за информатичко општество и администрација како и Министерството за внатрешни работи, а ќе следат посети на Државната изборна комисија, Министерството за правда, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители. 

На јавната расправа беа изнесени мислења и ставови во однос на владеењето на правото и судството, парламентарниот надзор над следењето на комуникациите, регулаторните, контролни и надзорни тела, антикорупциските политики, деполитизацијата на јавната администрација, изборната реформа, слободата на изразување, како и за препораките на Комисијата за испитување за настаните во Собранието од 24 декември 2012 година.

Со свои мислења, предлози и коментари учествуваа: г-ѓа Лидија Димова претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Ермира Махмети, претседател на Комисијата за европски прашања, г. Димитар Стевананџија член на Националниот совет за евроинтеграции, г. Горан Мисовски претседател на Комисијата за надзор над работата над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите, г. Суад Мисини од Истражувачкиот центар за граѓанско општество, г. Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите, г. Бојан Маричиќ од Македонски центар за европско образование, г-ѓа Фани Каранфиловска Паневска од Фондација отворено општество-Македонија, г-ѓа Билјана Бејкова од НВО Инфо центар и г. Миша Поповиќ од Институт за демократија "Социетас цивилис".


  извештај               стенографски белешки

Click