Совети

Понеделник, 23 ноември 2015 година

ЈАВНА РАСПРАВА ЗА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Националниот совет за евроинтеграции денес организираше јавна расправа за Стратегијата за проширување на Европската унија. Целта на организирањето на јавната расправа беше важноста на среднорочниот стратешки документ за политиката на проширување на ЕУ кој го опфаќа периодот на мандатот на Европската комисија и особено имајќи го предвид новиот воведен пристап во годишното известување за напредокот. 

На јавната расправа беа поканети и присуствуваа претседателите и членовите на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика и Мешовитиот парламентарен комитет РМ и ЕУ, претставници од институции и организации на граѓанското општество кои работат во областа на европските интеграции. На јавната расправа присуствуваа и претставници од амбасадите на земјите членки на ЕУ во Република Македонија и од амбасадите на земјите од процесот на проширување на ЕУ.

На јавната расправа се обрати г.Фатмир Бесими, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања. И покрај предизвиците со кои во моментот се соочува Европската унија, добра вест е што проширувањето продолжува да биде на агендата на Европската комисија. Препораките од Извештајот за Република Македонија за 2015 година, се земени предвид во Акцискиот план за реализација на итните реформски приоритети, чии мерки и активности ќе продолжат редовно да се следат.

Во Пакетот на документи за проширување 2015, кој ја вклучува Стратегијата за проширување на ЕУ и извештаите за 2015 година на земјите кандидати за членство во Унијата како и на земјите потенцијални кандидати, Европската комисија воведе нова методологија и зајакнат пристап во проценката на постигнатиот напредок. Посебно внимание во Стратегијата се посветува и на регионалната соработка преку Берлинскот процес и приоритетите од агендата за поврзаност.

Во Стратегијата за проширување на ЕУ, дадени се заклучоци и препораки за Република Македонија како и клучните наоди од Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2015, од апсект на политичките и економските критериуми, и способноста за преземање на обврските од членството во Унијата. 

На јавната расправа со свои мислења, предлози и коментари учествуваа: г-ѓа Лидија Димова претседател на Национален совет за евроинтеграции, г-ѓа Ермира Мехмети претседател на Комисијата за европски прашања и член на Национален совет за евроинтеграции, д-р Димитар Мирчев член на Советот претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Мерал Узеири Ферати член на Национален совет за евроинтеграции, г.Кенан Хасипи копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет РМ и ЕУ и член на Национален совет за евроинтеграции, г. Васко Ковачевски член на Национален совет за евроинтеграции и г.Бојан Маричиќ претставник од Македонскиот центар за европско образование.

Во дебатата беше истакнато дека Стратегијата за проширување на ЕУ ги става земјите од регионот во систем на споредување, но сепак останува индивидуалниот пристап, односно оценување на постигнатиот напредок. Клучни области во кои Европската комисија очекува напредок во Република Македониja се: продолжување на реформите во правосудството и јавната администрација, имплементацијата на законодавството, целосно спроведување на препораките од "Итните реформски приоритети на ЕК", да се подобри целокупното проектирање, транспарентност и спроведувањето на буџетот, како и да се преземат решителни чекори кон решавање на прашањето за името. 

По завршувањето на јавната расправа, Националниот совет за евроинтеграции ја одржа Осмата седница со единствена точка на дневен ред - Усвојување на заклучоци од јавната расправа по Стратегијата за проширување на ЕУ. Имајќи ги предвид мислењата, предлозите, препораки и коментарите кои беа изнесени на јавната расправа, Националниот совет за евроинтеграции на денешната Осма седницата , со консензус усвои заклучоци.

  извештај               усвоени заклучоци                    записник                       стенографски белешки                 стенографски белешки    

Click