Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок, 5 февруари 2016 година

ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ''УЛОГАТА НА ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР ВО ПРОЦЕСОТ НА ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА''

Националниот совет за евроинтеграции вчера организираше јавна расправа за "Улогата на граѓанскиот сектор во процесот на европска интеграција на Република Македонија". На јавната расправа беа поканети претседателите и членовите на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика и Мешовитиот парламентарен комитет РМ и ЕУ, како и претставници од државни институции, општините и голем број на организации на граѓанското општество. На јавната расправа присуствуваа претставници од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и од амбасади на земји-членки на ЕУ во Република Македонија.

На јавната расправа се обрати г. Фатмир Бесими, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски интеграции, при што информираше дека Владата на редовна основа ги консултира граѓанските организации за значајни теми поврзани со нивното општествено делување. Непобитен факт, истакна г. Бесими, е дека Владата како никогаш до сега не била потранспарентна во својот однос со граѓанските организации. Секретаријатот за европски прашања воспоставува  системски пристап за постојан дијалог со граѓанските организации. Остварени се циклуси на средби со граѓанските организации за различни теми: за Извештајот на Европската комисија за Република Македонија, за националните програми за усогласување  со европското законодавство како и за ИПА проектите.  Во консултација со граѓанските организации изготвени се и документи кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво и истите се консултирани и за утврдување на приоритетите од ИПА II. Заради поголема инклузивност на граѓанскиот сектор на веб- страната на Секретаријатот за европски прашања, воспоставен е регистар за граѓански организации, за прашањата поврзани со европските интеграции и ИПА проектите. Во моментот биле регистрирани над 80 граѓански организации. 

Со свои мислења, предлози и коментари на јавната расправа учествуваа: г-ѓа Лидија Димова претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г.Кенан Хасипи, г-ѓа Солза Грчева членови на Националниот совет за евроинтеграции,  г.Димитар Мирчев  член на Советот и претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, г.Томислав Тунтев пратеник и заменик-член на Комисијата за надворешна политика, г.Живко Митревски од Сојузот на синдикати на Македонија, како и претставници од граѓанските организации: г-ѓа Ана Чоловиќ Лешоска и г-ѓа Невенка Смилевска од "Еко-свест", г.Александар Николов од Асоцијација на развојни иницијативи "Зенит", г.Александар Јовановски од Институтот за европски политики, г.Андреа Стојковски од Македонскиот центар за европско образование, г.Суад Мисини од Истражувачкиот центар за граѓанско општество, г.Миша Поповиќ од Институт за демократија "Социетас цивилис", г.Александар Гавриловски од здружение "Иницијатива" од Прилеп, г-ѓа Савка Тодоровска од Националниот совет на жени на Македонија, г.Благој Шаклевски претседател на Комисијата за меѓународна соработа и евроинтеграции при општина Битола и г.Александар Гочев од "План 4Д". 

Дел од учесниците на јавната расправа укажаа на подобрениот пристап на Владата кон граѓанските организации, што се должи на заложбите од страна на заменик претседателот на Владата задолжен за европски интеграции г.Фатмир Бесими.

На јавната расправа беа изнесени различни мислења и ставови во однос на улогата и статусот на граѓанскиот сектор, за одредбите од Законот за здруженија и фондации кои ја уредуваат оваа област, за потребата од потранспарентен однос на институциите кон граѓанскиот сектор особено во процесот на креирање на политиките, потребата за дестигматизирање на невладините организации. Во излагањата на учесниците се потенцираше и потребата за зајакната соработка на граѓанските организации особено на локално ниво, потребата од економска независност и самоодржливост на организациите, децентрализација на целите и овозможување поединецот да учествува во креирање на општествените политики, потребата за демонополизација на изворите на финансирање, за интердисциплинарен пристап во дејствувањето на невладините организациии и утврдување на областите на делување.

Во дискусијата беа изнесени и различни толкувања и сфаќања што воопшто  претставува невладиниот сектор, а стана збор и за репрезентативноста на невладините организации и потребниот легимитетот да се биде дел од овој сектор, потребата за  формирање на Национален фонд за финансирање, потребата за поголема комуникација и соработка  со Собранието на Република Македонија, за значењето и активностите на лоби групите и тинк-тенк организациите, експертизата на невладиниот сектор, финансирањето од странски донатори,  за политичкиот дијалог во процесот на пристапување кон ЕУ,  даночните олеснувања, како и за подобрување на  процесот на донесување на закони. 

 извештај           стенографски белешки 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.