Андов Стојан
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Роден е 1935 година во Кавадарци, Република Македонија. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет.
Бил потпретседател на Републичкиот извршен совет, член на македонската делегација во Соборот на републиките и покраините и член на федералната влада во три мандати, каде се забележува неговата улога на преговарач во контактите на поранешна Југославија со експертите на ЕЕЗ (1971-1987 г.). Се смета за извонреден познавач и експерт на економските прашања, како и политичар ориентиран кон пазарната економија. Бил амбасадор на поранешна Југославија во Ирак (1987-1991 година).
Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше Либералната партија до спојувањето со поранешната ДП 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираниот политички субјект. По обновувањето на Либералната партија на Македонија, беше избран за член на нејзиниот Извршен комитет. Избиран е за потпретседател на Либералната интернационала.
На првите повеќепартиски избори 1990 година, беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и стана Претседател на Собранието во јануари 1991 година.
На вторите повеќепартиски избори 1994 година, повторно беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и за Претседател на Собранието - должност што ја извршуваше до март 1996 година.
Беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и на последните избори (1998 година). Како пратеник, претседател е на Комисијата за монетарна и кредитна политика и банкарство на Собранието на Република Македонија.
Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори 1999 година.
На 30 ноември 2000 година беше избран за Претседател на Собранието на Република Македонија.
Бошков Јордан
Член на Либералната партија.
До 26.11.2001 година бил член на ВМРО-ДПМНЕ и бил член на повеќе комисии во рамките на Партијата (статутарна, за надворешна политика, за односи со странство, за иселеништво).
Роден 1956 година во Скопје, РМ. Македонец. Завршил Електротехнички факултет. Работел како електроинженер во Радиодифузија и во Машиноградба Скопје. Добро го знае германскиот, рускиот и англискиот јазик, а се служи со францускиот и полскиот јазик. Бил пратеник во Собранието на РМ во мандатниот период од 1991 до 1994 година. Живее во Скопје.
СЛОБОДАН ДАНЕВСКИ
Член на ЛП. Роден 1957 година во Свети Николе, РМ. Македонец. Завршил Електротехнички факултет. Раководител на Автоматската телефонска централа - Свети Николе. Се служи со англискиот, рускиот и германскиот јазик. Бил пратеник во Собранието на РМ во мандатниот период од 1994 до 2002 година. Живее во Свети Николе.