Совети

Четврток, 18 март 2010 година

Тринаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на седницата расправаше за Повеќегодишната спогодба за финансирање 2007 - 2010 од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за Петтата компонента - рурален развој.

На седницата во својство на претставник на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија присуствуваше г-ѓа Емануел Гиенеф, раководител на оперативни работи 2. Во обраќањето беше изнесено дека се ценат досегашните вложени напори на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Министерството за финансии, а спроведувањето на финансиската помош ќе претставува уште поголем предизвик.

Резиме на Повеќегодишната спогодба за финансирање даде министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Љупчо Димовски. Спогодбата ќе се ревидира на годишна основа за да се земат предвид износите предвидени во мултииндикативниот плански документ, соодветно на измените и дополнувањата на секторската спогодба. Во изминатиот период Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вршело интензивни комуникации со сите асоцијации и здруженија на земјоделци, со цел да се оствари широка и ефикасна информираност на земјоделците, за поволностите од користењето на средствата од 5-та Компонента на ИПА. Како резултат на кампањата, до 17 март 2010 година до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој биле поднесени 120 апликации. Владата на Република Македонија донела одлука со која ИПАРД Агенцијата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се задолжени да извршат дополнителни консултации и средби со деловните банки, за потпишување на посебен меморандум за прифаќање на бизнис-плановите доставени од страна на апликантите до ИПАРД Агенцијата. На овој начин треба да се олесни процесот на добивање на кредити од деловните банки, а ќе се разговара и за олеснување, или намалување на каматите на средствата, кои ќе се користат за финансирање на трошоците за реализација на проектите. ИПАРД Агенцијата е задолжена да воспостави непосредна соработка со Агенцијата за катастар, со цел на сите апликанти во електронска форма да им се достават имотните листови.

Во расправата на седницата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на Националниот совет за евроинтеграции, г. Александар Кржаловски претставник на Граѓанска платформа на Македонија, г. Ѓоко Данилов претставник од Федерацијата на фармерите во Македонија, г. Ефтим Шаклев претставник од Асоцијацијата на земјоделци, г. Вељо Тантаров претставник  од Сојузот на земјоделци, г. Зоран Даневски претседател на Агробизнис комора и г-ѓа Габриела Мицева, претставник од Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој.

дневен редзаписник

Click