Совети

Понеделник, 26 април 2010 година

Четиринаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на седницата ја разгледа и со консензус ја усвои Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2010 година за периодот од 01.01. до 31.03.2010 година, изготвена од Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија.

На седницата присуствуваа претставниците на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, г. Патрик Паке, раководител на Одделот за политика и информации и г-ѓа Марина Курте, политички советник во Делегацијата на ЕУ и г-ѓа Ингрид Свенсон, втор секретар во амбасадата на Кралството Шведска. 

Во презентацијата на Информацијата, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, г.Васко Наумовски, информираше дека целта на подготвениот материјал е редовно да се информира Собранието на Република Македонија и Националниот совет за евроинтеграции за степенот на спроведување на НПАА во изминатите три месеци, согласно заклучоците усвоени на Националниот совет и Комисијата за европски прашања. Информацијата на најдобар начин ја потврдува посветеноста и ангажманот на Владата на Република Македонија во исполнувањето на критериумите и обврските коишто произлегуваат од членството во Унијата, како и во создавањето на солидна почетна позиција за почеток на претпристапните преговори. Според НПАА, во текот на 2010 година предвидени се да се донесат 106 закони, од кои 43 закони се усвоени од страна на Владата на Република Македонија, 33 закони се донесени од Собранието на Република Македонија и истите се објавени во „Службен весник на Република Македонија“. Во собраниска процедура се 10 предлог-закони, додека 15 закони се во владина процедура или во фаза на меѓуресорска консултација. Во однос на динамиката на усвојување на подзаконските акти, донесени и објавени во „Службен весник на Република Македонија“ се вкупно 58 акти, додека  дополнителни 41 акти се наоѓаат во владина постапка или во фаза на меѓуресорска консултација.

Во расправата на седницата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на Советот, г. Тито Петковски, г. Петар Поп Арсов и г. Кенан Хасипи, пратеници и членови на Советот, г. Димитар Мирчев, член на Советот и претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, г. Александар Кржаловски, претставник од Граѓанската платформа на Македонија и г-ѓа Љубица Нури, претставник од Стопанската комора на Македонија.

На седницата, Советот ги усвои заклучоците од јавната расправа по Предлог-законот за здруженија и фондации, јавната расправа по Предлог-законот за јавните службеници и од јавната расправа на тема „Обновливи извори на енергија“ .

Советот расправаше и за прашањето за учеството на заинтересираните невладини организации на јавните расправи кои ги организира Советот, како и за следењето на работата на Советот, и со консензус усвои заклучоци.

дневен редизвестувањезаписник

Click