Совети

Петок, 25 јуни 2010 година

Петнаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на седницата расправаше за Европската интеграција на Република Македонија по Европскиот совет одржан на 17 јуни 2010 година.

Потпретседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања г. Васко Наумовски укажа дека и со следното Белгиско претседателство со Европската унија, процесот за проширувањето ќе остане на агендата на ЕУ, процесот на проширување нема да запре, со тоа вратите на Унијата за нови членки вклучително и за Република Македонија, ќе останат отворени. И по состанокот на Европскиот совет од 17 јуни 2010 година, Владата на Република Македонија ќе продолжи да ги исполнува критериумите за членство во Унијата. Стратешката определба на Владата и на другите општествени фактори е непроменета, членството на Република Македонија во ЕУ останува врвен приоритет. Република Македонија останува заинтересирана да се најде заемно прифатливо решение за спорот со името на државата, кое нема да нанесе штета на националните интереси.  

Во обраќањето пред Националниот совет за евроинтеграции, Министерот за надворешни работи на Република Македонија г. Антонио Милошоски истакна дека на последниот состанок на Европски совет, Република Македонија како држава кандидат за членство во ЕУ, беше сосема политички и административно подготвена да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, што беше и верификувано со минатогодишниот Извештај на Европската комисија. На следниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација кој ќе се одржи на 20 јули 2010 година, уште еднаш ќе се потврдат реформските заложби на Република Македонија, да се унапреди дијалогот и да се зголеми мотивацијата на општеството кај сите политички и институционални чинители за продолжување на евроинтеграцијата на државата. Неповолноста на одлуката на Европскиот совет не е резултат на недостаток на македонскииот учинок и влог во реформите, туку е недостаток на подготвеност на една земја членка од ЕУ да го даде својот конструктивен придонес во постигнувањето на консензус, потребен за Република Македонија да добие политички верификувана одлука за започнување на пристапните преговори со ЕУ. 

На седницата свое обраќање имаше Н.Е. Хосе Мануел Паз Агуерас, амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија. Амбасадорот изрази целосна поддршка за евроинтеграциите на Република Македонија и изрази надеж за што поскоро приклучување на земјата во европското семејство.

Во расправата на седницата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа:  г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции,  г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на  Националниот совет за евроинтеграции,  г-ѓа Флора Кадриу, г. Тито Петковски, г. Петар Поп Арсов и   г. Џевад Адеми, пратеници и  членови на Советот, г. Димитар Мирчев член на Советот и претставник од кабинетот на Претседателот на Република Македонија и г. Живко Митревски претставник  на Сојузот на синдикати на Македонија.

 дневен ред записник

Click