Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок, 21 јануари 2011 година

Деветнаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на денешната седница ја разгледа Националната програма за усвојување на правото на ЕУ - ревизија 2011 година.

На седницата на Советот присуствуваа Н.Е. г. Ференц Кекеши амбасадор на Република Унгарија во Република Македонија, Н.Е. г. Дариуш Карол Бахура, амбасадор на Република Полска во Република Македонија и г-ѓа Марина Курте, претставник од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Националната програма ја претстави г. Васко Наумовски, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања. 

Ревизијата на НПАА 2011 е четврта ревизија по ред, усвоена од Владата на Република Македонија на 28 декември 2010 година. Основните цели на овогодишната ревизија на НПАА се: адресирање на наодите и препораките од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година; обврските кои произлегуваат од ССА; препораките од линиските директорати на Европската комисија; опфаќање на препораките од Комитетот за стабилизација и асоцијација и поткомитетите одржани во текот на 2010 година; препораките од одржаните технички состаноци и оценски мисии со соодветните структури на ЕУ; среднорочните приоритети од Партнерството за пристапување како и ревидирање на корпусот на европското законодавство. Во 2011 година предвидено е да се донесат 62 закони и усвојување на околу 400 подзаконски акти, односно усогласување со вкупно 524 ЕУ мерки.

Во расправата на седницата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г. Петар Поп Арсов, г. Александар Спасеновски и г-ѓа Флора Кадриу, пратеници и членови на Советот, г. Димитар Мирчев  член на Советот и претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија и г. Александар Кржаловски, претставник од Граѓанската платформа на Македонија.

Националниот совет за евроинтеграции заклучи сугестиите од расправата по Националната програма да се достават до Владата на Република Македонија.

На седницата Советот усвои Мислење за усвојување на правото на ЕУ во текот на 2011 година. 

На истата седница беше усвоен Извештајот за работата на Националниот совет за евроинтеграции за периодот јули-декември 2010 година како и Планот за активности на Националниот совет за евроинтеграции за реализација во текот на 2011 година.

дневен ред

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.